Достапни линкови

Дугин и Савин – Политичка извидница на Путин во Македонија


Александар Дугин.
Александар Дугин.

Посетата на Александар Дугин и Леонид Савин, најблиските советници на Владимир Путин на Македонија, според аналитичарите, е дел од стратегијата за ширење на руско влијание, наспроти евроатлантската определба на Македонија и тие биле во извидничка мисија во Србија, Македонија и во Грција.

Русија нема да ја спречува или да ѝ се меша на Македонија дали ќе влезе во ЕУ или во НАТО, порача во саботата Александар Дугин, првиот советник на рускиот претседател Владимир Путин и креатор на сесловенската стратегија на Русија, од панел дискусијата во Скопје насловена „Македонија во стратешки сојуз со Русија“.

Дугин, кој според многумина е мозокот на Путин, најопасниот филозоф на светот кој ги презира Западот и либерализмот и „гласноговорникот“ на руската надворешна политика, дојде во Скопје на покана на проруската партија на Јанко Бачев, која бара да се преименува во „Единствена Македонија“, по урнекот на путиновата „Единствена Русија“.

Со него беше и неговиот колега, професор Леонид Савин, уште едно звучно име од најсилниот советнички и стратешки арсенал на Путин. Домаќините ги претставија како високи советници на рускиот претседател, а самите рекоа дека се дојдени како „народни дипломати“, па од тука се поставува прашањето – Во кое својство и со која цел тие беа во Скопје?

Рускиот аналитичар Александар Дугин, кој има блиски врски со Кремљ, гостин на партијата Единствена Македонија во Скопје - 3 март 2018
Рускиот аналитичар Александар Дугин, кој има блиски врски со Кремљ, гостин на партијата Единствена Македонија во Скопје - 3 март 2018

Балканска мисија против Западот

Според домашните аналитичари, оваа посета е дел од стратегијата на Москва за ширење на руското влијание во Македонија во време кога државата чека за влез во НАТО и ЕУ, а особено важно е што за таа цел, велат тие, е искористен моментот на превирања во државата околу преговорите со Грција за спорот за името.

„Русија нема да се откаже од овие територии овде и од намерата да ги внесе во својот табор државите со доминантно православно население како дел од борбата против Западот и против вредностите на либерализмот. Најверојатно оваа посета е дел од таа стратегија, наспроти јасната евроатлантска определба на регионот. Дугин и Савин доаѓаат во Скопје како политичка извидница на Путин за да видат дали има подлога и инструменти за ширење на стратегијата и да оценат како во иднина ќе се делува“, вели за Радио Слободна Европа, професорот по меѓународни политички односи д-р Љупчо Ристовски.

Двајцата советници претходно беа на трибини во Србија, каде беа пречекани од, како што рекоа „братскиот српски народ“, а од Македонија заминале во Грција, каде, според некои грчки медиуми, треба да имаат и средба со претставници на ултра-десничарската партија Златна зора.

Ова може да се толкува како народна дипломатија за ширење на проруските политички интереси на Балканот, како антизападна дипломатија завиткана во братски целофан, велат аналитичарите.

Според д-р Ристовски, Русија, „во оваа борба со Западот и со слободниот свет, не бира средства ниту сојузници, па не е воопшто чудно што од тука заминуваат на средби со националистичката грчка партија Златна зора“.

Д-р Љупчо Ристовски, институт ИНТЕГРА
Д-р Љупчо Ристовски, институт ИНТЕГРА

Пред новинарите умерено, пред народот жестоко: Понуда која не може да се одбие

Пред почетокот на панел-дискусијата, Дугин и Савин, пред новинарите со дипломатски изјави, дека Русија не ѝ се меша на Македонија дали ќе ги избере ЕУ и НАТО. Кратко после тоа, пред присутните граѓани реториката се смени: „Брисел е сателит на Вашингтон, Западот пропаѓа. ЕУ е создадена врз идеологија на страв, никој нема право да ви наложува какво име да имате“.

Двајцата советници на Путин ја напаѓаа понудата на Западот до Македонија и додадоа дека Македонија добро треба да размисли за опцијата Евроазиската економска унија, каде Русија е главен играч. По дискусијата, коментарите беа дека Дугин не го претставил овој избор како бирање меѓу „кока кола“ и „пепси“, туку повеќе како „понуда што не може да се одбие“.

Ристовски: Приближување до национал-болшевизмот

Ристовски вели дека треба да имаме предвид оти основата на политиката на Путин на овие простори има империјалистички тенденции. Според него, и самата Евроазиска унија која Дугин и Савин ѝ ја нудат на Македонија како опција наспроти Алијансата и Унијата, произлегува од она што токму Дугин го промовираше уште во 2009 година како нова политичка теорија.

„Со таа теорија, под плаштот на Евроазиска унија, тие се приближуваат до она што се нарекува национал-болшевизам, кој што произлегува од национал-социјализмот кој што го роди фашизмот. Има претпоставки дека Дугин е љубител на наци идеологијата, иако честопати јавно ја критикува, но вели дека партнери во борбата против либерализмот ќе му бидат и неонацистите, неофашистите, па дури и исламистите. Тоа значи дека тие нема да бираат средства да ја наметнат својата идеологија“, анализира Ристовски.

Со парадигмата „сесловенско братство“ против либерализмот за враќање на болшевизмот

Повикувајќи се на сесловенско братство и на православната религија, Дугин рече дека „ова е враќање кон нашата црква и духовната традиција. Кога словенските народи можеле да го обединат својот идентитет, секогаш некој ги попречувал. Либералната идеологија е тоталитарна. Таа сака да ги уништи традициите. Многу народи ја отфрлаат за да си ја заштитат својата култура, јазик и вера. Драго ни е што Русија стана симбол на овој процес“.

Многу пожесток во нападите кон ЕУ и НАТО, а подиректен во поканата Македонија да се сврти против Западот беше Савин.

„ЕУ е создадена врз идеологијата на стравот. Таа била формирана за некои земји од Западна Европа да не војуваат меѓу себе. Брисел е сателит на Вашингтон. Евроазискиот сојуз е синтеза на различни суверенитети. Тој се базира врз консензус, ако една членка не прифаќа нешто, тоа не се спроведува. Тоа е реална демократија“, рече Савин.

Ваквите коментари, велат експертите, не се ништо друго освен стратегија на мека моќ на Русија, која веќе станува повеќе и од остра.

„Тоа е план за враќање на човештво назад кон колективизам, кон системи кои не се успешни на долгорочен план, кои ја задушуваат индивидуата која сака да просперира. Не е точно дека либерализмот ја уништува традицијата. Многу очигледни примери има на Запад дека токму либерализмот ја дава можноста за негување на традицијата, на верата, на семејството...“, вели доктор Ристовски.

Александар Дугин, според многумина западни аналитичари, е вториот Распучин во руската политика.
Александар Дугин, според многумина западни аналитичари, е вториот Распучин во руската политика.

Дали Русија „ќе ја заштити Македонија“ како во 1913 година?

На трибината беше побарано Русија да ја заштити Македонија и да не ѝ го сврти грбот како во 1913 и во други периоди, како и да стави вето во Обединетите нации за промена на името, доколку македонските власти постигнат решение со Грција.

„Би му помогнале на македонскиот братски народ, но некој треба да ја побара таа помош од нас. Русија го почитува суверенитетот и не ја наметнува својата политика. За да помогнеме некому, тој треба да побара помош. Затоа може да помогнеме само ако имаме политички договор. Како што Башар ал Асад дојде во Русија да побара помош, и Русија ја среди ситуацијата во Сирија, испраќајќи ги нашите херои да се борат и да гинат за братскиот сириски народ“, одговори Дугин.

Кој е Дугин?

Александар Дугин е професор по социологија на престижниот московски универзитет „Ломоносов“, филозоф и писател. Но, она по што уште повеќе е познат, велат аналитичарите е дека за него важи дека е „идеолог на Путин“, „новиот Распутин“, „човекот кој го кажува она што Путин го мисли“. Во западната јавност, а и дома во Русија, тој е познат како екстремен руски националнист, заговорник на рускиот империјализам и жесток критичар на либерализмот. Им бил советник на многу важни руски политички фигури, важи за креатор на националистичката филозофија на Кремљ, а не ретко се посочуват и неговите контроверзни ставови како што е „да се забрани интернетот“.

XS
SM
MD
LG