По иноваторот и експериментаторот Фред Фрит од авангардните ХЕНРИ КАУ, Скопје ќе биде домаќин на уште едно значајно име кое му припаѓа на најтесниот круг на највлијателните на британската и воопшто на светската современа музичка сцена. Продукцијата З Гонга, во рамките на едукативните „Градски сесии“ што се одомаќинија во Станица 26, продолжувајќи ја низата во која едноподруго за краток временски период се изредија Стен Веб ЧИКН ШЕК и гитарскиот маг Скот Хендерсон, ги носат култните СОФТ МАШИН. Во една реченица, станува збор за еден од најоригиналните психоделични бендови и за составот што ги постави стандардите за прогресивен, експериментален и психоделичен рок и џез-рок и со тоа си го обезбеди високото место меѓу највлијателните британски музичари на сите времиња.
А, приказната најнапред го вели следново.
Формиран од членови на локалните атракции ДЕЈВИД АЛЕН ТРИО и Д ВАЈД ФЛУЕРС во средината на 1966 година, Д СОФТ МАШИН во кој првично се нашле Роберт Вајат (тапани, вокали), Кевин Ајерс (бас, гитара, вокал), Давид Ален (гитара) и Мајк Ратлиџ (органа) ….заедно со КАРАВАН биле средишниците на т.н „кантербериска сцена“.
Оваа прва линија на бендот со настапите во тогаш прочуениот клуб УФО и уште неколку други лондонски „дупки“, во кои царувале заедно со ПИНК ФЛОЈД, набргу влегува во редот на извиканите од „раниот британски андеграунд“. Првиот сингл "Love Makes Sweet Music", продуциран од Час Чендлер, го снимиле на 5 февруари 1967 година. Нешто подоцна, во април истата година ќе бидат забележани уште седум нови демо песни кои нема да се најдат на носач на звук се до 1971 година поради спорот со продуцентот Џорџо Гомелски. Сепак, неприликите не ги спречиле да тргнат на турнеја по Холандија, Германија и на француската ривиера. На Азурниот брег ќе се случи и нивната најпознатата рана свирка и тоа на градскиот плоштад во Сен Тропе, по што стануваат миленици на прогресивната француска публика . Ова ќе резултира со појавувања во водечките телевизиски емисии и на Парискиот биенале во октомври 1967 година, но за жал по враќањето од престојот во Франција, Австралиецот Ален нема да добие виза за влез во Обединетото Кралство, по што СОФТ МАШИН ќе продолжи како трио, а тој во Париз ќе ги формира денес исто така легендарните ГОНГ.
Делејќи го истиот менаџерски тим со тогаш распојасаниот гитарски херој Џими Хендрикс, СОФТ МАШИН набрзо ќе се отиснат на заедничка американска турнеја, по што во 1968 година во Њујорк ќе биде снимен и нивниот прв албум со психоделичен рок. Во меѓувреме на испразнетото место за кратко ќе се најде гитаристот Енди Самерс кој ќе мора да замине по инсистирање на Ајерс. Но за чудо и тој ќе се збогува со составот, а во соло водите во потрага по своите демони ќе вплови и Роберт Вајат.
Втората инкарнација на СОФТ МАШИН ќе се случи на крајот на истата година кога поради неиполнетите обврски Вајат и Ратлиџ ќе го повикаат тур-менаџерот Хју Хупер да биде басист во составот и така да го снимат вториот албум на кој ќе ја почнат транзицијата кон чисто инструментален звук – близок на она што подоцна ќе биде именувано како џез-фузија.
Во мај наредната 1969 оваа постава ќе застане зад Сид Барет, од ПИНК ФЛОЈД, при снимањето на неговиот соло албум „The Madcap Laughs“, за да во наредните две години, канејќи главно како гости џез музичари како Лин Добсон. Ник Еванс, Марк Шаринг, Џими Хестингс и други, ги снимат третиот и четвртиот албум на СОФТ МАШИН. Овој е особено значаен затоа што е прв комплетно инструментален и последниот на кој се среќава името на Роберт Вајат.
Следува период во кој во СОФТ МАШИН ќе се извртат и имињата на австралискиот тапанар Фил Хауард, па на Џон Маршан како негова замена и потем соборец од ИАН КАРС НУКЛЕУС - клавијатуристот Карл Џенкинс, по што разбирливо следните две изданија ќе бидат потврда на комплетното вртење кон џез-фузиите.
Дури не случајно Џенкинс како главен композитор ќе го превземе и водството, а бележит е и моментот кога во 1975 година, за снимањето на албумот „Bundles“, во СОФТ МАШИН доаѓа и извонредниот Аланд Холдсворт и гитарата станува еден од клучните инструменти во градењето на целокупниот звук на бендот. Конечно на последниот официјален албум на составот „Softs“ од 1976 Холдсворт ќе биде заменет со Џон Етериџ, а последниот оригинален член на СОФТ МАШИН – Ратлиџ заминува во раната фаза на снимањето на објавата.
Но овде не е крајот на приказната. Времето минувало, а легендата останувала да живее со различни називи – СОФТ ВЕР, СОФТ ВОРКС... и СОФТ МАШИН ЛЕГАСИ до некаде 2015 година.
Тогаш Џон Етериџ на гитара, Рој Бабингтон бас, Џон Маршал на тапани и Франс Николас на клавијатури решаваат да го подгреат минатото и посегаат по оригиналното име со идеја да тргнат по салите во Обединетото кралство и во Западна Европа. Свирејќи ги класичните композиции од пребогатата дискографска кариера и со искуството таложено во текот на долгата и турбулентна историја на групата, споменатите наидуваат на исклучително позитивен одглас кај публиката, па така наместо со заборав се наградени со достојно внимание.
Внимание кое несомнено им припаѓа на оние кои не потпишале капитулација и не дозволиле да ги столчи времето.