Албанија и Македонија пред себе имаат заедничка цел - започнување преговори со ЕУ во наредната година. Нашиот западен сосед отиде чекор понапред во евроатлантските апсирации кога земјата во 2008 година доби покана за членство во НАТО, а во 2009 и официјално стана дел од Алијансата.
За граѓаните кои ги анкетиравме за време на нашата посета на Тирана, членството во НАТО е успех, а животот далеку од посакуваниот. Но, евроинтеграцијата за нив е надеж за подобар живот и општество.
„Нема каде да одиме. Ќе мора да се спроведуваат законите. Таму има други правила, друга е играта. Стануваш дел од европските шампиони“, вели Осман Ага.
„Можеби ќе почнат да функционираат законите“, вели Асије Субаши.
„За една подобра иднина за сите. За тоа живееме. Се школуваме за да имаме подобра работа, повеќе пари, да се цени повеќе трудот, зошто во Албанија сега трудот воопшто не се цени. Ти се уморуваш секој ден и кога доаѓа крајот не добиваш ништо“, истакнува Абигела Велешка.
Фатмир Мејдиу, кој бил министер за одбрана кога Албанија стана членка на НАТО, а сега е пратеник на опозициската Републиканска партија вели дека влезот во НАТО носи безбедност, модернизација на армијата и развој на економијата. Според него, потребна е регионална економија преку која Македонија и Албанија ќе си помогнат на патот кон ЕУ.
„Како што имавме добро искуство со Јадранската повелба ние можеме да продолжиме со Берлинскиот дијалог кон многу конкретни предлози кои ќе и помогнат на нашите земји. Ни треба енергија како една од двете основни работи и добар фискален систем, како и поголема сигурност за странските инвеститори да дојдат во нашите земји“, порачува Мејдиу.
Пратеничката на владејачката социјалистичка партија, Мими Кодели, истакнува дека политичарите и граѓаните биле обединети за влезот во НАТО. Македонија и Албанија, како што наведува, треба да учат од сопствените грешки за поуспешен евроинтегративен процес.
„Можеме тоа да го направиме заедно. Заеднички со градењето на патишта, градење автопат, градење мостови и енергетска мрежа и така е полесно за нив да инвестираат ЕУ пари во заеднички проекти. Не зборувам само за Македонија и Албанија, туку генерално за целиот овој дел од светот. Ова е едно, другото е дека може да учиме едни од други“, вели Кодели.
Освен институциите и невладините организации од двете земји може многу да придонесат во остварување на целта. Првата важна задача е да се информираат граѓаните, вели извршната директорка на Европскиот центар, Ина Џепа.
„Невладините организации можат да направат многу во подигнување на свеста што претставува ЕУ и кои се задачите и обврските, нормално дури и правата и користа од членството“, посочува Џепа.
Според податоците, странските директни инвестиции во Албанија пет години пред влезот во НАТО изнесувале 5,5 отсто од БДП, додека пет години по влезот во Алијансата растат на 9,1 процент.