Достапни линкови

Македонија со ерга омнес до подотворена врата кон ЕУ и НАТО


Во очекување да биде објавен целосниот договор за името меѓу Македонија и Грција, аналитичарите сметаат дека најголема загуба е прифаќањето на ерга омнес, а најдобрата страна откочувањето на евроатлантските интеграции.

Ден по објавата дека е постигнат договор за решавање на 25 годишниот спор за името меѓу Македонија и Грција, аналитичарите наоѓаат добри и лоши страни во тоа што го презентираше премиерот Зоран Заев.

Според Владимир Божиновски, политички аналитичар од Институтот за политички истражувања Скопје, позитивна страна е што имало опција за постигнување договор со кој ќе се реши долгогодишниот спор. Но, проблемот е во тоа што Грција си ги зачува сите свои црвени линии, а од друга страна Македонија се откажа од своите, смета Божиновски.

“Тоа што го збореа и премиерот и министерот за надворешни работи, дека нема промена на името за внатрешна употреба, односно промена на уставното име испадна дека не е така, што е сериозен проблем”, вели Божиновски.

Професорот Никола Дујовски пак, смета дека кога се зборувало за тоа дали е договорот позитивен или негативен требало на него да се гледа како на целина.

“Ако го поврземе со интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во Европската унија што е и главниот дух на договорот и единствената цел поради која прифативме да преговараме со Грција на ваков начин тогаш договорот во целина не може да биде негативен за Република Македонија” вели Дујовски.

Во триесет минутната прес конференција Заев придружуван од повеќето владини министри неколкупати повтори дека со решението се јакнел македонскиот идентитет, нагласувајќи дека договорот предвидува јазикот да биде, македонски, Macedonian, без фусноти, а националноста македонска/ граѓани на Република Северна Македонија. Добивањето на јазикот, според Божиновски, не може да се прикаже како посебен успех.

“Најдобро е да се види изјавата на Коѕијас, македонскиот јазик е кодификуван пред 75 години, заведен е во Обединетите нации како Macedonian и тука едноставно и нема што да се преговара”, вели Божиновски.

Сепак, тој не сака да навлегува во коментирање детали од договорот и временската рамка за неговата имплементација, зошто очекува прво да се објават тие дваесеттина страници во целост, за да може конкретно да се видат сите точки. Како што најавуваат од владата,пак, договорот ќе биде објавен откако ќе биде усвоен на владина седница. За потпишувањето на двајцата премиери, Заев спомена четири дена, односно дека може да се случи од петок до понеделник, повторно споменувајќи ја како локација Преспа, но додаде дека таа се уште не е дефинирана.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG