Сите кои сме вклучени во ова мнозинство и во институциите кои се носители на обврските кои произлегуваат од спогодбата со Грција, сме внимателни и повикуваме на внимателност во сите потези во завршната фаза од Договорот од Преспа, рече првиот човек на Собранието Талат Џафери, коментирајќи ја изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети во неделното интервју на нашето радио, а во која тој вели дека чувствува немир околу последната фаза за уставните измени за која се потребни 80 гласови.
„Таа загриженост не е во смисла дека некој не верува во некого туку се однесува на сите постапки и случувања околу функционирањето на институциите и затоа е апелот за да се има внимание во постапките понатаму за да не се провоцира ситуација којашто би била спротивна од определбите за исполнување на договорот во завршна фаза”, изјави Џафери.
Тој додаде дека ако се оди според планираната динамика на 17 декември ќе ја свика комисијата за уставни прашања каде ќе може пратениците да предложат амандмани на амандманите, а како најверојатен датум кога ќе ја закаже пленарната седница го посочи 9 јануари, односно 15 јануари, кога треба да се случи гласањето за уставните измени.
Инаку Џафери денеска е домаќин на неговиот албански колега Грамоз Ручи. На средбата која и двајцата ја опишаа како пријателска и конструктивна било разговарано за повеќе прашања од заеднички интерес.
„Ја искористив приликата да го информирам господин Ручи за активностите во Собранието, односно до каде сме во насока на исполнување на точките од Преспанскиот договор, за којшто заеднички се согласивме дека е голем успех и најдобар доказ дека само со дијалог можат да се затворат повеќегодишните отворени прашања со соседите и дека ова е единствениот начин неоптоварено да се продолжи напред кон унапредување на добрососедските односи и интензивирање на регионалната соработка”, рече Џафери по средбата.
Претседателот на собранието на Албанија истакна дека Албанија целосно го поддржува интегрирањето на Македонија во ЕУ и во НАТО, а го поздрави и договорот од Преспа.
„Го поздравуваме постигнувањето на договорот од Преспа и сите напори на собранието и владата за затворање на прашањето за промена на името на Македонија што ќе го отвори патот за нејзиното брзо зачленување во НАТО и отворањето на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година. Му изразив на претседателот полна поддршка од Албанија за членството на Македонија во НАТО”, рече Ручи.
Гостинот од Албанија истакна дека неговата земја ги почитува правата на македонското малцинство во Албанија, а како особено значајна ја истакна соработката со општината Преспа. И двајцата се согласиле дека постојат можности за унапредување на соработката особено во економскиот дел, зголемување на скромната трговска размена, како и потребата од инфраструктурно и енергетско поврзување меѓу двете земји.