Достапни линкови

Референдумот меѓу повици за поддршка и за бојкот


ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека ја погазила демократијата со распишувањето на референдумот. Од владејачката партија порачуваат дека овозможиле граѓаните да го имаат последниот збор. На социјалните мрежи повици за поддршка, но и за бојкот. Меѓународната заедница пак повикува граѓаните да излезат да гласаат.

СДСМ ја брани одлуката за распишување на референдум, ВМРО-ДПМНЕ се противи, а меѓународната заедница ги повикува граѓаните да излезат на гласање, при што не изостануваат ни повиците за бојкот. На социјалните мрежи веќе има и групи кои се за бојкот на референдумот и промена на името.

Во Собранието без присуство на ВМРО-ДПМНЕ беше донесена одлуката за распишување на референдумот, кој ќе биде консултативен и ќе се одржи на 30 септември, а прашањето ќе гласи- Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека СДСМ уште еднаш ја погазила демократијата во Македонија, а премиерот Зоран Заев ги излажал граѓаните со ветувањето за задолжителен референдум.

СДСМ повторно покажа самоволие и непочитување на парламентарната демократија. Свесни за штетноста на капитулантскиот договор и свесни дека договор за промена на уставното не е прифатлив за граѓаните, насила, и со тешка манипулација преку двосмислено референдумско прашање се обидуваат да го протуркаат“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се уште нема одлука дали ВМРО-ДПМНЕ ќе повика на бојкот на референдумот за тоа дополнително ќе одлучуваат највисоките партиски органи. Но, за бојкот на социјалните мрежи веќе се изјасни пратеникот на опозициската партија Антонијо Милошоски.

„Референдумското прашање кое е спротивно на Законот (задолжителен, наместо консултативен) и спротивно на Законот (еднозначно, наместо трозначно манипулативно прашање) и спротивно на Уставот потврден од народот 1991 и Бадинтер (ЕУ) 1992 година. Не заслужува одговор! Бојкотирам“, напиша Милошоски на Фејсбук.

СДСМ порача дека се овозможило последниот збор за Договорот со Грција да го имаат граѓаните, а се обединиле сите политички партии кои се за ЕУ и НАТО, освен ВМРО-ДПМНЕ коишто се против интеграцијата на Македонија.

Референдумот е вистинска и непосредна демократија, а волјата изразена на него ќе биде обврзувачка за сите, затоа што гласот на граѓаните е клучен за македонската иднина“, соопштија од СДСМ.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на неговиот профил на Фејсбук порача дека 30 септември е денот кога ќе се стави точка на тоа, како што наведува, кои сме и на каков јазик зборуваме, овој пат под наши услови.

Денот кога сами ќе ги отвориме вратите кон НАТО. Кон ЕУ. Кон иднината. Денот кога конечно ќе излеземе од чекалната и привременоста. За да не’ биде, за да си ја зацврстиме државноста и за да создадеме услови за пристоен старт на следната генерација. 30 септември - љубов (кон татковината), вера (во нас самите) и надеж (во иднината)“, напиша Димитров.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на Твитер ја поздрави одлуката на Собранието.

„ЕУ го поддржува овој договор и неговата имплементација како симбол на помирување и добрососедски односи во регионот. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да го искористат своето демократско право на глас. Се работи за нивната земја и нивната иднина“, напиша Хан.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG