Достапни линкови

Условениот датум, симболична порака пред тешки одлуки


Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека одлуката на ЕУ е комплетна и целосно согласно нивните очекувања, при што Владата е дополнително мотивирана. Но, упатените тврдат дека очекувале безусловен датум за преговори побрзо од дадениот во јуни, 2019 година. Тие предупредуваат на опасносните од таквата одлука.

Владата е задоволна од одлуката на Советот на министри на ЕУ на Македонија да и додели условен датум за преговори, а за упатените тоа не е одлуката којашто ја посакувавме и предупредуваат на опасностите. Според Советот, Македонија го поставила патот кон отворање пристапни преговори во јуни, 2019 година. Таквата одлука е донесена, како што се наведува во заклучоците на Советот, поради спроведувањето на договорот од Пржино, итните реформски приоритети и позитивниот импулс создаден со договорот за името со Грција.

Премиерот Зоран Заев денеска на тридневниот 98. Рос Рот семинар посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан изјави дека одлуката на ЕУ е комплетна и целосна согласно нивните очекувања и оти Владата е среќна и дополнително мотивирана.

Почетокот на преговори за членство во јуни значи јасен патоказ за иднината на нашата држава и напредок во поглед на нашите европски интеграции. Сето она што го изминавме досега е препознаено во одлуката на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и ни дава стимул и кураж да грабиме напред уште повеќе, уште посилно, уште попосветено“, рече Заев.

Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии Евротинк вели дека одлуката има повеќе симболично отколку практично значење.

„Но, мислам дека симболичните значења во овој даден контекст се исклучително големи затоа што Македонија ја очекува тежок референдум и тешки одлуки, но ќе беше полесно доколку имаше повидлива и поопиплива перспектива. Не дека оваа перспектива е далечна, не дека оваа перспектива не значи ништо, но едноставно немам впечаток дека одговара на сериозноста на политичкиот контекст кај нас. Сите очекувавме да биде даден датум за преговори порано“, вели Петковски.

Тој додава дека најголемата опасност доаѓа од фактот што опозицијата, како и некои сили кои се против членството на Македонија во ЕУ да ја искористат ситуацијата за пропагандни цели.

„Мислам дека и релативно лесно ќе им оди затоа што нашата јавност е емотивна и сензитивна. Власта ќе треба да одговори со јасен наратив и јасни пораки околу придобивките од целата работа“, смета Петковски.

ЕУ бара Македонија да го продолжи конкретниот напредок во итните реформски приоритети и да даде понатамошни опипливи резултати во борбата против корупцијата, одржување и продлабочување на сегашниот реформски импулс.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG