Вести
СЈО тврди дека четворица судии работеле по директни политички нарачки

Специјалното јавно обвинителство во Посебниот извештај што го објави денеска наведува дека поранешната претседателка, а сега член на Судскиот совет, Александра Зафировска, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, судијката во Вишиот управен суд, Светлана Костова и судијката од скопскиот Кривичен суд, Софија Лаличиќ постапувале несоодветно по директни политички нарачки, што е утврдено врз основа на прислушуваните разговори и смс-комуникаците што ги поседува Обвинителството.
“Неовластените прислушувања резимирани во овој извештај покажуваат интеракции помеѓу високи функционери во судството и членови на Владата на Република Македонија кои во основа ја поткопуваат судската власт. Неовластените прислушувања откриваат разговори во кои членовите на судството се откажуваат од својата независност и непристрасност за да ги унапредат интересите на владата или нивните сопствени интереси. Таквата комуникација несомнено дека остава простор за создавање на недоверба кај јавноста во целиот судски систем”, стои во Посебниот извештај на СЈО.
Целта на поднесувањето на Посебниот извештај, како што велат од СЈО, не е единствено за да се документира минато несоодветно постапување, туку за ваквото несоодветно постапување да не продолжи да го поткопува владеењето на правото во Република Македонија и да ја попречува евроатланската интеграција на нашата земја.
Во посебниот извештај објавен на интернет страницата на СЈО за секој од четирите судии ги има наведено контактите со луѓето од поранешната извршна власт. Во него се наведува дека поранешната претседателка, а сега член на Судскиот совет Зафировска одлучувала за судот во координација со премиерот на Владата, министерот за правда, министерот за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, посочува СЈО, во повеќе наврати на своите соговорници им изнесувал информации од судските постапки, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето. На судијката Софија Лаличиќ пак, како што е посочено во извештајот, повеќе од една година пред да биде избрана за судија и
Судијката Светлана Костова за која се наведува во извештајот дека паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање, со што според СЈО се доведува во прашање нејзиниот личен интегритет, но и институционалната независност на судиската функција.
види ги сите денешни вести
Извештај на ЕП за Турција: Во сегашните околности невозможно е продолжување на евроинтегративниот процес

Турција бележи континуирано влошување на демократските стандарди, за што показател е и политички мотивираното отстранување на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу од функцијата, поради што процесот на пристапување на земјата во Европската Унија мора да остане замрзнат, се наведува во Извештајот на Европскиот парламент за Турција.
Во документот кој беше усвоен денеска (9 април) од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) со 48 гласа „за“, 3 „против“ и 23 „воздржани“, европратениците оценуваат дека и покрај геополитичките и стратешките императиви на процесот на пристапување, не може да се занемари непочитувањето на демократските принципи, па затоа во сегашните околности и покрај демократските и проевропските аспирации на голем дел од турското општество, процесот на пристапување на Турција во ЕУ не може да продолжи.
„Турската Влада не ги презема неопходните чекори за надминување на постоечките фундаментални демократски недостатоци“, се вели во Извештајот, при што се посочува дека во ЕУ се појавува тенденција да се воспостави „поинаква рамка за односите, што може да биде на сметка на процесот на пристапување“.
Европратениците изразуваат „длабока загриженост“ поради континуираното влошување на состојбата со почитувањето на демократските стандарди во Турција и поради „немилосрдното задушување на критичките гласови од страна на турските власти“ и го осудуваат постојаното таргетирање на политичките партии и членовите на опозицијата.
Во документот се нагласува и „крајната загриженост“ поради неодамнешното апсење и смена од функцијата на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.
„Ова е политички мотивиран потег, кој има за цел да спречи легитимен аспирант да се кандидира на претстојните избори и кој дополнително ја турка земјата кон целосно авторитарен модел, се вели во Извештајот и се повикуваат турските власти „да стават крај на сегашните сериозни ограничувања на основните слободи, особено на слободите на изразување и на собирање“.
Известувачот на ЕП за Турција, шпанскиот европратеник Начо Санчез Амор истакна дека турските власти постојано ја повторуваат нивната „наводна посветеност“ на членството во ЕУ и нагласуваат колку е важно за Унијата да го заживее пристапниот процес со земјата поради безбедносни и геополитички причини.
Европратениците посочуваат дека пристапувањето на Турција кон ЕУ зависи од исполнувањето на критериумите за членство, кои бараат стабилни институции што гарантираат демократија, владеење на правото и човекови права, почитување и заштита на малцинствата, добрососедски односи и усогласеност со меѓународното право и заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Четири пациенти лекувани во Хрватска, Шведска и Италија се враќаат во државата

Четири од повредените лица во пожарот во Кочани, денеска (9 април) се враќаат од странство, соопшти Министерството за здравство.
Станува збор за двајца пациенти кои се лекувани во Хрватска, еден во Шведска и друг во Италија.
„Во странство се хоспитализирани 60 пациенти. Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти“, појаснуваат од Министерството за здравство.
Во болниците во државава во моментов се лекуваат седуммина пациенти. Четворица се во хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, двајца пациенти во приватната болница „Систина“ и еден пациент на Клиниката за пулмологија.
Од Министерството за здравство истакнуваат дека континуирано се следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и понатамошна рехабилитација.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа поврдени.
Десетици ранети во руски напади врз неколку украински градови

Во напад на руски беспилотни летала врз украинските градови Днипро, Харкив и Краматорск доцна на 8 април беа ранети повеќе од дваесет луѓе и оштетени повеќе станбени згради, соопштија локалните власти.
Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск, изјави дека „Днипро најмногу настрада“ од рускиот напад во текот на ноќта, во кој беа ранети најмалку 15 лица, а речиси сите беа во тешка состојба.
„Луѓето имаат исеченици, рани од шрапнели, модринки и повреди на главата. На некои им беше потребна помош поради силен стрес“, рече Лисак.
Лисак додаде дека нападот оштетил 15 приватни куќи и речиси дваесетина автомобили. Според него, оштетени се повеќе деловни објекти, административни згради и градска инфраструктура.
Вториот по големина град во Украина, Харкив и источниот град Краматорск беа погодени од руски беспилотни летала.
Локалните власти соопштија дека во Харкив се слушнале повеќе од 20 експлозии, при што се повредени најмалку две лица. Уште петмина се повредени во Краматорск, во областа Доњецк.
„Во нападот се ранети 11-годишно девојче, нејзината 34-годишна мајка и 55-годишна баба“, изјави шефот на регионалната воена управа на Доњецк, Вадим Филашкин.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека во текот на ноќта собориле 32 од 55 беспилотни летала лансирани од Русија, а уште осум „не стигнале до своите цели“.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана во објава на Телеграм соопшти дека нејзините единици за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 158 беспилотни летала, вклучувајќи 29 над јужниот регион Ростов.
Руската авијација, Росавијација, соопшти дека неколку аеродроми на југот на Русија биле затворени рано на 9 април за да се обезбеди безбедност на воздухот.
На теренот, според последниот извештај на американскиот Институт за проучување на војната руските сили во моментов извршуваат три различни операции во обид да го заземат клучниот град Покровск во регионот на Доњецк.
„Ситуацијата јужно и југозападно од Покровск останува исклучително динамична во услови на засилени руски офанзивни операции“, се вели во извештајот.
Со оглед на тоа што руските сили ги поминаа последните 13 месеци обидувајќи се да го освојат градот, Институтот за проучување на војната дополнително подвлече дека операциите на украинските беспилотни летала и локализираните контранапади продолжуваат да го комплицираат напредокот на Москва во областа.
Бугарските угостители на протест, бараат ДДВ-то за туризам да не се зголемува

Во Софија и во другите градови низ Бугарија денеска (9 април) ќе се одржат протести на вработените во угостителството, со барање да остане на сила стапката на ДДВ од девет проценти за туристичкиот сектор.
Во Софија протестот ќе се одржи денеска од 15 до 19 часот под слоганот „Политичари, не го убивајте бугарскиот туризам, не ни ги гаснете светлата засекогаш“, а рестораните ќе бидат затворени од 14:30 до 19:30 часот.
Протестите следуваат откако на средбата меѓу претставници на угостителите и претставници на владејачкото мнозинство не беше постигнат договор за владиниот предлог за зголемување на стапката на ДДВ во областа на туризмот на 20 отсто, објави Новините.
Бизнисмените постојано најавуваа дека враќањето на стапката на ДДВ на 20 отсто ќе доведе до стечај, престанок на дејноста, намален промет и отпуштања, процеси кои се веќе започнати.
Претставници на САД и Русија ќе разговараат за продолжување на работата на амбасадите

На 10 април во Истанбул, Русија и Соединетите Држави ќе ги продолжат разговорите за нормализација на работата на нивните дипломатски претставништва.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на 8 април им рече на новинарите дека делегациите од Москва и Вашингтон ќе одржат втор круг консултации фокусирани на работата на амбасадите.
Брус рече дека нема да се разговара за никакви политички или безбедносни прашања и нагласи дека војната во Украина „апсолутно нема“ да биде на дневен ред.
„Овие разговори се исклучиво фокусирани на работата на нашите амбасади, а не на нормализација на севкупните билатерални односи, што може да се случи, како што споменавме, само кога ќе има мир меѓу Русија и Украина“, рече таа.
Портпаролката на руското МНР Марија Захарова претходно информираше дека руската делегација ќе ја предводи рускиот амбасадор во САД Александар Дарчиев, а американската делегација ќе ја предводи заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Соната Култер.
Последен пат претставниците на Вашингтон и Москва се сретнаа во Истанбул на 27 февруари. И двете страни го опишаа првиот круг разговори, одржан зад затворени врати, како корисен.
Американската страна потоа соопшти дека на средбата биле дефинирани чекорите за нормализирање на функционирањето на дипломатските претставништва на двете земји. Руската страна соопшти дека предложила обновување на директните летови меѓу земјите.
Годините на затегнати односи доведоа до ограничувања на дипломатската работа во главните градови. Двете страни испратија многу дипломати дома откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во 2022 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп се залага за подобрување на односите откако се врати во Белата куќа во јануари.
Русија минатата недела го испрати пратеникот Кирил Дмитриев во Вашингтон на покана на пратеникот на Трамп Стив Виткоф. Дмитриев по разговорите изјави дека гледа „позитивна динамика“ во односите меѓу Москва и Вашингтон, но дека разликите остануваат и дека се потребни уште неколку средби за нивно решавање.
Тој исто така рече дека се работи на обновување на директните летови меѓу Русија и САД.
Руските системи за одбрана собориле 158 украински дронови во текот на ноќта

Во текот на ноќта руските системи за противвоздушна одбрана соборија 158 украински беспилотни летала над Русија, како и над Црното и Азовското Море, соопшти руското Министерство за одбрана.
Огромно мнозинство беспилотни летала се уништени над Краснодарскиот регион, вкупно 67,29 дронови се уништени над Ростовската област, а 15 беспилотни летала над Република Северна Осетија-Аланија.
Прецизирано е дека 11 биле соборени во областа Воронеж, десет во Курск, пет во Белгород, три над анектираниот Крим, два над територијата на областа Пенза и по еден во регионот Ставропол, Ориол и Саратов.
Седум беспилотни летала се уништени над водите на Азовското Море, а шест над Црното Море, соопшти руското Министерство за одбрана.
Најмалку 79 загинати откако се урнал покривот на ноќен клуб во Доминиканска Република

Најмалку 79луѓе загинале откако се урнал покрив на ноќен клуб во главниот град на Доминиканската Република, објави Си-Ен-Ен. Над 160 се повредени, а сѐ уште трае потрага и извлекување на затрупани гости во клубот.
Спасувачите се обидуваат да стигнат до нив и да ги спасат. Извлечени се над 100 луѓе од под урнатините.
Според локалните власти, за време на несреќата во клубот имало и политичари и спортисти.
Меѓу загинатите е и Нелси Круз, гувернерка на провинцијата Монти Кристи во Доминиканската Република.
Круз се јавила на доминиканскиот претседател Луис Абинадер по уривањето на покривот, го информирала за несреќата и му рекла дека и таа заедно со десетици луѓе е затрупана, соопшти првата дама на Доминиканска република. Круз подоцна била извлечена, но починала во болница, соопштија властите.
Во колапсот загинаа и поранешните безбол играчи, Октавио Дотел и Тони Бланко, потврдија локалните власти. Дотел починал на пат кон локалната болница откако беше извлечен од урнатините, изјави портпаролот на националното министерство за спорт. Тој (51) го имаше своето деби за Њујорк Мец во 1999 година и играше за повеќе од десетина тимови до 2013 година.
Покривот се урнал за време на концерт и засега нема сознанија за причините за трагедијата.
Најмалку 20 лица загинале во пожар во дом за стари лица во Кина

Дваесет лица загинаа во пожар во дом за стари лица во северната кинеска провинција Хубеи, објавија локалните медиуми во средата, пренесе ДПА.
Пожарот избувнал вчеравечер во дом за стари лица во близина на градот Ченгде, на околу 220 километри североисточно од Пекинг, објавија кинеските државни медиуми повикувајќи се на локалните власти.
Другите жители на установата се пренесени во блиските болници на лекување, пренесува ДПА.
Експерти од локалната самоуправа се наоѓаат на лице место за да ги координираат напорите за спасување, соопштија државните медиуми, додавајќи дека се истражува причината за пожарот.
Kинеските медиуми јавуваат дека директорот на домот е уапсен.
Новите царини за Кина ќе бидат 104 проценти, соопшти Белата куќа

Соединетите Американски Држави од утре (9 април) ќе воведат царини од 104 отсто за кинеските производи.
Трамп минатата седмица најави дека неговите нови царински мерки најавени од јануари, од 9 април ќе изнесуваат 54 проценти на кинеските производи и се закани дека ќе бидат зголемени на дополнителни 50 проценти ако Кина возврати.
Пекинг одлучи да воведе царини од 34 отсто на американските производи. Кинескиот премиер, Ли Кечијанг претходно денеска изјави дека неговата земја има доволно „алатки" за да ги надмине економските турбуленции предизвикани од трговската војна на САД.
„Макроекономската политика на Кина оваа година целосно ги зема предвид различните неизвесности и има доволно политички алатки во резерва“, рече Ли во телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Ли додаде дека Кина „целосно е способна да ги надомести негативните надворешни ефекти и дека е уверена во одржување на здрав економски развој“.
Телефонскиот разговор беше воден среде заострување на тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон.
Ли во разговорот со Фон дер Лајен ги осуди „протекционизмот и економското заплашување“ на САД откако беа воведени царини за речиси сите земји во светот.
„Цврстите кинески мерки не се насочени само кон зачувување на нејзиниот суверинитет, сигурност и развој, туку и на зачувување на правилата на меѓународната трговија и меѓународната правичност и правда“, рече кинескиот премиер.
Претседателката на ЕК повика на „избегнување на ескалација“, наведе ЕУ.
Коњуфца: „Самоопределување“ не може да формира влада без опозицијата

Претседателот на собранието на Косово, Глаук Коњуфца кој е и лидер на Движењето Самоопределување, изјави дека не верува оти формирањето на нова влада е можно без вклучување на опозициските партии во владината коалиција.
Коњуфца рече дека Самоопределување имала за цел, на изборите на 9 февруари да освои 500.000 гласови за да може самостојно да ја води следната влада. Меѓутоа, според него, изборниот резултат покажал дека тоа не е можно.
„Имавме цел да обезбедиме 500.000 гласови. Не ги постигнавме. Сега имаме друго сценарио. Тоа е сценарио Б“, изјави Коњуфца.
Тој додаде дека во моментот постојат две сценарија. Првото е гласање за влада до изборот на нов претседател, а второто, гласање за нова влада на подолг рок.
Мандатот на претседателката, Вјоса Османи истекува во април следната година.
На прашање за повикот за состанок кој претседателот на Самоопределување, Албин Курти го упати до претседателот на Демократската лига на Косово, Лумир Абдиџику, тој рече дека тој повик бил „најнормален случај“ во демократско општество.
Ваков повик не беше упатен кон ниту една друга опозициска партија.
Овие изјави Коњуфца ги даде по состанокот со претставниците на политичките партии, една седмица пред одржување на конститутивната седница на Собранието на Косово.
Претседателката Вјоса Османи го закажа 15 април како датум за одржување на конститутивната седница на новиот парламент кој беше избран на изборите на 9 февруари.
Закажувањето на конститутивната седница е прв чекор кон формирањето на нови институции, откако Централната изборна комисија ги потврди резултатите од изборите на 27 март.
Што се очекува на 15 април?
Народните избраници на 15 април ќе се појават во Собранието. Конститутивната седница ја води најстариот пратеник, со помош на најмладиот, па се полага заклетва. Потоа првата партија предлага кандидат за претседател на Собранието, а во текот на седницата се избираат и потпретседатели.
Седницата завршува со изборот на претседател и потпретседател според Правилникот за работа на Собранието.
По конституирањето на Собранието, претседателката Османи треба да ја задолжи првата партија на изборите за формирање нова влада, во овој случај Движењето Самоопределување.
Во Уставот е наведено дека мандатарите потоа имаат 15 дена да го претстават составот на новото извршно тело пред Собранието и да побараат 61 глас за да биде усвоен. Според резултатите, во новиот парламент, Движењето Самоопределување ќе има 48 пратеници, Демократската партија на Косово 24, Демократска лига 20, Српска листа девет и коалицијата Сојуз за иднината на Косово со Социјалдемократската иницијатива осум мандати.
Доколку првата партија не успее да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник, претседателката Османи има рок од десет дена да именува друг мандатар.
Другите мандатари исто така имаат 15 дена да го претстават составот на владиниот кабинет во Собранието.
Меѓутоа, ако владата не се формира ниту по вториот обид, тогаш претседателката Османи, според членот 95 од Уставот, мора да свика нови избори, кои мора да се одржат најдоцна за 40 дена.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете