Достапни линкови

Со посетата на Хан започнува скрининг процесот


Еврокомесарот Јоханес Хан му го врачува извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во април, годинава
Еврокомесарот Јоханес Хан му го врачува извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во април, годинава

Со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, утре започнува техничкиот дел на процесот на скрининг. Со овој процес се оценува нивото на подготвеност на земјата за водење на преговорите со ЕУ. Упатените очекуваат реформите во судството да бидат најтешки за спроведување, но се согласуваат дека администрацијата е подготвена за скринингот.

Еврокомесарот Јоханес Хан утре доаѓа во посета на Македонија за почеток на техничкиот дел на процесот на скрининг со Владата. Тоа значи дека Европската комисија ќе подготви распоред за поглавјата кои ќе се отвораат, а македонските институции треба да ги обезбедат бараните податоци. Хан пред неколку дена изјави дека скринингот значи проверка на состојбата со владеењето на правото и поглавјата 23 и 24, но пред тоа ќе го дефинираат целиот патоказ и ќе назначат координатор за скринингот.

Премиерот Зоран Заев неодамна најави дека први ќе се отворат токму поглавјата 23 и 24.

„Сите земји мора да го направат скринингот. Мора да формираат тимови за преговори. Мора да си ги подготват соодветните институции. Веќе знаеме дека поглавјата 23 и 24 се први кои се отвораат. Ние треба да бидеме паметни и во јуни 2019 да ги отвориме првите поглавја. Тоа е тоа што зависи сега од нас“, изјави Заев.

Поглавјето 23 се однесува на судството и фундаменталните права, тоа подразбира, како што е наведува ЕК, воспоставување независно и ефикасно судство и ефикасна борба против корупцијата. Поглавјето 24 се однесува на правдата, слободата и безбедноста. Со ова поглавје се регулираат прашањата кои се однесуваат на граничната контрола, визите, надворешната миграција, азилот, полициската соработка, борбата против организираниот криминал и против тероризмот, соработката во областа на дрогата, царинската соработка и судската соработка во кривични и граѓански прашања.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири очекува реформите во судството да бидат најтешки за спроведување.

Таа е точка во системот за која Македонија има добиено најсериозни критики во изминатиов период. Ќе се оди во еден подолг процес кој значи и вклучување на останатите политички чинители во Македонија, особено опозицијата и ќе биде мислам најтешката задача на земјата да ги прилагоди нејзините вредности со тие на ЕУ“, вели Незири.

Зоран Нечев од Институтот за демократија смета дека една година е доволно време за Македонија да покаже позитивно портфолио за имплементација на реформите.

Македонската администрација има капацитети да влезе подготвена во овој процес во водењето на преговори. Колкав е тој капацитет дополнително ќе се утврди, но јас сум уверен дека го има“, додава Нечев.

На ист став е и Незири кој порачува дека има квалитетни кадри во македонската администрација, но треба да се направи добра селекција. По скринингот, Комисијата треба да подготви извештај со кој му препорачува на Европскиот совет дали да бидат отворени преговори за зачленување на Македонија во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG