Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ како што е сега. Има јасен датум за почеток на преговори со ЕУ и многу работа пред неа, рече австриската амбасадорка Ренате Коблер која пред собраниската комисија за европски прашања ги претставуваше приоритетите на австриското претседателство со ЕУ во наредните шест месеци.
Таа и честиташе на Македонија за реформските напори и постигнувањата, кои според неа, биле од историски размери и димензии како што е договорот за добрососедство со Бугарија и договорот за името со Грција кои се соодветно одразени во неодамнешните заклучоци на советот на ЕУ.
„Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ, отколку што сте сега. Секако знаеме и чувме дека вашата земја пред себе има многу работа. Бидете уверени дека јасната европската перспектива за регионот на Западен Балкан и јасната европската патека за вашата земја остануваат врвен приоритет за австриското претседателство“, рече Коблер.
Мотото на австриското претседателство е „Европа која штити“, а како што наведе Коблер ќе имаат три приоритети: безбедност и борба против илегалната миграција, обезбедување просперитет и конкурентност со фокус на дигитализација и стабилност во европското соседство со ЕУ перспектива за Западен Балкан.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека Австрија го презема претседателството во најважниот историски момент за европските интеграции при што земјите од Западен Балкан имаат централно место.
„Тоа претставува поттик за нас да продолжиме со позитивниот реформски моментум, да продолжиме со политичкиот дијалог и заедно да го изодиме патот до почетокот на следната година. Со Австрија сме посилни за да ги надминеме овие предизвици“, порача Османи.
Тој информираше дека еврокомесарот Јохаес Хан ќе ја посети Македонија на 17 јули за почеток на скриниг процесот, а Владата ќе се посвети на бараните реформи, како борбата против корупцијата и реформите во клучните области, како правосудството, администрацијата, разузнавачките служби кои се дел од планот 3-6-9 и планот 18.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев истакна дека датумот за почеток на преговори за Македонија е ветер в грб за остварување на посакуваната цел.
„Ве уверувам дека на реформите ќе работиме посветено и со добра волја. Не само затоа што ЕУ го бара тоа од нас како предуслов да станеме рамноправна членка на оваа организација, туку затоа што сме целосно свесни дека тоа е неопходно за развојот и просперитетот на Македонија и во интерес на сите нејзини граѓани“, истакна Тунтев.
Тунтев упати порака до опозицијата која не беше присутна на комисијата дека е уверен оти заеднички ќе го сработат она што е неопходно за иднината на Македонија.