Достапни линкови

Македонија се позиционира на Запад, Русија ќе ја влече на Исток


Зградата на руската амбасада во Скопје.
Зградата на руската амбасада во Скопје.

Протераниот руски дипломат излегол од својот мандат, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров. Дел од експертите со став дека Русија ќе возврати дипломатски, но порачуваат дека Македонија конечно треба да влезе во НАТО за да не биде изложена на притисоци.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека одлуката на македонската Влада да протера еден руски дипломат од земјата е во знак на солидарност со Велика Британија, поради случајот Скрипал, но и поради обид на рускиот дипломат да добие класифицирани информации. Димитров на прес-конференцијата со својата австриска колешка Карин Кнајсл кажа дека се работи за лице што излегло од својот дипломатски мандат.

Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече Димитров.

Toj oцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.

Одлуката на македонската Влада да протера еден руски дипломат од земјата донесе различни реакции во македонската јавност.

И Русија ќе возврати дипломатски со протерување на службеник од нашата амбасада, вели професор Денко Малески, но порачува дека Македонија конечно треба да влезе во НАТО за да не биде изложена на притисоци.

До засилени дипломатски тензии меѓу Западот и Москва, доаѓа поради труењето на поранешниот руски шпион во мало гратче во Велика Британија, по што над 20 држави ја поддржаа акцијата за протерувања на руски дипломати.

Малески наведе дека Русија ќе одговори со реципроцитет, бидејќи станува збор за координирана акција од САД и земјите членки на ЕУ.

„Засега на тоа ќе остане, но не е добро за развојот на односите меѓу Русија и еден важен голем дел на држави во светот. Пропагандата ќе биде дел од севкупната политика и не очекувам ништо специјално за Македонија. Македонија е мала земја која може да служи само како некое поткусурување меѓу големите сили, кои се во конфронтација и ова ја турка Македонија позабрзано да најде решение и да влезе во сојузот, во НАТО, за да не биде изложена на вакви притисоци од една голема светска сила“, вели професор Малески.

Тој ги повтори позициите на Македонија дека од 91-ва година настојува да влезе во НAТО и ЕУ и оти единствен проблем зошто досега не сме таму е блокирањето на нашиот процес од Грција. Малески коментирајќи го последното соопштението на руското МНР во кое беше кажано дека Македонија е вовлекувана во НАТО, вели дека тоа не е вистина, укажувајќи дека од 91-ва година сами сме ја изразиле таа волја што, како што очекува, Русија треба да ја почитува.

„За надевање е дека Русија нема да се замешува во внатрешните работи на Македонија и дека тоа што неа не и одговара, а тоа е зачленување на Македонија во НАТО, како што слушнавме во соопштението, нема да го искористи за директно замешување во земјата зашто тоа ќе предизвика сериозни проблеми“, вели Малески.

Со спротивен став е поранешниот амбасадор Алајдин Демири, кој очекува дека Русијa ќе се меша во внатрешната политичка ситуација во Mакедонија за да не влезе во НАТО и натаму да има влијание во земјата.

Русија ќе инсистира политички да влијае во Македонија да бидат неуспешни преговорите за името, да ја демотивира Македонија и за ЕУ и НАТО дека тоа е воена машинерија итн. Тоа е оној пропаганден дел, и нормално е сега ако 80 отсто од народот е ориентиран кон НАТО и ЕУ, тука тешка работа ќе има Русија“, изјави Демири.

Руската амбасада реагираше дека протерувањето нивен дипломат е исклучително непријателски и неоправдан чекор, без преседан во руско-македонските односи. Претходно, МНР информираше дека Македонија одлучи да протера еден руски дипломат, поради случајот Скрипал, наведувајќи дека одлуката е донесена „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет ја поздрави одлуката.

Поранешниот министер за надворешни работи од сега опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на социјалните мрежи објави дека се сомнева дека пред да ја донесат одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија Владата и министерот Никола Димитров не направиле проценка зошто Словенија, Грција, Бугарија, Словачка, Белгија и Португалија кои се членки на ЕУ и на НАТО, како и Австрија која е членка на ЕУ, не донеле иста таква ризична одлука.

Сојузот на здруженија за македонско-руско пријателство во Македонија ја осуди одлуката на МНР за протерувањето на рускиот дипломат, оценувајќи дека тоа е е непромислен и неоправдан чекор, и непријателски чин кој ќе нанесе голема штета на добрите односи со Руската Федерација.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG