Господине Ахмети, десет години бевте партнер во Владата со Груевски. Сега, година и половина сте во Владата со СДСМ. Со кого подобро функциониравте, каква е вашата оцена?
Сега, за да се направи споредба, мислам дека треба да помине едно подолго време за да се биде пообјективен, за да се биде порационален, затоа што, ако правиме една избрзана споредба, секако дека можеме да правиме и грешки. Направени се добри, корисни работи и во заедничката власт со господин Груевски, но направени се и добри работи со партијата на господин Зоран Заев во мандатот 2002-2006 и јас сум се потрудил да бидам еден искрен соработник, за важните теми. Не сум бил заинтересиран мандатот што произлегува од граѓаните да го користам за дневни политички придобивки, или за групни, или индивидуални, политички придобивки, туку мандатот што го имав добиено од граѓаните сакав да го материјализирам во насока на реализација на волјата на мнозинството граѓани, кои ми ја имаа дадено поддршката и ми ја даваат поддршката, во сите овие мандати.
По толку години заедно на власт со ВМРО-ДПМНЕ, СЈО води постапки против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но не и против функционери на ДУИ. Стравувате ли од предистражните и други постапки кои ги води СЈО против вас или ваши функционери?
Ми изгледа малку, како да речам, навредливо да речеш: јас ли да се плашам од истрагите, од кажувањето, или откривањето на вистината. Ние имаме една одлука и ќе ми треба да побарам и да ги замолам сите вас медиумите за да промовирате, за да објавите што повеќе за таа одлука на Демократската унија за интеграција, за таа одлука која јас неколкупати ја имам промовирано во медиумите, за да се отвори истрага од 2002 година, сè до моментот кога ние сега зборуваме за оваа ваша програма, затоа што луѓето не треба да се стават со грбот до ѕид со непотврдени обвинувања, со неоткриени обвинувања во еден редовен судски процес. Јас не заштитувам, ниту амнестирам некого кој ја има изневерено дадената доверба од Демократската унија за интеграција. Ако некој ја има погазено довербата од електоратот, да одговора пред органите на правдата, но со услов за да нема селективна правда, да не се става правдата во функција на една одредена група, или за цели кои јас ниту можам да ги одгатнам сега, но ниту можам да дадам детали, затоа што оваа земја најмногу има потреба да владее законот, оваа земја најмногу има потреба да функционира правото, оваа земја има потреба навистина да влезе, сериозно се ангажираме за проверка (ветинг) во судство, за проверка во полиција, затоа што ако имаме една консолидирана правда, која ќе ги реши сите прашања, сите спорови, секако дека ние ќе можеме да чекориме во еден геометриски прогрес напред.
Господине Ахмети, очекувавте ли вашиот поранешен партнер Груевски да избега од државата?
Сега, јас не сакам да шпекулирам, но не сум мислел дека тој ќе се оддалечи од државата, но тој би требало да ги знае појаките причини зошто се оддалечил.
Како ја оценувате оваа негова постапка?
Сега, што да кажам? За да се донесе една таква одлука, не е лесно и секако, јас очекувам тој да даде повеќе објаснувања за јавноста.
Господине Ахмети, каква е вашата оценка за работата на Владата со оглед на тоа дека впечатокот во дел од јавноста е дека некои работи паднаа во втор план за сметка на решавање на проблемот за името?
Мислам дека ова мислење што вие го изнесувате и стои, така што Владата, политичките партии кои се во оваа коалиција навистина многу енергиja потрошија во насока на менаџирање на овој процес во насока на почитување на Преспанскиот договор - речиси сиот капацитет на политичките партии, на Владата на Република Македонија, целосниот ангажман е овој процес да се спроведе, затоа што е еден многу важен процес, е еден неповторлив процес, т. е. овој е еден решавачки момент дали Република Македонија ќе се придвижи во добра насока, или ќе тапкаме во место. Ако останеме да тапкаме во место, тапкањето во место има непредвидливи последици за нас како држава, но и за регионот. Така, проблемот, решавање на овој проблем, спроведувањето на Договорот, или пак неспроведувањето на Договорот - за кое јас и не би сакал да го помислам, неспроведувањето на Преспанскиот договор - има последици за целиот регион, но има придобивки и целиот регион во насока на инсталирање на мирот, безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија.
Втората фаза од уставните измени помина, сега ќе има јавна дебата па пак ќе се гласа со двотретинско мнозинство. Очекувате ли да има проблеми при обезбедувањето на двотретинското мнозинство?
Сега, да ја кажам вистината. Како да имам еден немир, затоа што ова е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невниманијата на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес кој веќе е затворен и дека е завршен. Овој процес се уште е во развој и треба сите државни институции, законодавни институции, институциите кои ги спроведуваат законите, да бидат внимателни, да го чуваат од некоја надворешна инфламација, затоа што лесно може да се загрози имунитетот на овој процес.
Што подразбирате кога велите сите институции да повнимаваат на процесот?
Мислам дека не можам да одделам, затоа што сите институции имаат одговорност за да го зачуват имунитетот на процесот. Реков уште на почетокот: од органите што управуваат со државата, до законодавните органи и тие кои го спроведуваат законот – сите имаме одговорност за зачувување на постојаноста на процесот и процесот да остане здрав, на нозе, сè до завршеток.
Мислите на некои приведувања што се случија и на некои судски процеси што се во тек?
Сега, јас реков дека сите треба да бидеме внимателни, вклучувајќи ги тука на крај и политичките партии...
На неколку месеци пред претседателските избори повторно ја актуализиравте идејата за консензуален претседател. Наидовте на разбирање за оваа идеја кај вашиот владин партнер СДСМ?
Мислам дека не сме далеку од идејата дека на земјата ѝ треба еден консесуален претседател, еден усогласен претседател, но сè уште не сме разговарале за деталите и мислам дека во иднина, по завршување на овие големи процеси кои ги имаме, ќе може да разговараме и за ова тема, но ние достојно стоиме до тој принцип за кој не еднаш, туку неколку пати сме се декларирале дека, за добробитта на земјата, во корист на земјата, ќе беше ако имавме една фигура која нè зближува и не која нè разделува.
Господине Ахмети, како ќе го убедите СДСМ да ја прифати идејата за консензуален кандидат за претседател ако се земат предвид некои последни испитувања на јавното мислење според кои ДУИ има речиси исти рејтинг како СДСМ кај албанскиот електорат?
Е, сега не би сакал да навлезам, ниту да шпекулирам, ниту да коментирам анкети, затоа што анкетите треба да ги коментират самите куќи кои ги прават анкетите, но едно се знае дека Демократската унија за интеграција ја има легитимноста и најголемата поддршка на Албанците на Република Македонија.
Можни ли се предвремени парламентарни избори заедно со претседателските доколку еве, не помине идејата за консензуален кандидат за претседател?
Мислам дека нема потреба за организирање на предвремени избори. Ние треба да ги спроведеме и материјализираме задачите, обврските, програмите кои ги имаме, било како Влада, било како политички партии кои партиципираме во коалицијата и мислам дека за земјата ќе беше покорисно ако се оди на редовни избори и да стигнеме со успех да ги завршиме изборите за Претседател на државата што подобро и да најдеме заеднички јазик овој процес да го менаџираме заедно.