Педантните проследувачи ќе забележат дека ГОГОЉ БОРДЕЛО е американски панк бенд од Менхетен, формиран 1999 година кој е најмногу познат по „своите енергични театрални шоу програми и последователните турнеи“. И, згора на тоа ќе стои додавката дека поголемиот дел од членовите се инспирирани од циганската музика комбинирана со примеси на „панк“ и „даб“. Дека звучната слика со ништо не е ограничена и дека е обоена од присуството на инструменти како хармоника и виолина, а на некои остварувања дури и со саксофон и кларинет. И, со тоа, ако во дополна биде спомнато дека не се непознати и во светот на филмот, при што се нагласува соработката на лидерот Јуџин Хуц со славниот Елајџа Вуд или дека нивните песни се користени во бројни рекламни пораки за значајни светски спортски настани, а покрај тоа го имаат и сопствениот документарец „Gogol Bordello Non-Stop“, речиси како да е се речено.
Но, и не е така. Приказната на Јуџин Хуц е безмалку типична како и на бројни талентирани емигранти од Источна Европа, а посебно од земјите на некогашниот Советски Сојуз. Тој спасувајќи се најнапред од катастрофата во Чернобил дузина години бил бегалец во потрага по место каде ќе пушти никулец. Талкајќи по Европа постојано на работ во еден момент одлучил среќата да ја побара од онаа страна на Атлантикот. Ја имал со себе само својата гитара и идејата дека еден ден ќе формира бенд чие име ќе биде БЕЛА БАРТОК. Разочаран што „Американците појма си немаат кој е славниот унгарски композитор“ посегнал по презимето на својот сонародник и класик ГОГОЉ и нему му ја „залепил“ именката БОРДЕЛО, што според појаснувањата „доаѓа од италијански и значи брат или братство“. А, сакал само да оформи тајфа свирачи која ќе ја претстави циганската/источно европската музика со текстови на англиски јазик. Така комбинирајќи ги панкот, даб и ромската музика со ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, набрзо стигнал до пожелуваната формула за успех. И, публиката не останала ладна на нивната врела понуда и посебно на хуморот и доживеаните текстови во кои се говори за секојдневието на имигрантите и луѓето од дијаспората.
Првиот сингл, ИП-ито и деби албумот „Voi-La Intruder“ (на кој патем како соработник се појавува и Џим Скалвунос, тапанарот на Nick Cave and The Bad Seeds) излегуваат во 1999 година, за да потем за панкерската етикета Side One Dummy Records уследи серија на изданија, по што во 2010 ГОГОЉ БОРДЕЛО го добијат и својот прв поголем договор. Нивниот „Transcontinental Hustle“, со песни на Хуц инспирирани од патешествието по Бразил, ќе се појави за American Recordings на Рик Рабин, етикетата кој функционира во рамките на конзорциумот Columbia Records/ Sony Music Entertainment.
Лидерот во меѓувреме ќе направи и завидна ди-џеј кариера, бендот со својата уникатност и креативност ќе и се вовлече под кожа дури и на Мадона, па оваа Хуц и тајфата ќе ги вклучи во реализацијата на своето режисерско деби – филмот „Filth and Wisdom“, нивните турнеи по Америка и Европа ќе станат редовна работа, публиката ќе бара карта повеќе за настапите на големите фестивали како Бонару каде што ќе ја делат сцената со големини какко ПРАЈМУС, ФЛОЏИНГ МОЛИ, КЕЈК, ДЕВОЧКА и така со ред.
Конечно Јуџин кој во 2012 година ќе се раздели од својот дотогашен пријател, гитарист и соосновач на групата Орен, Орти Каплан, нималку нема да крие дека е и под силно влијание на еден Џими Хендрикс и на ПАРЛАМЕНТ-ФАНКАДЕЛИК, покрај претходно споменуваните Ману Чао, ФУГАЗИ, ЗВУКИ МУ, Карамело Санто, Саша Колпакова и хероите Д КЛЕШ.
„Во Скопје, во Македонија, на фестивалот „Таксират“, премиерно ќе ни гостуваат ГОГОЉ БОРДЕЛО, светски славниот џипси-панк бенд којшто гарантира импресивен концерт. Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Јуџин Хуц на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од славните имиња на нивните објави, членовите на ГОГОЉ БОРДЕЛО со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен. Тоа е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба и еве со нивната нескротлива сценска енергија конечно ќе имаме прилика да ги имаме на една наша сцена“, вели Катерина Цветковска од Пасворд продукција, организаторот на овој несекојдневен настан.
Таа дополнува дека со еден ваков бенд ја заокружуваат програмата за оваа пролет, по што ќе се фокусираат на претстојните два големи настани Д Фестивал во Охрид и летниот фестивал на охридското крајбрежје, по што програмата на Таксират ќе продолжи наесен и ќе кулминира со перформанси на значајни имиња од современата глобална сцена кои дополнително ќе бидат објавени.