Достапни линкови

Путиновите агенти на хаосот


Кремљ во Европа и на Балканот дејствува со активни мерки за контролиран хаос за што користи т.н. агенти на хаосот, стои во анализата на Центарот за европска безбедност под наслов „Контролиран хаос: Како Путин ја води својата политичката војна во Европа“.

Последните неколку години Русија не покажала дека дејствува со претходно поставена стратегија туку дека дејствува со активирање на т.н. активни мерки во Европа „за да ги дестабилизира и збуни владите и општествата за да создаде поволна клима за себе“.

Ова е заклучокот на последниот извештај на Европскиот совет за меѓународни односи, изготвен од Центарот за европска безбедност од Прага, под наслов „Контролиран Хаос: Како Русија ја води својата политичка војна во Европа“.

Стратегијата на Путин и последните пораки до Македонија

Дали новиот мандат на Владимир Путин ќе донесе и нова стратегија за Европа, но и за Западен Балкан и Македонија ќе покаже времето, велат експерти, а до тогаш акцијата на Кремљ ќе се базира на неговите т.н. активни мерки за контролиран хаос, што ги користи последните неколку години.

Едно е сигурно, велат аналитичарите, офанзивата на Путин кон Европа, а со тоа и кон Балканот, нема да омекне.

„Се покажа дека, иако без прецизна стратегија, руското политичко влијание во Македонија и на Балканот даваше резултати изминатите години и затоа не верувам дека ќе биде сменето нешто што се покажало ефикасно“, вели д-р Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац и експерт за балканските политички прилики.

Последните пораки од Москва до Скопје беа дека македонските планови за зачленување во НАТО можат да предизвикаат нарушување на безбедноста во регионот и на билатерланите односи. Пораката прво ја упати вториот човек на руската дипломатија, а потоа рускиот амбасадор во Македонија ја дообјасни: Ако Македонија стане членка на НАТО и ако НАТО ја нападне Русија, тогаш Македонија може да биде руска мета.

Македонија доби п​редупредување од Русија и по одлуката на македонското МНР за протерување на еден руски дипломат поради случајот „Скрипал“.

Активни мерки - Внимателно изведена кампања или импровизација?

Според извештајот на Европскиот совет за меѓународни односи, активните мерки на Русија вклучуваат широк спектар на актери - од официјални претставници и медиуми, преку воени закани, до бизнис лоби и шпиони.

„Руските активни мерки одат од поддржување на популистички партии, преку кампањи за дезинформации и шпионажа, па сè до инциденти како што беше обидот за државен удар во Црна Гора, како суштински дел од нејзините напори да влијаат на Европа. Заедно со вообичаените инструменти за странско влијание, како што се дипломатијата и економските лостови, Русија е особено активна и во користењето прикриени и нетрадиционални средства - од разузнавачки операции до воени притисоци, па дури и организиран криминал“, се наведува во извештајот изготвен од Центарот за европска безбедност од Прага.

Тоталитарна или мобилизациона држава

Според британскиот Кралски институт за меѓународни односи, цитиран во извештајот на Европскиот совет за меѓународни односи, традиционалните руски, па дури и советски поими за надмоќноста на интересите на државата под власта на Владимир Путин довеле до создавање на не толку тоталитарна држава, колку на „мобилизациона држава“, во прилог на што е и изјавата на Путин дека „Само со мобилизирање на сите ресурси, и административни и финансиски, ќе можеме да добиеме резултати“.

Во согласност со општото филозофско уверување дека Русија се наоѓа во (политичка) војна и се соочува со, како што вели Кремљ, егзистенцијална културна и политичка закана од Запад, државата го задржува правото да го вклучи секој поединец или организација кога ќе има потребата. Како резултат на тоа, во т.н. активни мерки на Русија, постои многу широк спектар на играчи, од кои некои се постојани, а некои се само епизодисти.

Агентите на хаосот

Според последниот извештај на Центарот за европска безбедност, сите тие играчи на Кремљ, без оглед дали се постојани актери или само епизодисти, имаат иста цел, предизвикување на контролиран хаос во Европа.

Тие агенти на хаосот се: Државната администрација, дипломатите, армијата, разузнавачите, бизнисмени, интелектуалци, припадници на црквата, инструментите на мека моќ, потоа државните медиуми и медиумите под контрола на руската држава, т.н. пријателски гласови и организираниот криминал.

XS
SM
MD
LG