Достапни линкови

САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО


Отворен ден на АРМ и роденден на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

Отворен ден на АРМ и роденден на НАТО

Македонија има и други алтернативи освен НАТО, но сите тие се полоши од зачленувањето во Алијансата, беше кажано на денешната трибина по повод „Денот на НАТО“. Meѓународните претставници порачаа дека Македонија има реална можност да стане членка на Алијансата, но прво да го реши спорот за името.

Соединетите Американски Држави ја имаат истата одлука од самитот во Букурешт во 2008 година, а тоа е дека Алијансата ќе го поддржи членство на Македонија, штом се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името со Грција, порача американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли на денешната трибина по повод „Денот на НАТО“. Додаде дека чувството на реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога зборуваме за земјата денеска во споредба со минатото.

Сметам дека има момент, има можност тука кој може да се искористи, меѓутоа важно е не само да се фокусирате на тоа дали ќе станете членка или не, туку што тоа всушност значи. Тоа е да стоите и да бидете заедно со сојузниците, во многу неизвесни времиња, да отидете на места во коишто вашите граѓани можеби не чувствуваат дека има директна закана, да ги поддржувате и нашите вредности како и да инвестирате во нашата колективна одбрана“, изјави амбасадорот Бејли.

Бејли додаде дека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешните политички поделби во земјата и истакна дека е потребно системските реформи што се воведуваат во Македонија да не останат само на хартија, туку да се спроведуваат.

На 69-тиот роденден на Алијансата, претседателот на светскиот Евроаталантски Совет (АТА), Фабрицио Лучиоли порача дека Скопје се наоѓа на крстосницата во регион во којшто има нови и различни видови на закани и предизвици. Денеска веќе не се прашува зошто НАТО, туку што НАТО може да направи против тероризмот, ширењето на лажни вести и дезинформации, сајбер одбраната, миграцијата итн, рече во својот говор Лучиоли.

„Членството во НАТО може да го забрза и процесот на евроатлански интеграции. Јас би ги охрабрил сите актери инволвирани во спорот за името да го решат, не само на домашен политички начин, бидејќи ова е прашање што ја засега целата евроатланска заедница,“ изјави Лучиоли.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека членството во НАТО е од особенa важност поради тоа што земјата ќе стане дел од најмоќниот светски, воен и економски сојуз што ја негува демократијата и е гарант за безбедноста за неговите членки. На тој пат, таа побара поддршка од меѓунарoдните партнери.

Ние покажавме дека Македонија е свесна дека прво сама мора да ги решава своите проблеми и да ги покрива и решава своите проблеми и слабости. Меѓутоа моментот е сега кога и ние можеме поради резултатите што ги постигнавме да ја побараме и вашата поддршка за Македонија да продолжи да придонесува кон безбедноста во регионот бидејќи видовме неколку пати досега дека безбедноста на Балканот е безбедност на Европа. А безбедноста на Европа беше почеток на НАТО Алијансата", рече Шеќеринска.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски порача дека Македонија има и други алтернативи од влезот во Алијансата, но потенцираше дека сите други се полоши од првата. Во листата на позитивни придобивки во НАТО, ја спомена и внатрешната кохезија која ќе се постигне бидејќи што сите етнички заедници во земјава го поддржуваат зачленувањето во Алијансата.

Преку конкретни бројки за позитивните економски ефекти кои членството во НАТО им ги донело на Албанија и Бугарија, министерот за финансии Драган Тевдовски уверуваше дека зачленувањето на НАТО на нашата земја би и донело нови инвестиции, нови вработувања, и позитивни економски движења.

Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, капетан Горазд Бартол зборуваше за функционирањето на Алијансата и за нејзината континуирана трансформација во обидите да се прилагоди за новите предизвици. На трибината неколкупати беше потенцирано дека НАТО е гарант за сигурноста и безбедноста бидејќи се работи за најмоќната воена и светска организација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG