Меѓу македонските граѓани, слично како и на политичката сцена, чекорите со кои премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа договор за решавање на спорот со името на државата, иницираа критики и пофалби.
Незадоволство од договорот во Македонија има кај граѓаните кои сметаат дека владата не ја одбранила националаната линија, а други велат дека е постигнат важен договор кој ја гарантира безбедноста на државата и овозможува конечно Македонија да стане дел од европското семејство и НАТО.
Дел од незадоволните организирани преку социјални мрежи синоќа протестираа пред Собранието на Македонија. Таму беа припадници на организација наречена Христијанско братство и неколку фудбалски навивачки групи.
Како и да е, граѓаните имаат и различни очекувања дали на крајот договорот со кој Македонија ќе добие нови име ќе донесе или не суштински економски и социјални придобивки во државата.
„Катастрофално. Зошто јас како македонец да не можам да си кажам дека сум македонец? Зошто некојси Заев за мене да кажува, и тие околу него, дека јас ќе бидам северномакедонец? Катастрофално. Катастрофално“
„Мислам дека ќе нема многу влијание на животот. Името само од техничка природа ќе има повеќе прашања што ќе мора да се разрешат, околу промена на имиња на институции, на документи и така“
„Навистина не се замарам со политика, нема некое големо влијание врз мене, така што, се додека безбедноста на државата не е загрозена и е за доброто, во ред е според мене, навистина немам некое остро мислење“ велат дел од граѓаните.
На прашање на Радио Слободна Европа колку државата ќе ја чини замената на документите за лична идентификација, согласно обврските од договорот меѓу Македонија и Грција, портпаролот на Владата Миле Бошљаковски изјави дека договорот е етапен, а оти имплементацијата е во наредниот петгодишен период. Како ќе се отвораат поглавјата од преговорите со ЕУ за членство така и ќе се имплементираат одредени решенија, изјави Бошњаковски. Тој рече дека постои можност за дел од документите да се најде решение со кое граѓаните нема да почувствуваат никаков трошок, но оти за тоа треба да се размисли.
„Во однос на трошоците тоа што можеме во моментот да кажеме е дека нема да има да се менуваат во еден ден сите патни исправи, туку која патна исправа како и истекува рокот ќе се менува. Што значи тие трошоци во однос на патни исправи ќе бидат во насока на редовните трошоци на вадење патни исправи кои ги имаат граѓаните на РМ. За сите други трошоци во моментот се прави анализа постои можност истите да бидат спакувани на начини на кој граѓаните на Р Македонија нема да почувствуваат никаков дополнителен трошок“ изјави Бошњаковски.
Инститициите се уште немаат информации колку ќе изнесува фананискиот товар од менувањето на документите за лична идентификација
Дел од граѓаните коментираат дека трошоците за менувањето на документите ќе бидат на нивна сметка. Според нив олеснителна околност е дека патните исправи нема да се менуваат одеднаш туку на рати, односно како што ќе истекува рокот на нивната важност.
“A вие кој мислите дека ќе ги покрие? Граѓаните. Многу е јасно и не сакам со вакви прашања да не правите будали нас граѓаните, затоа што не сме будали“
„По правило треба, сега во ситуацијава како што е, државата да ги покрие трошоците, ако им ги менува за кратко време, ако е тоа за подолг рок, да се дочека да им истече рокот на тие документи, тогаш може и граѓаните во тој случај“
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов изјави дека очекува трошоците од менувањето на документите во наредниот период да се однесуваат на патните исправи, затоа што многу македонски граѓани патуваат во Грција.
„Веројатно Грците ќе бараат да се патува со патни исправи со променетото име Северна Македонија и тука ќе биде најголемата гужва за вадење пасоши. А не верувам дека другите документи би биле врзани за рокови. Тој процес ќе се одвива и долго ќе трае тој процес на усогласување на документацијата, согласно договорот за новото име на државата“ изјави Трајанов
Тој вели дека сепак многу е рано да се каже колку би ја чинело државата промената на документите. Според неговата оценка, договорот меѓу Ципрас и Заев е договор во најава. Тој процес е долгорочен и зависи од многу околности, вели Трајанов, дополнувајќи дека не сака да да претпоставува дека е можно договор да се развлекува од една или друга страна.
„Прерано е да се направат точни калкулации колку ќе чини тој процес врзано со документите, но генерално сепак граѓаните се тие кои ќе вадат документи и ќе ги платат. Треба да се направи анализа колку лични карти се издадени други документи, сообраќајни дозволи. Тоа треба да го направат владините институции, да видат колку тој дел би бил трошок за граѓанитите односно за државата“, изјави Трајанов.