Достапни линкови

Скиби со духот на ненадминатиот Хендрикс повторно во Скопје


Стен Скиби, американски блуз гитарист и следбеник на Хендрикс
Стен Скиби, американски блуз гитарист и следбеник на Хендрикс

Американецот Стен Скиби, неговиот пријател Фулвио Феличиано од Италија и нашите Џоле Максимовски и Дино Милосављевиќ, се музичарите кои, овој четврток на 6 септември, во скопскиот клуб „Епицентар“, ќе го чествуваат делото на еден од најзначајните гитаристи во историјата на популарната музика Џими Хендрикс. Проектот на продукцијата 3 Гонга е насловен Jimi Hendrix Tribute Night и се совпаѓа со датумот кога легендарниот музичар во сега далечната 1970 година го одржа својот последен концерт.

По цели шест години од исклучително успешниот настап на „Блуз и соул фестивал“ и претставувањето на проектот „The Guy, The Ghost & The Guitar“ со кој патем беше одбележана 70 годишнината од раѓањето на Џими Хендрикс, американскиот гитарист и пејач Стен Скиби еве го повторно во Македонија. Овојпат на покана на продукцијата 3 Гонга за да биде еден од столбовите на проектот „Jimi Hendrix Tribute Night“ што треба да се случи овој четврток, во 21 часот, во скопскиот клуб „Епицентар“, кој пак се совпаѓа со датумот кога неговата инспирација и легендарниот музичар во сега далечната 1970 година го одржа својот последен концерт. Негови собеседници во ноќта посветена на магијата на човекот кој ја однесе гитарата во иднината ќе бидат италијанскиот гитарист и пејач Фулвио Феличијано и искусните македонски музичари - басистот Џоле Максимовски и Дино Милосављевиќ на тапани. Нив публиката најмногу ги познава по печатот што го имаат оставено со КАБАДАЈАС, СЕТСТАТ, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, ТЕМПЕРА и мал милион други комбинации.

„Нашиот пристап кон сето ова, кон проектот посветен на делото на големиот Хендрикс, е да го споиме со луѓе кои едноставно живеат со него. Тоа се Стен Скиби и Фулвио Феличијано, но во една комбинација во која би влегле и наши, македонски музичари. Со Васја Ивановски сметавме дека тоа треба да бидат Дино и Џоле, кои според наше мислење и видување се една од подобрите ритам секции, и мислиме дека ваквиот потег ќе вроди со сериозен плод“, вели во пресрет на концертот Александар Пејчиновски од продукција 3 Гонга.

И, колку за потсетување. Стен Скиби е роден и детството го поминал на изворот на урбаниот блуз во Чикаго, кадешто имал можност да се оформи како музичар и композитор следејќи го духот на класиците како Мади Вотерс, Хаулин Вулф, Елмор Џејмс, Хаундог Тејлор, Хјуберт Самлин, Чак бери, Алберт Кинг, Коко Тејлор... Сепак, појавата на Џими Хендрикс комплетно „ќе го преврти“ и практично ќе означи нов период во неговата денес богата и долга кариера. Обземен од магичниот звук тој ќе го започне своето ново патешествие на бесконечна потрага по музиката која и по толку време претставува предизвик за секој творец и која се здоби со засебно место во историјата на поп културата.

Од таму Стен Скиби во ниту еден момент не заборава да каже дека е „скромен ученик на Хендрикс, голем почитувач на неговиот опус и дека се обидува низ себе да ја пропушти и долови неповторливата музика и звукот на неговиот инструмент“.

Навистина е чудесно како сите се трудат да го зачуваат духот на неговата музика. Тоа е прекрасно бидејќи луѓето му изразуваат почит исто како во 1960-те години. И ден денес откачуваат на Џими Хендрикс. На звукот на неговата гитара. Тој е крал по она што го стори, човеку! Јас се чувствувам благословено што се најдов во позиција да бидам еден од неговите правоверни следбеници. Не некој што го копира или рециклира неговото дело, туку кој само се инспирира и се труди сето тоа да го помине јавајќи на својата емоција. Да истражува и да го најде својот пат. Исус имаше следбеници и Џими има свои следбеници“, вели Скиби.

Стен Скиби

Тој и со дополна дека е полн со нова енергија и дека со нетрпение ја очекува новата средба со овдешната публика која имал можност добро да ја запознае и ја помни по преубавиот прием пред нешто повеќе од половина декада.

А, кога сме веќе кај него да кажеме и тоа дека Скиби е чест гостин на Чикаго блуз фестивал, еден од најпознатите во светот, а редовно настапува и на други респектабилни и големи вакви случувања во САД и во Европа. Тој има музицирано со мнозина значајни музичари и со имиња од калибарот на еден Бади Гај, Били Кокс, Бади Мајлс и други.

Ова, пак, нема да биде прва негова средба со врвниот италијански гитарист и пејач Фулвио Феличијано, кој е исклучително познат не само во својата земја, туку и во Европа и во светот. И не само на полето на блузот, туку и кај љубителите на метал музиката. Интересно е што Скиби и Фулвио не само што ја делат заедничката љубов кон делото на Хендрикс, туку се почесто патуваат со проектот посветен нему на различни страни од Глобалното село. Притоа честопати знаат во авантурата со себе да ги повлечат и локалните свирачи. Како во случајов со Максимовски и Милосављевиќ.

„Тие се прекрасни музичари. Вистински професионалци. Навистина се забавувавме додека пробувавме неколку класици на Хендрикс. Убеден сум дека ќе имаме одличен настап со овие момци, смета Феличијано.

Стен Скиби и Фулвио Феличијано, фото Даниеле Аверсано

А, Џоле Максимовски ќе рече дека благодарение на 3 Гонга имаат можност да соработуваат со двајца еминентни музичари и дека им е посебно драго што ќе ја обработуваат непресушната тема наречена Џими Хендрикс.

„Свирењето на музиката на Хендрикс е еден навистина сериозен предизвик за нас. Тоа е еден бескраен „џеминг“ каде го внесуваш најдоброто од себе. Оваа соработка со Фулвио Феличијани и Стен Скиби се надеваме дека ќе отвори некои можности за понатамошни наши исчекори и колаборации и со други познати светски музичари“, истакнува басистот.

Од друга страна, Пејчиновски со појаснување дека овој проект е само почеток на новата серија на концерти на нивната продукција 3 Гонга, во рамките на која во догледно време публиката ќе има можност да ги проследи настапите на имиња како Рајан Мекгарви, Грег Хоув и Лајла Зои. Згора на тоа вели дека не ја заборавиле ни подршката на домашните музичари кои во меѓувреме ќе објават свои изданија и дека максимално ќе се заложат во нивната промоција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG