Референдумското прашање или барањето за амнестија е причината поради која партиските лидери не постигнаа договор на последната средба? Премиерот Зоран Заев инсистира дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги прикрие неговите вистински намери, односно барањето за амнестија без кое нема да се постигне договор. Мицкоски ги негира таквите тврдења и изјави дека неговата партија бара референдумското прашање да се однесува само на Договорот за името со Грција. Тие претходно постигнаа согласност за Законот за финансирање на политичките партии и измените во Законот за Влада со кои се предвидува техничка влада пред избори по пржинскиот модел кои беа услов на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на ДИК.
Можното решение за прашањето, кое го најави Заев е, - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека по договорот на лидерската средба за откочување на формирањето на ДИК се потврдило оти Мицкоски не инсистира на амнестија. Според него, суштината на референдумското прашање треба да биде најпрвин договорот за името со додавање на ЕУ и на НАТО интеграциите како услов дека тоа се прави со таа цел. Тој смета дека, ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ се во право.
„Зошто да нема прашање коешто ќе биде доволно јасно и ги инкорпорира и НАТО и ЕУ. Значи на пример прашањето - Дали сте за промена на уставното име во Република Северна Македонија и другите точки од договорот со Грција, а со цел Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО. На тој начин се вклучуваат сите фактори, но граѓаните не се доведуваат во заблуда. Многу е јасно што треба да дадеш, а со цел да добиеш. Тогаш самите граѓани ќе можат да одлучат што за нив е поважно. Во принцип треба да постои политичка волја и кај едните и кај другите. Доколку се дојде до тоа мислам дека може да се дојде до решение. Значи треба да има компромис, а во случајов бидејќи се работи за референдумско прашање мора да бидат запазени одредени методолошки референци“, смета Божиновски.
Според, политичкиот аналитичар Алајдин Демири, ВМРО-ДПМНЕ нема сила да се изјасни против референдумот, а не се доволно јасни и позициите на Заев за референдумското прашање. Мицкоски и натаму, како што наведува Демири, ќе инсистира на амнестијата, но Заев нема да прифати.
„Јас сметам дека на крај ќе се добие некаков резултат за референдумот, затоа што кога ќе види ВМРО-ДПМНЕ дека ценкањето за амнестијата нема да може да се оствари ќе попушти, затоа што партијата не смее и не може да застане против референдумот“, истакнува Демири.
Тој додава дека очекува да се постигне договор за референдумското прашање. Ако е квалитетно прашањето, наведува Божиновски, никој потоа нема да го оспорува процесот.
„Многу е важно ако процесот е транспарентен и ако се договорат за квалитетно прашање на тој начин им се одземаат аргументи на оние кои од старт се за бојкот“, додава тој.
Приближување во ставовите меѓу лидерите имаше околу тоа како треба да биде спроведен референдумот.