Достапни линкови

ПИН музичка конференција за старт на Таксират


Со Вториот европски саем за музички креативни работилници, во рамките на кој се очекуваат 200 гости од 22 земји од стариот континент и 100-на музичари кои ќе имаат свои шоу програми на некаде 30-те концерти, вклучувајќи го тука и финалето на возобновениот „Лузер фест“, овој петок и сабота, на 27 и 28 ноември , во Младинскиот културен центар во Скопје, официјално ќе започне 17-то издание на „Таксират“, фестивалот чиј потписник е истоимената асоцијација за култура и уметност.

По три години од промотивното издание, на 27 и 28 ноември, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи Вториот европски саем за музички креативни работилници. Со оваа Пин конференција, на која патем е најавено дека учество ќе земат 200 гости од 22 земји од Стариот континент, повеќе од 100-на музичари кои ќе имаат свои програми на некаде 30-те „шоукејс“ концерти, а ќе се одржат и 20 панели, официјално ќе започне 17-то издание на „Таксират“, фестивалот чиј организатор е истоимената асоцијација за култура и уметност.

Пин конференцијата сама по себе пред сè постои како придобивка за музичарите. Да видат како се работи надвор, директно да се запознаат со големите букинг-агенти, менаџери, промотори, директори на музички фестивали...Да запознаат некои бендови од другите земји кои што успеале да ги искористат овие контакти и да осознаат на кој начин го прават тоа.
Катерина Цветковска, „Таксират“.

Катерина Цветковска, од „Таксират“, истакнува дека првата и основна задача на оваа Пин конференција, како едно од ретките случувања кај нас, е да ги здружи експертите од музичкиот бизнис на едно место и тие да продискутираат и да ги анализираат тековните состојби, дилеми, проблеми и ситуации кои што ги носи оваа уметност и музичката индустрија сама по себе. Дополнува дека оваа иницијатива е резултат на искуството на тимот на „Таксират“ од присуството на ваквите и многу поголеми конференции по Европа и дека таа им е наменета пред се на музичарите.

„Кај нас дефинитивно недостасуваат вакви малку постручни пристапи и дружења. Не се тоа стручни во смисол дека се премногу сериозни и не се забавни, меѓутоа навистина е убаво другарувањето со луѓето од целата таа фела на едно место. Конечно, Пин конференцијата сама по себе пред сè постои како придобивка за музичарите. Да видат како се работи надвор, директно да се запознаат со големите букинг-агенти, менаџери, промотори, директори на музички фестивали...Да запознаат некои бендови од другите земји кои што успеале да ги искористат овие контакти и да осознаат на кој начин го прават тоа.“

А, меѓу оние кои ќе земат учество на дневната панел програма на Конференцијата се Латвијката Гуна Луцика, холандскиот промотер Руд Беренс ( кој патем има работено со бендови како САУНДГАРДЕН, НИРВАНА, ХОЛ, ФЛЕМИНГ ЛИПС, ЈО ЛА ТЕНГО....), Мирко Сеневалд, еден од иницијаторите за интернационалниот проект „Музика без граници“, неговиот сонародник и сограѓанин од Дрезден – Томас Рихтер, Хикола Јовановиќ од МТВ Адрија, Душан Свиба од Чешка, Иван Миливојев – еден од основачите на Егзит, Никола Секуловиќ – член на бендовите ЛАЈБАХ, БОРГЕЗИЈА И ДЕМОЛИШН ГРУП...нашите Оливер Белопета, Емил Хаџипанзов, Доријан Јовановиќ, Владица Младеновски Грга, Васко Атанасовски, Мирко Попов и други.

„Доаѓаат повеќе промотери, луѓе кои што работат во алтернативни простори за концерти и за музички настани ширум Европа. Ги комбинираме оние кои што ги работат големите комерцијални настани заедно со случувањата на алтернативната сцена која што станува се повеќе и повеќе интересна и податлива. Едноставно Скопје за време на овие два дена повторно го трасираме како европски епицентар за размена на напредни идеи и знаења од областа на музиката и на кој посетителите директно ќе бидат вклучени во дискусиите и актуелните горливи теми за музичката уметност и индустрија денес“, појаснува Цветковска.

Наспроти дискусиите, во рамките на „шоукејс“ програма на Конференцијата, во МКЦ е планирано да музицираат дел од најквалитетните веќе докажани и нови имиња од македонската музичка сцена како ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, ЉУБОЈНА БРАС ФАНАТАЗИ, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, ЏУН, ПРОЕКТ ОРФЕЈ, ГАВЕРМЕНТ...Тука се и новите музички таленти од повеќе земји од странство, меѓу кои АЛБЕРТЕИН од Германија, Италијанците ЏОЈКАТ, КАНЏИЈА И ГОЛЕ ЖЕНЕ од Хрватска, словенечкиот ЛУДОВИК МАТИРИЈАЛ, ЗРНИ од Република Чешка, ПАНОНИА ОЛСТАР СКА ОРКЕСТАР од Унгарија и Д ИЛЛС од Словенија.

Од друга страна, со нагласено внимание се очекува и финалето на минатата година возобновениот „Лузер фест“ на кој се одбрани да настапат ПУЛС ЕКИПА, ПРЕСЕН ЗРАК, ПЛУТОС ДОУБТС, тетовците КЕПУРДАТ, ГАРГОЛИС, прогресивните металци МЕТАНОИА, психоделичните фанк-пост рок експериментатори АСТЕРОИД, проверените ВИЗИЈА и комбинацијата на искусни и млади надежни музичари БРУКА БЕНД.

„Не случајно го поврзуваме „Лузер фест“ со Пин-конференција зошто токму овој собир е вистинско место за овие млади бендови да видат како работат и како комуницираат сите овие гости кои што ни доаѓаат од Европа. Сите овие 200 гости кои ќе бидат овде не се сомневам дека со внимание ќе ги проследат настапите на финалистите на демо-фестивалот без разлика што ние потем нив ги испраќаме на ваквите и слични настани во овој дел од светот. А, морам да го кажам и ова дека нам ни беше посебно драго што изборот на овие десет бенда го направивме од навистина огромен број на пријавени. Тоа практично значи дека ова е најдобриот демант на уверувањето дека имаме затишје на младата музичка сцена кај нас и дека немаме доволен број на нови сили кои би повлекле напред“, ќе рече Катерина Цветковска.

И само уште информацијата дека годинава ПИН - конференцијата се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West is the best“. Проектот е поддржан од страна на „ Интернационалниот Вишеград фонд“, а се реализира и во партнерство со ААА ПРОДАКШН (EXIT; Србија), ДОКУФЕСТ (Косово), ПОХОДА ФЕСТИВАЛ (Словачка), зЗИГЕТ ФЕСТИВАЛ (Унгарија), КОЛОР МИТИНГ (Чешка) и ЕТНО ПОРТ ПОЗНАН (Полска).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG