Зголеменото присуство на рускиот капитал во Македонија ја отвори дилемата дали се зголемува и руското влијание во земјава. Сомнежите ги потхранува тоа што Македонија е надвор од Европската унија подолго време и дека тој вакум Русија може да го искористи за свое политичко влијание. Во ситуација кога растат тензиите меѓу големите светски сили, се интензивира и „битката“ со информации, пораки и дезинформации. Аналитичарите велат дека една од основните цели на руската политика е да ги сопре проширувањата на ЕУ и НАТО.
Со срцето е во Москва, а со џебот во Запад
Власта која ја води ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ наспроти сите нивни декларативни определби дека оваа власт е определена за евроатланските интеграции практично дејствувањето е во спротивна насока.Мерсел Биљали, универзитетски професор.
Универзитетскиот професор Мерсел Биљали вели дека е несомнено оти Русија има интерес за земјите од Западен Балкан
„Неуспехот во интервенцијата во Сирија, сака да ја надомести со нешто друго, тоа е Југоисточната Европа, или Западниот Балкан. Но тука клучен фактор е Србија, таа игра тука двојна игра. Со срцето е во Москва, а со џебот е во Запад, таа игра функционира двојно, ако правите анализа на јавното мнение голем дел од населението има проруска ориентација, но ако ги прашате каде сакаат да живеат нивните деца 75 проценти ќе ви одговорат дека сакаат на Запад“, вели Биљали.
Русија сака да влезе со воена технологија преку спогодба за воена техничка соработка со Србија, за да може да влијае во регионот, но колку тоа ќе биде успешно е под знак прашалник затоа што Србија е опколена со држави членки на НАТО алијансата, објаснува Биљали. Тој додава дека во тој контекст Македонија се покажува како слаб играч.
Без разлика колку ВМРО-ДПМНЕ зборува дека нивната цел е интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија, тоа се само декларативни изјави, а не се реални изјави, и ништо не се прави во врска со тоа.Соња Стојадиновиќ, политиколог.
„Власта која ја води ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ наспроти сите нивни декларативни определби дека оваа власт е определена за евроатланските интеграции практично дејствувањето е во спротивна насока, не поради некаква љубов туку поради начинот на владеењето затоа што оваа структура сака да владее што подолгово стилот на Путин, тоа е логиката. Но реално тоа државата ја исцрпи до крај Македонија е во незавидна положба и не може да ја игра таа игра што ја играат поголемите држави и тоа се покажува како хендикеп за државата“, вели Биљали.
Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека влезот на рускиот капитал и руските медиуми во Македонија немаат директно негативно влијание, затоа што, како што вели, секоја странска инвестиција која влегува во земјава е добредојдена ако е во интерес на народот. Присуството на руските медиуми во земјава овозможуваат пристап на македонската јавност до информации од таа страна на светот, но во поглед на руското влијание, тоа не влегува во Македонија преку медиумите, туку преку влијанието на политичарите од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ кон приватните медиуми, објаснува Стојадиновиќ.
„Во контекст на тоа што ВМРО-ДПМНЕ повеќе гравитира на страната на Русија отколку што гравитира околу страната на Европската унија и НАТО, затоа што без разлика колку ВМРО-ДПМНЕ зборува дека нивната цел е интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија, тоа се само декларативни изјави, а не се реални изјави, и ништо не се прави во врска со тоа“, вели Стојадиновиќ.
Сомнителни руски инвестиции
Биљали смета дека во земјава има и сомнителни руски инвестиции.
Претставниците на бизнис секторот велат дека по украинската криза Русија позасилено се обидува да биде присутна на пазарите во светот и на Балканот.
Поагресивниот настап на рускиот капитал, придонесува балканските земји да влегуваат во еден нов процес бидејќи тоа е како алтернатива на кризата која постојано се појавува во малите економии.Зоре Темелковски, бизнисмен.
„Поагресивниот настап на рускиот капитал, придонесува балканските земји да влегуваат во еден нов процес бидејќи тоа е како алтернатива на кризата која постојано се појавува во малите економии“, коментира бизнисменот Зоре Темелковски.
Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко последниве години постојано ја шири својата бизнис-империја во Македонија. Откако ги презеде женскиот и машкиот ракометен клуб Вардар стана доминантен сопственик и на истоимениот фудбалски клуб.
Тој управува и со новиот спортски центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, кој чинеше 15 милиони евра и во кој покрај двете спортски арени се наоѓа и Хотел „Русија“, угостителски објект со четири ѕвездички и со 61 апартман, а во меѓувреме стана и донатор за изградбата на првата руска црква „Св. Троица“.
Бирн пишуваше дека Самсоненко заедно со првиот човек на „Орка холдингот“ - Орце Камчев, и со земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, годинава станаа нови сопственици и на една од најголемите домашни фабрики за млеко и за млечни производи, „Здравје Радово“. Во нивното истражување за Скопје 2014 дојдоа до податоци дека Самсоненко, ја презел фирмата „ДЦ прајм пропертис“ од познатиот контроверзен грчки бизнисмен Димитрис Контоминас, познат од аферата „Маџар телеком“ кој во 2011 на аукција купи атрактивното државно земјиште (6.300 квадрати) и се обврза таму да го обнови Офицерскиот дом и да изгради хотел во стилот на проектот „Скопје 2014“.
Истражувањето на Бирн покажува дека тој и неговата сопруга Ирина, преку заедничка компанија, во февруари годинава за околу половина милион евра купиле атрактивната парцела меѓу арената „Филип Втори“ и Паркот на франкофонијата во Градскиот парк во Скопје. Таму ќе се гради спортски комплекс.
Самсонеко лани се појави и во две предизборни реклами на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Фирмата која што ги поставува гасоводните цевки како дел од проектот за Национален гасоводен систем на трасата од Клечовце до Штип е ставена на црната листа на американското Министерство за финансии поради кризата во Украина. Станува збор за руската компанија Стројтрансгас која во Македонија како изведувач на работите поставува цевки на 60 километарската траса. Таа на оваа листа за финансиски санкции е ставена во април минатата година.
Во земјава присутни се и компаниите „Синтез груп", „Солвеј", „Гришко" , а во јавноста се шпекулира дека зад Балкан енерџи груп стојат руски пари со потекло од Белизе.
Руски инвестиции во Македонија има најмногу во рударството, енергетиката, а тие се присутни преку нафтено продажните пумпи на Лукоил. Руската компанија Лукоил, првата бензиска свечено ја отвори на денот на независноста на 8 септември 2006 година и досега се прошири на вкупно 28 локации.
Русија за „Диво Насеље“
Дополнително јавноста ја изненади и реакцијата на руското министерство за надворешни работи на 9 ти мај кога се случи инцидентот во кумановската населба „Диво Насеље“, кога преку соопштение изрази загриженост за случувањата во Куманово и изрази надеж дека „ситуацијата брзо ќе се нормализира и сите околности околу инцидентот ќе бидат темелно истражени“.
Стојадиновиќ вели дека причините за ваквата реакција е затоа што во сегашната владејачка гарнитура Русија гледа партнер во исполнувањето на своите цели.
„Затоа што интересот на Русија е Македонија да не влезе во НАТО, односно земјите од овој регион да не влезат во НАТО за да се спречи ширењето на НАТО кон Истокот, така што Русија ја гледа оваа власт како свој сојузник и затоа тие отворено скокнаа во заштита на ДПМНЕ.“
Биљали пак се сомнева на можна инволвираност на руските служби во инцидентите во Куманово.
„По прв пат се случува да има изјави од руската политика во однос на Македонија, и тоа е во чекор кон процесот на зацврстување на руското влијание тука. Јас лично мислам дека и случувањата во Куманово е дел од еден триаголник каде што веројатно се замешани и руските тајни служби.“
Пред неколку месеци рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија одблиску ги следи случувањата во Македонија и е свесна за тешкотиите со кои се соочува лидерството на земјата. Според него, Русија ги поддржува напорите на македонското лидерство за нормализирање на политичката ситуација во Македонија. Во наш интерес е, како што наведе Путин, Македонија да е стабилна и просперитетна.
Кој ќе го има Балканот: Русија, Западот или...
Аналитичарите и западните дипломати се согласуваат дека во последно време расте руската ангажираност на Балканот. Некои страхуваат дека секој натамошен чекор на Западен Балкан кон Европската унија и НАТО би можело да води до поголема заинтересираност на Русија да го привлече на своја страна она што досега остана ако може така да се каже на „ничија земја“. Тука пред се станува збор за Србија, делови на Босна и Херцеговина и Македонија. Затоа неодамнешната покана на НАТО за членство на Црна Гора во Алијансата за дел од аналитичарите е добар знак и за другите земји во регионот кои имаат такви аспирации, но за друг дел, тоа само ќе ја натера Москва да притисне во инсистирањето на своето противење на натамошното ширење на Алијансата.
Повеќе на оваа тема проследете во ТВ Темата „Руските интереси за Балканот“.
Експертите заклучуваат дека и покрај се, неопходно е Македонија без излети да го следи патот кон ЕУ и НАТО, затоа што нема друга алтернатива за Македонија освен интеграцискиот процес. Мешаните сигнали во надворешната политика на македонските политичари треба да се расчистат и да покажат дека основен национален интерес на земјава е интеграција во ЕУ и НАТО.