Додека се уште траат препукувањата на внатрешно политичката сцена за тоа дали условеното почнување на преговорите за зачленување во ЕУ идната година е успех или голем дебакл, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вели дека комисија веднаш ги почнува подготовките за скринингот за Македонија и Албанија.
Ова подразбира дека комисијата сега треба да подготви распоред за 33 поглавја, па потоа следува запознавање со европското законодавство, а претставниците на македонските институции треба да ги дадат бараните податоци. По скринингот, кој во просек трае околу една година, комисијата подготвува извештај и му препорачува на Советот дали да бидат отворени преговори за зачленување или не.
Со овој процес всушност се оценува нивото на подготвеност на земјата за водење на преговорите и тука упатените велат дека нема на што да запне.
Ако Македонија ги почне преговорите во идната година пак, тогаш ќе почне и посериозната работа за македонската администрација. Според Зоран Нечев, од Институтот за демократија, во земјава има доволно капацитет и кадар кој би бил вклучен во отворањето на 33-те поглавја.
“Сепак ќе биде потребно и самите преговарачки групи и тимови да се отворат и кон граѓанските организации, професионални здруженија итн кои значително може да придонесат во самиот процес на преговори” вели Нечев.
Но, како што беше и нагласено на Советот на министри, датумот за преговори Македонија ќе го добие идната година, под четири услови: спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европската Комисија и одлука на Советот на ЕУ.
“Мислам дека Македонија може да ги спроведе тие реформи. Сепак не се бара финализирање на истите, туку спроведување на веќе започнатите проекти” вели Нечев.
Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека и Брисел има план со кој во оваа година, до следниот јуни и Европската унија ќе биде повеќе вклучена во исполнување на бараните реформи.
“До условниот датум кој беше одреден веројатно и Брисел има некаков план во кој проактивно и поинтензивно ќе биде вклучена и самата Европска унија во спроведувањето на реформите, бидејќи ако се остави само на владата, не верувам дека ќе може да ги спроведе навреме за една година тие услови што се наведени”, вели Незири.
Тој ги споменува и речиси незапочнатите реформи во правосудството и бавните судски процеси кои се сметаат и за дел од барана борба против корупцијата.
Правосудството ќе биде во едно од 33- те поглавја за кои Македонија ќе преговара со ЕК. Покрај ова детално ќе се разлгедуваат состојбите и во други области како на пример човековите права, животната средина, социјалната политика и вработувања, статистиката и други.