Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?
Ова ќе биде можното прашање на референдумот, информираше премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата по лидерската средба во Клубот на пратеници. За ова и за опцијата референдумот да биде консултативен, Заев посочи дека разговарал со лидерите на сите партии освен на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски ја напушти средбата по околу еден час од нејзиниот почеток.
Заев потенцираше дека сите што останале на лидерската средба се за влез во ЕУ и во НАТО и за успешен референдум како процес.
„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието допрва треба да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да биде донесена одлуката, а согласно договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени“, рече Заев.
Во секој случај, како што рече Заев, волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието. За утре напладне најави нова лидерска средба по барање на Мицкоски и притоа го осуди неговото однесување кое, според Заев било несериозно и навредливо, како и бегство од одговорноста за најважното прашање за иднината на Македонија.
Мицкоски побара лидерска средба во помал формат на која ќе присуствуваат двете најголеми партии од македонскиот и албанскиот блок и изјави дека изразил револт и негодување за предлогот на власта за измени на Изборниот законик без поддршка на опозицијата. Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето најпрвин да се усвојат Законот за финансирање на партиите и измените во Законот за Влада пред формирањето на ДИК.
„Европските принципи и манири се кога ќе се договорат владата и опозицијата за нешто тоа истото треба да се испочитува и треба да се имплементира. Така што одговорот на ова прашање треба да го даде претседателот на Владата зошто тоа не се испочитува“, рече Мицкоски.
Заев апелираше до Парламентот да го пушти во процедура Законот за финансирање на партии, а веќе било договорено како што посочи да ја напушти премиерската функција пред избори и оти е спремен да разговара за барањето за техничка влада. Но, како што дополни ако се бараат такви решенија мора да има гаранции и од другата страна.
„Од тој аспект уште еднаш потенцирам амнестија директна, индиректна, заобиколена немам право ниту јас, ниту Мицкоски ниту било кој. Во државава во којашто се бориме за најзначајната реформа во правосудството, владеење на правото и законот да важи еднакво за сите ова е незамисливо и за вакви работи нормално не можеме да разговараме, немаме право и немаме никаков мандат“, истакна Заев.
Тој повика да се обезбеди можноста граѓаните да се изјаснат на референдум и очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да се бори за успешен процес. Одлуката на референдумот ќе се смета за конечна, според Заев, ако најмалку 50 проценти од гласачите излегле без разлика кој ќе биде нивниот одговор на прашањето.
Предвремените парламентарни избори, посочи тој, се секогаш опција и тие се подготвени и на тоа.