Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ е за прашање на кое го знае одговорот


Илустрација- гласање на избори
Илустрација- гласање на избори

Најверојатно в понеделник Собранието ќе го распише референдумот, а дотогаш опозицијата и власта ќе се обидат да се договорат околу референдумското прашање. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вели дека има две опции.

Високи владини извори се скептични за остварување на првичната најава дека в сабота Собранието ќе го распише референдумот. Сега како опција се споменува понеделник, кој е и краен рок ако се остане на идејата референдумот поврзан со Договорот за името да се одржи на 30 септември.

Во меѓувреме, очекувањата се дека и викендов ќе продолжат разговорите со опозицијата за отворените теми - најкрупната од нив референдумското прашање. ВМРО-ДПМНЕ со него го поврзува и нивниот однос кон референдумот и тоа како ќе ги повикаат нивното членство и симпатизери да се изјаснат.

Ако референдумското прашање е тоа што го кажа премиерот Зоран Заев, односно „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, тогаш тоа е апсолутно манипулативно, вели во интервјуто на Радио Слободна Европа Александар Николоски, потпретседател на опозициската партија. Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на едноставно и еднозначно прашање без во него да се споменуваат Европската унија и НАТО.

„Имаме две претпоставени ситуации - ако е едноставно прашањето, во тој случај на референдумот ќе бидеме апсолутно против и ако е повеќезначно прашањето, во тој случај ние прво ќе се обидеме да им објасниме на граѓаните за да не бидат изманипулирани, а потоа заеднички ќе го донесеме ставот во комуникација со граѓаните“, вели Николоски.

Тој на неколкуте прашања поврзани со позиционирањето на партијата на референдумот засега не го споменува бојкотот како опција. Членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и други граѓани по социјалните мрежи веќе се организираат во различни групи и повикуваат на бојкот.

Други партиски структури, пак, како на пример заменик генералниот секретар Петар Богојески преку медиумите повикува „да не се откажуваме од правото на непосредна одлука и истата да не ја пренесуваме на парламентарната сувереност“. Првиот човек на партијата Христијан Мицкоски, слично како и Николоски се чини останува воздржан.

„Партијата не може да заземе став сè додека референдумот не е закажан и не се знае прашањето. Сè спротивно на тоа е несериозно, а секако дека партијата ќе има став и нема да остане без став. Второ, ВМРО-ДПМНЕ има 170 илјади членови и е демократска партија, а со промена на раководство ние и стимулираме членовите да си го искажат своето мислење и ќе продолжиме да ги стимулираме нашите членови и во рамките на партиските форуми и во јавноста да си го кажуваат своето мислење“, вели Николоски.

Инаку, според Законот за референдум „од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во Службениот весник на Република Македонија до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена“. Ова значи дека ако в понеделник Собранието не го распише референдумот, тогаш тој ќе мора да се одложи за наредната недела односно да се одржи на почетокот на октомври.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG