Достапни линкови

Пердју: Договорот со Грција ќе ја однесе Северна Македонија во НАТО


Рос-рот семинарот во Скопје, на тема: „Евроатланска интеграција на Западен Балкан: Зајакнување на Европскиот мировен проект“
Рос-рот семинарот во Скопје, на тема: „Евроатланска интеграција на Западен Балкан: Зајакнување на Европскиот мировен проект“

Извесно е дека Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО на самитот за две недели, вели премиерот Зоран Заев. Меѓународните претставници сметаат дека поканата е заслужена, особено по договорот за името, со кој според нив, е отстранета главната пречка за членство во Алијансата.

Користејќи го името Северна Македонија, американскиот дипломат и поранешен специјален пратеник на Балканот, Џејмс Пердју го поздрави договорот за името со Грција и ги пофали лидерите на двете земји за храброста и за визијата да го затворат долгогодишниот спор, за кој како што рече, и самиот не верувал дека некогаш ќе се реши.

„Ова име одлично звучи и ја претставува реалноста, но и историската важност на ова тло. Како некој многу близок до народот би сакал јавно да им честитам на Северна Македонија и Грција на нивните лидери затоа што тие се гордост во визијата и политичката храброст и покажаа дека секој договор е можен со дијалог. Придобивките од договорот треба да се видат веќе на следниот НАТО самит за две недели, еден процес кој ќе ја однесе Северна Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО“, изјави Пердју.

Пердју: Северна Македонија звучи одлично
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Во своето клучно обраќање на првиот ден од Рос-рот семинарот кој се одржува во Скопје, на тема: „Евроатланска интеграција на Западен Балкан: Зајакнување на Европскиот мировен проект“, Пердју рече дека договорот е можност да се смени насоката на движење на земјава и регионот.

На прашањето дали администрацијата на Трамп ќе ја поддржи одлуката Македонија да добие покана за членство во НАТО, Пердју повтори дека политиката на Соединетите Држави кон Македонија останува непроменета.

„Политиката и позицијата на САД е јасна од 2008 година. Јас бев на самитот во Букурешт тогаш, и се чувствував лошо за земјата, а се чувствувам возбуден што одлуката за покана за членство денес е на маса. Политиката на САД беше конзистентна од 2008 до денес, ние поддржуваме членство и не гледам причина зошто нашиот став би се сменил. Сметам дека претседателот треба да биде доволно зрел да ја поддржи ваквата одлука“, истакна Пердју.

И претседателот на Парламентарното Собрание на НАТО, Паоло Али смета дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е клучно за стабилноста на Европа. Изразувајќи задоволство за успешното справување со предизвиците со кои државата се соочи за надминување на длабоката политичка криза, тој рече дека Македонија треба да стане 30-тата членка на Алијансата.

„Се етаблирате како сериозен партнер во регионот, и за НАТО и за ЕУ и ова се институциите кон коишто мнозинството граѓани сака да се приклучи. Лично се надевам дека лидерите на НАТО ќе го следат ваквиот пример на самитот во Брисел и дека ќе ги започнат преговорите за пристап во НАТО на вашата земја. Кога ќе се обратам пред нив ќе кажам дека треба да бидете 30-тата земја членка на НАТО“, изјави Али.

Премиерот Зоран Заев го најави претстојниот состанок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг в петок и изрази увереност дека Македонија ќе ја добие посакуваната покана за членство на Самитот во Брисел.

„Секако дека тоа значи испраќање на поканата и почнување на три до петмесечниот скенинг процес. Треба уште еднаш да ја провериме земјата дали е навистина подготвена комплетно за да по три месеци очекуваме да се отвори поканата за потпишување на протоколот од сите земји членки на НАТО. Јас сум уверен дека и САД и сите други 28 земји членки ќе го ратификуваат договорот. Секако ќе ни треба помошта на пријателите тоа да биде што побрзо, заради тоа што Македонија долги години чека пред вратите на НАТО“, рече Заев.

Претседателот на македонското собрание Талат Џафери, пак, изјави дека Западниот Балкан не е повеќе „буре барут“, благодарение на, како што рече, волјата и зрелоста на сите кои живееме во регионот, меѓутоа и ангажираноста на меѓународните пријатели. Тој изрази уверување дека договорот со Грција, ќе биде имплементиран од двете страни најдоцна до крајот на годинава или на почетокот на јануари, кога ќе станеме триесеттата полноправна членка на НАТО.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG