Достапни линкови

Медиуми - говор на омраза, референдум и амнестија


Основно јавно обвинителство во Скопје.
Основно јавно обвинителство во Скопје.

Медиумите пишуваат дека Јавното обвинителство ќе го истражува говорот на омраза на социјалните мрежи за пожарите во Грција, а отвори постапка и за Фондот за иновации. Сите медиуми пишуваат и за изборот на ДИК, датумот за референдум и за изјавите на властите дека нема да има амнестија.

Она што кај нас стана вообичаена дејност наназад десетина години – говорот на омраза преку социјалните мрежи, да се надеваме дека ќе почне да се санкционира.

„Основното јавно обвинителство ќе го истражува говорот на омраза во врска со пожарите во Грција со определени написи и коментари со кои преку компјутерскиот систем во јавноста се шират расистички и ксенофобични материјали“ – објави Нова Македонија. Човек да се запраша, толку ли сме станале зол народ па се ситиме на огнената несреќа што ја зафати соседна Грција во која живи изгореа стотина луѓе?

Од другите наслови во електронските изданија на печатените медиуми издвојуваме: „Изборот на ДИК го отвора патот за организирање на есенскиот референдум“ – пишува Нова Македонија додавајќи дека се очекува до понеделник Собранието да одржи нова седница на која ќе се распише изјаснувањето на граѓаните во врска со евроатлантските аспирации на Република Македонија и Договорот за името со Грција. Како што е најавено, датумот е 30 септември. Оваа вест ја објавија и Независен, Вечер и Слободен печат. Вечер со наслов дека „Пратениците изгласаа сè што се договорија власта и опозицијата“. Истиот весник ја објавува изјавата на премиерот Заев: „Ако нема исполнет цензус на референдумот, Парламентот ќе гласа за или против уставни измени“.

Владата преку својот портпарол Бошњаковски потврди: „Амнестија за судските постапки што се водат, а произлегоа по објавувањето на прислушуваните разговори – нема да има“ – објави Нова Македонија. Сите пишани медиуми информираа дека „По налог на Јавното обвинителство е одземена документацијата од Фондот за иновации за доделените грантови. Обвинителството отвори предистражна постапка“, како што гласи насловот во Нова Македонија. Вечер ја објави изјавата на премиерот Заев со следниов наслов: „Заев нема да бара оставки од функционерите кои аплицираа за грантови зашто биле незаменливи“.

Независен детално информира дека бизнисменот Сеад Кочан, чија фирма „цела деценија беше една од најуспешните компании и градеше делници, булевари, но и барокни фасади, но со фалсификувани документи доби тендер од 17 милиони евра е осуден на шест години затвор заедно со потписникот на фирмата „Силекс неметали“, Василие Авировиќ, кој е осуден на три години затвор“. Весникот додава дека на компаниите на осудените им е конфискуван имотот во вредност од 17 милиони евра и проневерените пари ќе се враќаат во државниот буџет.

За уште една „аферичка“ дознава јавноста преку пишаните медиуми. Потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири на прес-конференција најави поднесување на кривична пријава за опозицискиот пратеник и претседател на Комисијата за надворешни прашања, Милошоски и за лице во Кабинетот на претседателот Иванов за оддавање државна тајна, во врска со класифицираните материјали од лидерските средби кај претседателот за Договорот со Грција, информира Нова Македонија. Слободен печат ја објавува изјавата на шефот на дипломатијата Димитров: „Оддавањето државни тајни е антидржавен процес, тоа може да наштети на процесот кој не е завршен“.

Пишаните медиуми забележуваат: „Скопје одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес“, како што наслови Независен. Програмата насловена „Зборува Скопје“, додава весникот, во четири дена ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот но и со културната историја на Скопје.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG