Достапни линкови

Грчки реакции по договорот со Македонија


Реакции во Грција на договорот со Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Реакции во Грција на договорот со Македонија

Историски договор. Ова е оценката на претставници на меѓународната заедница, но и на светските медиуми во врска со постигнатиот договор за спорот со името меѓу Македонија и Грција. Грчките граѓани, дел од владата и опозицијата пак остануваат на мислењето дека не треба да има Македонија во името на нивниот северен сосед.

Грција и Македонија постигнаа историски договор за решавање на спорот околу името на поранешната југословенска република, што со децении ги оптоваруваше односите меѓу двата соседа, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето до нацијата.

Ципрас наведувајќи дека соседната земја се согласила да го користи името Република Северна Македонија изјави:

„Во договорот што го постигнавме, за прв пат е дадено, дека нашите северни соседи немаат никаква врска со античката грчка цивилизација на Македонија и не можат да бараат никаква врска со тоа во иднина“.

Во врска со тоа што со договорот се отвора патот за можното членство на Македонија во Европската унија и во НАТО, кое е блокирано со приговорите на Грција за употребата на името Македонија, Ципрас рече:

„Ако уставната ревизија не напредува, тогаш автоматски поканата за влез во НАТО ќе биде откажана и преговорите за влез со Европската унија нема да започнат".

Грците пак и натаму главно се противат Македонија да биде содржана во името на нивниот северен сосед.

Параскеви Каркавелу вели:

„Не се согласувам, името треба да биде без Македонија. Тие можат да го користат кое било друго име, например Скопје.

На исто мислење се и Костас и Атанасиос Ѕаникис од Атина:

„Грчкото име во северниот дел на земјата е Македонија. Тие немаат никаква врска со ова. Тие треба да се нарекуваат Скопје“.

„Македонија е грчка. Тоа нема никаква врска со граѓаните на Скопје. Тие дојдоа тука во 6 век, немаат никаква врска со Македонија“.

За разлика од нив Сократис Фудукис вели:

„Верувам дека ова мора да заврши во одреден момент, на еден или друг начин. Големиот национализам не ни помага многу, бидејќи се покажа дека тоа може да биде деструктивно за Грција во иднина. Треба да ја користиме нашата логика и да ги земеме предвид двете страни“.

Повеќето опозициски партии ја критикуваа тактиката на Ципрас, вклучувајќи го и неговиот коалициски партнер, „Независни Грци“. Министерот за одбрана на Грција Панос Каменос изјави:

„Нашата позиција е јасна, а тоа е дека ние не се согласуваме и нема да гласаме за никаков договор кој го вклучува името Македонија. Ова одлука постои од создавањето на партијата. За таа одлука не може да се преговара“.

Атина и Скопје брзаат да се договорат пред самитот на ЕУ кон крајот на јуни и самитот на НАТО закажан за средината на јули.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG