Достапни линкови

Договорот, прашањето, аферите - сè ќе влијае врз референдумската излезност


Архивска фотографија- гласање на избори
Архивска фотографија- гласање на избори

Покрај референдумското прашање и самиот Договор со Грција, повеќе фактори ќе влијаат врз одлуката на граѓаните, оценуваат упатените. Меѓу клучните го наведуваат ангажирањето на Владата да го објасни договорот, но и поддршката од западните сојузници.

Иако референдумското прашање се уште не се знае, една работа поврзана со изјаснувањето на граѓаните за Договорот со Грција и сега е позната - излезноста ќе биде неизвесна.

Предвидените 50 насто од запишаните гласачи во избирачкиот список, односно околу 900.000 граѓани, според проценките на партиите и упатените, нема лесно да се достигнат.

На последните парламентарни избори излезноста беше 66,80 насто, а околу 38 проценти од нив гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија се уште нема јасно дефиниран став за тоа дали ќе ги повика своите гласачи да излезат и да гласаат против Договорот или, пак, да бојкотираат. Најмалку очекувано е лидерот Христијан Мицкоски да побара од своите поддржувачи да гласаат за договорот со Грција, земајќи го предвид неговиот став дека тој е капитулантски документ.

Аферите може да ги демотивираат гласачите

На прашањето што може да ги натера гласачите да излезат или, пак, да останат дома, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека граѓаните треба да се поделат на две групи.

Едните се партиските членови кои ќе ги послушаат нивните раководства, а другите се неопределените граѓани и врз нивната позиција најмногу влијае можноста еднаш засекогаш да се затвори прашањето поврзано со НАТО и ЕУ, додава тој.

Секако работите кои го нарушуваат кредибилитетот на Владата, која е иницијатор на овој проект, не и одат во прилог, но од друга страна треба да се има предвид дека ваквите феномени кај дел од гласачите би можеле да имаат некаков вид на приклонување кон НАТО и ЕУ за вакви проблеми да не ни се случуваат”, вели Арсовски, зборувајќи за влијанието врз референдумот на неколку владини афери како парите од Фондот за иновации или пак, тендерот на Министерството за здравство.

За неуспешен референдум влијание ќе имаат и групите кои повикуваат на бојкот. На таков чекор според Арсовски, ќе се одлучат повеќето од оние што не го поддржуваат договор, бидејќи неизлегувањето на референдум за нив е најсигурен начин за неуспех.

Според професор Сефер Тахири, сепак за мобилизација или демобилизација на гласачите е клучно како и колку Владата ќе го објасни Договорот со Грција и бенефициите што би ги имала земјава од членството во евроатлантските структури.

Сметам дека референдумот ќе биде на некој начин вкрстување на два политички концепта и идеологии и која страна ќе биде поубедлива таа мислам дека ќе победи на референдумот”, вели Тахири.

Конкретни чекори за поголема излезност

Надвор од Договорот со Грција и поканата за зачленување во НАТО и очекувањата за датум за преговори со Европската унија, за мобилизација на гласачите може да влијаат и западните земји, оценуваат аналитичарите.

„Високи посети, конкретни мерки, поттици, отпочнување на ИПА иницијативи, преземање конкретни чекори, евентуално укинување визи со некои земји кои се членки на НАТО алијансата, сето тоа има директно влијание врз гласачите и ја зголемува мотивацијата, бидејќи демонстрира на кој начин би им бил подобар животот на граѓаните ако ова прашање се затвори”, вели Арсовски.

Во меѓувреме, партиите се уште немаат закажано нова средба. Последниот лидерски состанок заврши со несогласувања меѓудругото и за формулацијата на референдумското прашање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG