Достапни линкови

Хојт Ји - Внимаваме што прави Русија на Балканот


Природно е Русија, како и други земји, да сака да го зголеми влијанието на Балканот, вели американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Брајан Ји, во интервју за Радио Слободна Европа што го водеше новинарката Јасна Вукиќевиќ. Тој вели поради тоа што Русија во прави во Украина, САД и сојузниците се внимателни во врска со тоа што го прави Москва на Западниот Балкан и оти ќе продолжат „да бидат будни“. Хојт Ји вели дека е погрешно сфаќањето дека Соединетите Држави се отсутни или помалку заинтересирани за Балканот.

РСЕ: Неодамнешните случувања во Македонија нè потсетија колку е кревок нашиот регион. Како ја оценувате актуелната безбедносна ситуација во регионот во услови на зголемено влијание на Русија во некои од земјите на Балканот?

Би рекол дека генералната состојба е стабилна, но мораме да продолжиме да работиме на јакнење на безбедноста. Не сакаме состојба на замрзнат конфликт, туку стабилност која на регионот ќе му донесе економски раст, работни мета, напредок.

Би рекол дека генералната состојба е стабилна, но мораме да продолжиме да работиме на јакнење на безбедноста. Не сакаме состојба на замрзнат конфликт, туку стабилност која на регионот ќе му донесе економски раст, работни мета, напредок. Тоа значи дека сите земји во регионот мора да продолжат со економските, политичките и воено-одбранбените реформи, кои ќе им овозможат прием во НАТО и ЕУ, ако тоа им е целата. Дел од земјите во регионот поединечно покажаа дека преку реформи се приближуваат кон таа цел. На пример, од кога Србија и Косово потпишаа Спогодба за нормализација на односите во април 2013, двете земји напредуваа во европските интеграции. Албанија која е кандидат за прием во ЕУ, е уште еден пример како тоа може да се постигне преку реформи во правосудството, јакнењето на граѓанскиот сектор, владеењето на правото, борбата против корупцијата. Сите тие континуирани напори значат дека земјите не само што имаат волја, туку и се подготвени да напредуваат кон евроатлантските институции.

Хојт Брајан Ји и новинарката Јасна Вукиќевиќ.
Хојт Брајан Ји и новинарката Јасна Вукиќевиќ.

РСЕ: Многумина во регионот сметаат дека Балканот не беше во фокусот на САД во изминатите години. Наспроти тоа, Русија, нагласувајќи го „православното братство“ прави напори да ги задржи балканските земји подалеку од НАТО и ЕУ. Може ли да се очекува поголема американска поддршка за регионот?

Погрешно е сфаќањето дека САД се отсутни или помалку заинтересирани за Балканот. Погледнете ги фактите, тесната соработка што ја имаме со земјите од регионот, дипломатската активност, како и програмите за поддршка на неопходните реформи, не само за евроатлантските интеграции, туку и за создавање предуслови за економски раст. Ако ги прашате регионалните влади, ќе ви кажат дека сме присутни и многу активни. Ја споменавте Русија, која, како и многу други земји, сака да го зголеми своето влијание на Балканот. Природно е за секоја земја да сака да го шири своето влијание во регион што се развива, како и на неговиот пазар, популацијата која расте. Секако и Русија, како и други земји, сака да ја зголеми трговијата и инвестициите во таков регион. Но, поради она што Русија го прави во Украина, ние во САД и нашите сојузници сме внимателни во врска со тоа што Русија го прави на Западниот Балкан и ќе продолжиме да бидеме будни. Тоа што Русија тука тргува или продава енергија, само по себе не претставува опасност. Она што ние притоа сметаме дека е важно е земјите да ја сочуваат независноста, посебно енергетската, за да не станат зависни од Русија или од која било друга земја. Преку поширока соработка земјите треба да ги диверзификуваат снабдувачите со нафта, бидејќи во 2009 година видовме какви последици може да има зависноста од само еден енергетски извор како што е рускиот. Тогаш на најголемиот дел од Европа му беше студено во текот на зимата.

РСЕ: Зборувајќи за регионалните предизвици, еден од најголемите се странските борци регрутирани за Исламската држава. Поради тоа што борбата против Исламската држава не се води само на бојното поле, што, според ваше мислење, може да направат државите во регионот за да се намали влијанието на Исламската држава меѓу муслиманското население?

Многу е важно земјите во регионот да се свесни за проблемот и да развиваат национални стратегии за борба против странските борци и тероризмот воопшто. Потребна е поголема соработка меѓу земјите во размена на информации и меѓусебно помагање во борбата против транс-националната закана. Како што рековте, одредено население е поранливо од овој феномен и затоа е важно да се разбере што се причините и мотивите странските борци од Западниот Балкан да се упатуваат во Сирија, Либија или во Ирак. Тие мотиви се различни, од економски до активности на идеолошки или религиозни организации што ги регрутираат. Затоа е важно од тој пат да ги одвратиме особено младите луѓе кои не гледаат алтернатива. Треба да се работи на економско јакнење на Западниот Балкан, треба да се обезбедат доволно работни места, соодветно образование и да се информираат граѓаните од заканата што ја носат странските борци. Ако постојат луѓе кои ги повикуваат странските борци на Блискиот Исток, треба да им се спротивстават гласови од власта кои ќе објаснат зошто тоа е погрешно, дека тоа е тероризам и дека е незаконско. Многу е важно да се соработува во регионот во примената на законите, одбраната и во полициските акции. Затоа е важно да им се овозможи на земјите кои сакаат членство во НАТО тоа да им се овозможи. Затоа што членките на НАТО низ годините покажаа дека се поспособни се борба против глобалните закани. Тука се враќам на вашето претходно прашање - на сите земји од регионот кои сакаат членство во НАТО и се способни да ги исполнат пристапните услови, треба да им се овозможи тоа и ниедна земја не би требало да има вето. Чувме претходни оценки на Сергеј Лавров дека интеграцијата на Западниот Балкан во НАТО би била провокација. Апсолутно не се согласуваме со тоа. НАТО не е насочен кон ниедна држава, тоа е одбранбен сојуз кој обезбедува колективна сигурност и одбранбена моќ на своите членки и може да придонесе во борбата против тероризмот и странските борци.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG