Достапни линкови

Консултации за прашањето за референдумот


Лидерска средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, БЕСА, Билал Касами
Лидерска средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, БЕСА, Билал Касами

Од СДСМ велат дека во наредните денови продолжуваат консултациите за дефинирање на прашањето за референдумот и неговото распишување во Парламентот. Дали ќе има договор, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека зависи од премиерот. Експертите, пак, очекуваат партиите да постигнат договор за прашањето, пред сè поради граѓаните.

По формирањето на ДИК од СДСМ велат дека ќе има консултации меѓу политичките партии за спроведување на референдумот, а од ВМРО-ДПМНЕ дека договорот зависи од премиерот Зоран Заев. Референдумот, како што најави Заев, ќе се одржи на 30 септември и изрази уверување оти Парламентот до 30 јули ќе донесе одлука за негово распишување. Тој изрази подготвеност дека референдумот може да се спроведе и без опозицијата доколку не се постигне договор.

Заев на една од лидерските средби посочи дека можното референдумско прашање е - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името. Но, тоа не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ која бара прашањето да се однесува само на Договорот за името.

По усвоените измени на законите, следно треба да се дефинира прашањето за референдумот и потоа и да се распише во Собранието на Република Македонија. Следните денови ќе се одвиваат консултации на овие теми“, соопштуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има можност за консултации, но нема конкретни датуми.

Дали ќе има договор зависи единствено од тоа дали ќе преовладува искреноста и разумот на Заев. Засега немаме нови најави од СДСМ за нова лидерска средба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ја отфрли можноста за нови лидерски средби, туку консултациите продолжуваат меѓу парламентарните партии. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека договореното прашање мора да биде прецизно, концизно и јасно.

„Онаа што е важно е да се договорат барем оние основни постулати околу тоа како треба да изгледа прашањето и што да биде вклучено во него. Суштината на референдумското прашање треба да биде договорената промена на името во Северна Република Македонија со евентуално додавање на ЕУ и на НАТО интеграциите како потсетување дека тоа се прави со таа цел. Но, тоа не може да биде основата на прашањето“, смета Божиновски.

Според него, доколку има политичка волја кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може да се постигне договор.

Ако има некаков предлог да се излезе со контра предолг па нека се најдат на половина пат, но не е ова политички договор во кој треба да бидат задоволени и едната и другата партија. Ова е сепак прашање кое најмногу ги засега граѓаните на Република Македонија и мора методолошки да биде исправно“, додава тој.

Приближување во ставовите на партиите имаше околу тоа како да биде спроведен референдумот. Заев порача дека тој е за консултативен референдум.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG