Достапни линкови

Што ќе се промени за Балканот со повторниот избор на Путин?


Претседателот на Русија Владимир Путин
Претседателот на Русија Владимир Путин

По повторниот избор на Путин за претседател на Русија, дел од аналитичарите велат дека Русија влегува во нова фаза на засилено влијание во регионот, а со тоа и во Македонија. Други не очекуваат промени, особено бидејќи во Македонија немало никакви промени во интересот за стапување во ЕУ и НАТО.

Различни се очекувањата на познавачите за тоа што ќе се промени во Македонија во однос на нејзините евроатлантски аспирации со повторниот избор на Владимир Путин за претседател на Русија.

Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, вели дека руското влијание во регионот, а со тоа и во Македонија, ќе продолжи позасилено со победата на Путин за нов претседателски мандат, но поранешниот амбасадор Благој Зашов не мисли така.

Зашов смета дека руското влијание на Балканот е составен дел на широкиот интерес на Русија за позиционирање насекаде во однос на САД и ЕУ. Според него, Москва ќе продолжи со истата политика на интересирање и за други региони, а не само околу нејзините граници, како Украина или Грузија, и во таа смисла тој не очекува позначајни промени со изборот на Путин.

„Повторниот избор на Путин за претседател на Русија нема ништо да промени за Македонија, особено затоа што политиката што ја води Македонија е стабилна и нема никакво размислување да се менува во однос на основниот интерес за стапување во НАТО и ЕУ“, вели Зашов.

Според австрискиот професор Бибер, со останувањето на Путин на чело на Руската Федерација, останува и старата политика. Но, тој предупредува дека тоа е негативно за Балканот, затоа што тоа би значело и зголемување на влијанието, иако, како што вели, Русија нема конкретна стратегија за Балканот, туку она што го прави е обид да се запрат евроатлантските интеграции во кој било случај и дека на Путин му е најлесно да го направи тоа токму на Балканот.

„Ако останете на власт 20 години, не се ни очекува од вас да се промените. Така што, мислам дека авторитарната политика е единствената насока во која Владата на Путин се развива низ годините. Колку подолго е на власт, толку помалку остава простор за демократските принципи, а толку повеќе се труди да биде авторитарен. Така што, повеќе би бил загрижен за неговото подолго останување на власт, што уште повеќе би ја зголемило неговата авторитарност и би станал уште поголем противник на Западот, затоа што му е потребна тензија за да остане на власт“, изјави за РСЕ, д-р Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац.

Зашов вели дека во Македонија Владата ги интензивира напорите за влез на земјата во ЕУ и НАТО и дополнува дека не очекува како последица на тоа Русија да премине на засилување на своето влијание.

Стратешки и географски сме свртени кон Западна Европа, нашите стратешки цели се влегување во НАТО и во ЕУ, вели Зашов кој дополнува дека со Русија нè поврзуваат други работи

„Не верувам воопшто дека Русија ќе направи некаков нов притисок или засилено интересирање кон Македонија зашто политиката е позната, се работи за истиот човек. Ништо не менува ситуацијата со изборот на Путин. Русија за нас не е алтернатива. Но, треба како и другите, треба да му честитаме на Путин за изборот и да посакаме нормални дипломатски односи и да имаме секакви економски односи со оваа голема земја која би сакал да ја наречам пријател зашто барем што се однесува до името, нема никаков спор“, изјави Зашов.

Професорот Бибер, пак, смета дека за да не бидат спречени регионалните влади, и конкретно македонската Влада, на патот кон ЕУ и НАТО, тие треба да ги остварат зацртаните реформи.

Според Бибер, во случајот на евроинтеграциите на Македонија, едно од тие клучни прашања е и решавањето на спорот за името со Грција.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG