Достапни линкови

ЕУ и додели условен датум за преговори на Македонија


Зградата на ЕУ инфо центарот во Скопје со знамето на Унијата и на Македонија
Зградата на ЕУ инфо центарот во Скопје со знамето на Унијата и на Македонија

Македонија со постигнатиот напредок го отвори патот за започнување на пристапни преговори со ЕУ во јуни, наредната година. Советот на министри на ЕУ на денешниот состанок, таквата одлука ја услови со исполнувањето на потребните реформи.

Советот на министри на ЕУ на денешниот состанок во Луксембруг донесе одлука дека Македонија го поставила патот кон отворање на пристапни преговори во јуни 2019 година, поради постигнатиот напредок. Таквата одлука е донесена, како што се наведува во заклучоците на советот, поради спроведувањето на договорот од Пржино, итните реформски приоритети и позитивниот импулс создаден со договорот за името со Грција.

Советот особено ја нагласува потребата Поранешната Југословенската Република Македонија да продолжи со конкретниот напредок во итните реформски приоритети и да даде понатамошни опипливи резултати во борбата против корупцијата, одржување и продлабочување на сегашниот реформски импулс“, се наведува во документот.

За таа цел, Советот ја повикува Европската комисија внимателно да ги следи горенаведените реформски напори на Македонија и да го процени напредокот во годишниот извештај за земјата. Советот потсетува дека одлуката за отворање преговори за пристап со Македонија зависи и од завршувањето на процедурите во Парламентот и одобрувањето од страна на Европскиот совет и брзо потоа ќе следи првата меѓувладина конференција до крајот на 2019 година, зависно од постигнатиот напредок.

Советот нагласува дека постигнатиот напредок треба да вклучува и дополнително видливи и одржливи резултати, фокусирајќи се особено на: судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, како и реформа на разузнавачките и безбедносните служби и реформа на јавната администрација.

Еврокомесарот Јоханес Хан на Твитер ја поздрави одлуката.

„Драго ми е што Европскиот совет го осветли патот кон проширувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, после долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ“ напиша Хан на неговиот Твитер профил.

Од Владата по одлуката соопштија дека ова е уште еден голем ден и признание за Македонија.

Европската Унија и лидерите на сите земји членки ја препознаа Република Македонија како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и на општествен дијалог. Држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои покажаа дека имаат јасно изразена визија за европска иднина“, се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Од Владата порачуваат дека патот на реформи и градењето на Македонија како држава по европски правила, е неповратен процес и останува на реформскиот курс.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG