Достапни линкови

Името е Република Северна Македонија


Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и Владата за договорот со Грција за новото име
Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и Владата за договорот со Грција за новото име

“Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите нации, македонски, Macedonian, без фусноти, националноста е македонска/ граѓани на Република Северна Македонија” рече Заев.

Решаваме 25 годишен спор кој земјата ја влечеше надолу, а со решението го јакнеме македонскиот идентитет, Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба што ќе се прецизира со амандман во Уставот.

Ова, како што објави премиерот Зоран Заев е дел од договорот што како решение за спорот за името го постигнале тој и неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Премиерот, придружуван од целата влада неколкупати повтори дека со решението се јакнел македонскиот идентитет.

Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите нации, македонски, Macedonian, без фусноти, националноста е македонска/ граѓани на Република Северна Македонија” рече Заев.

Заев:Република Северна Македонија за севкупна употреба
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

За внатрешна употреба новото име, појасни премиерот, ќе се употребува со отворање на поглавјата за зачленување во Европската унија но не подоцна од пет години по отворањето. Заев прецизираше дека дома придавките ќе останат да се користат.

“Тоа значи со промени во Уставот и со конечното ратификување на договорот во Грција тоа станува вековно трајно и историско и оваа влада ќе биде Влада на Република Северна Македонија, министерството за здравство ќе биде Министерство на Северна Република Македонија, но ќе зборуваме за македонското здравство, за македонската влада ” рече Заев.

Договорот, нагласи, тој ќе биде претставен пред сите релеванти политички фактори,па потоа потпишан од претставниците на двете влади, по што следи ратификација во Собранието на Република Македонија. Грција, како што појасни Заев, ќе испрати писма до ЕУ и до НАТО со што ќе се одблокираат процесите за Македонија, па наесен ќе следува референдум, на кој премиерот неколкупати нагласи дека граѓаните ќе го имаат последниот збор, но дека е уверен дека тој ќе биде успешен. По референдумот Грција до крајот на годинава ќе го ратификува договорот и протоколот за членството во НАТО.

Пресот следува накратко по телефонскиот разговор со неговиот грчки колега Ципрас кој дека е постигнат договор обелодени и во Атина.За средбата на која би се потпишал договорот Заев спомена четири дена, односно дека може да се случи од петок до понеделник, а за местото Преспа, повторно го спомена, но рече дека се уште не е дефинирано.

Реакции на меѓународната заедница

Посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц ја поздрави објавата од премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас дека постигнале заемно прифатливо решение за спорот за името.

„Не се сомневам дека овој договор ќе доведе до период на подобрени односи меѓу двете соседни земји, а особено меѓу нивните народи. Во тој контекст, јас сум охрабрен од посветеноста на двете влади да обезбедат взаемна корист за нивните граѓани преку воспоставување стратешко партнерство, како основа за интензивирање на соработката во сите области“, се наведува во соопштението од Нимиц.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во заедничка изјава им честитаа на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето договор за спорот за името.

Тие очекуваат Советот на ЕУ да ја потврди препораката за преговори.

„Ова, не само што е заслужено како признание за значителните реформски резултати на земјата, туку ќе придонесе за целосна имплементација на договорот во интерес на двете земји, регионот и нашата Унија во целина“, се наведува во соопштението.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го поздрави договорот за името меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

„Ги повикувам двете земји да го финализираат договорот постигнат од двајцата лидери. Ова ќе го стави Скопје на патот кон членство во НАТО, а тоа ќе помогне да се консолидираат мирот и стабилноста на поширокиот регион на Западниот Балкан“, се наведува во реакцијата на Столтенберг.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG