Радио Слободна Европа ја пренесе веста дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео при средбата со шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дријан побарал Париз да ги поддржи аспирациите на Македонија за членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Прилепскиот Алекс на нашата ФБ страница сомничав, постирал: „До вчера велеа вашата земја, па Зајко оп потпиша капитулејшн некаков си пакт чејнџ д’нејм и сега оп, одма почнаа да нè викаат Македонија. Браос, кое лицемерие“, заборавајќи изгледа дека САД пред повеќе години ја признаа нашава земја под уставното име.
Нема, нема, па некоја „боцка“ од посетителите на нашата ФБ страница дека новинарите на РСЕ биле необјективни, дека биле „пристрасни кон тоталитарниот режим на Заев и треба да ја пренесувате реалноста без никакви ваши субјективни размислувања“, како што коментирал Крис Геровски, кој смета дека за последниот протест на Младите за Македонија кога се приведени деветмина учесници со фантомки поради напади со камења врз полицискиот кордон пред Собранието, главниот наслов бил „нешто тотално споредно“, мислејќи на апсењето на насилните демонстранти. Крис Геровски инаку пишува дека не бил за „никоја партија“.
По протестот, Радиово информираше дека од непознати сторители било нападнато партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и испрскано со боја, за што од партијата обвинија дека тоа биле членови на СДСМ. Љубе Петровски реагира дека, како што вели, „не можат по магарето па удрија на самарот... не можат ништо повеќе на ВМРО и протестантите па удрија по зградата, тоа е банда на Зајко и Олива и главниот на цајканите“. Драшко Столески, пак, има свое мислење: „Сами кршат и кодошат. Тоа е ВМРО“. Бујар Сулејмани реагира на возраста на тие што протестираат и напишал: „Да беа паметни дури си беа млади ќе си работеа како народите од слободниот свет... се навикнаа на меката перница и јавашлук на социјализмот, не само што ја упропастија својата генерација, сега сакаат да ја уништат и нашата иднина. Нека лаат кучињата, но караванот мора да оди напред! Македонија во НАТО и ЕУ!“, извикува на крајот Бујар Сулејмани.
Интервјуто на премиерот Заев за белградска Политика во кое оценува дека референдумот за името ќе бил успешен, предизвикал огромен број коментари на нашата ФБ страница. Главно негативни и со непримерна содржина. Петре Николоски верува дека Заев „е веќе на нишан и тоа не на еден туку на повеќе“, како што постирал. Омер Мерјема Маида Мавмудоски реагира: „Срам на годините што посакуваш смрт, кој кому гроб копа сам внатре влегува. Ние од такви како тебе треба да учиме да се почитуваме, но ти школа непромислена ни даваш, немаш ни малку чувство на човечност“. Дарко Дармон, пак, запишал: „Само напред, доста со патриоти, комити, војводи... Имаме многу народ кој е за ЕУ... Среќно...“ И Бакир Ј Беко со сличен коментар: „Само напред, премиере, со тебе сме до крај“. По информацијата дека на Богородица се чека за влез во Грција, посетителите некако се воздржани во коментарите. Има само еден од Ерол Курбрадовиќ: „Е, ако е на Богородица, плодно ќе биде“.