Достапни линкови

Битола во потрага по ритамот на првиот „Џез фабрика фестивал“


Со учество на еминентни имиња на балканскиот и европскиот џез, музичари како гитаристот Душан Јефтовиќ, пијанистот Васил Хаџиманов, нашите Тони Китановски, Сашо Поповски, ФИРС, од 18 до 20 мај, на неколку сцени во Битола ќе се одржи првото издание на фестивалот „Џез фабрика“.

На урбана Битола, во деновите од претстојниот викенд – од 18 до 20 мај, ќе и се случи првото издание на фестивалот „Џез фабрика“. Станува збор за манифестација чии корени датираат од 2011 година кога Сашо Поповски, гитарист и шеф на Катедрата за џез студии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во американското катче во родниот град ги започна работилниците за талентирани деца за уметности именувани како „Џез фабрика“. Проектот наредната 2012 кулминираше со џез концерт, за да минатата година, во соработка со Младински културен центар Битола, резултира и со четири работилници кои се одвиваа во Могила. Поповски низ годините наназад беше упорен во своите настојувања едукативниот Центар да прерасне во нешто поголемо, за да конечно по цели шест години ја добие и подршката од Министерството за култура.

После шест години моја фанатична упорност и барање средства по министерствата, за прв пат оваа година добивме симболична помош таа наша „Џез фабрика“ да прерасне во интернационален фестивал којшто ќе биде од огромно значење за културниот живот во Битола и се надеваме дека манифестацијата во иднина ќе прерасне во традиција, истакнува Поповски.

Неговите надежи за Фестивалот, зад кој како соработник застана и Центарот за културна деконтаминација Битола, се поткрепени од умно подготвената програма која во трите деноноќија ќе се обиде да ги анимира тамошните љубители на импровизираната и современата музика, а која ќе се одвива на неколку сцени во градот под Пелистер.

Душан Јевтовиќ
Душан Јевтовиќ

Така на главната сцена, на терасата пред Офицерскиот дом, во петок се очекува да се искачи гостинот од Барселона, српскиот гитарист Душан Јевтовиќ со своето трио во кое, во случајов, се пијанистот Васил Хаџиманов и Богдан Џурџевиќ на тапани (кој доаѓа на местото на Асаф Сиркиз – израелскиот перкусионист кој подолго време живее во Лондон, Велика Британија)

Душан Јевтовиќ го вбројуваат во најталентираните европски гитаристи од помладата генерација, чиј музички сензибилитет критичарите го споредуваат со оној на фамозниот Роберт Фрип. Неговата соработка со исклучителниот Васил Хаџиманов, едно од најголемите џез имиња на овие простори за кој и не е потребна посебна најава е интензивна во изминативе неколку години. Тие заедно соработувааат на најновиот албум на Јевтовиќ „No answer“, албумот објавен за њујоршката етикета „Moonjune Records“ во 2017 година и високо позициониран на специјализираните светски топ листи.

За музиката на овие двајца талентирани и успешни инструменталисти се вели дека е своевиден амалгам од џез импровизации, во кои е вткаен дури и сензибилитетот на ненадминатиот Џими Хендрикс. И на сето тоа тие го додаваат и дискретниот шарм на српскиот фолклор креирајќи современа звучна слика во која се препознава и традицијата.

Всушност, овие музичари создаваат еклектична фузија од звуци, кои несомнено заслужуваат да бидат слушнати.

Втората вечер на „Џез фабрика“ ќе настапат две македонски постави – САШО ПОПОВСКИ ТРИО и ФИРС. Поповски е гитарист, композитор и џез музичар од четвртата генерација македонски уметници. Тој повеќе од две децении е присутен на домашната џез сцена. Зад себе има бројни соработки со многу докажани имиња, а има потпишано и три албумски објави во кои бележит е неговиот интерес за современиот џез во кој вметнува и елементи од македонската традиционална музика креирајќи уникатен и препознатлив стил.

Исклучително талентираните Виктор Филиповски – тапани и перкусии, Горјан Стојменовски – гитара, Марко Василевски – бас, Борислав Веселинов – саксофон и Сенад Усеин – труба се членовите на ФИРС, бендот кој пред себе си постави за цел да го претстави звукот на новата генерација македонски џез музичари. Тие креираат иновативни мелодии, рифови и ритмови кои пленат со својата инстантна прифатливост и засилена енергичност. Зад себе имаат еден албум и уште еден во најава, а во Битола ќе понудат сет во кој ќе ги комбинираат најубавите моменти од сето она што досега го имаат потпишано а на еден или друг начин и било достапно на јавноста.

Тони Китановски
Тони Китановски

Конечно Фестивалот ќе биде затворен со концертот на ТОНИ КИТАНОВСКИ ТРИО, во кое покрај гитаристот и композиторот се басистот Иван Бејков ( ПРОЕКТ ЖЛУСТ, Д.Н.О, АРХАНГЕЛ, Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, МУГЕР ФУГЕР) и, по заминувањето на Александар Секуловски во Канада, потентниот тапанар Филиповски (моментално најмлад предавач на Џез одделот при УГД Штип и добитник на наградата најдобар млад музичар „Златен орикс“).

Инаку, за музиката на Китановски ќе биде забележано дека „е доста афроцентрична“. Дека во неа се присутни егзотичните звуци на мултикултурниот Бостон, каде традиционалната музика од секој замислив дел од светот може да се најде зад аголот во секое време, кои потем „беа заменети со подеднакво интригантна балканска разновидност на музички бои врз основа на режимите и ритмите на антиката, византискиот и источните традиции по неговото враќање од Америка“.

Треба да се спомене и тоа дека Оф-програмата ќе биде комплетно во реализација на студентите на џез катедрата од Универзитетот во Штип, при што со нагласена љубопитност се чекаат клупските свирки на ИН БИТВИН и ШИКАЧИ ОРКЕСТАР, а свое место ќе најдат и неколкуте ди-џеи за кои се резервирани пополноќните термини.

Треба да се спомене и тоа дека како предавачи на работилниците е планирано да се јават Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов и Тони Китановски, а како дел од програмата е и дебатата на која ќе учествуваат промотери на фестивалите во Петровац, Црна Гора, и Кикинда, соседна Србија.

Главната идеја за програмата беше она што ќе го свират артистите да биди во моментот актуелно и атрактивно. Од таму сите музичари и групи имаат изданија во оваа или најдалеку во минатата година и се разбира на младите или ако сакате на студентите кои ќе настапат во оф-програмата им посакувам што побрзо да снимат носачи на звук и во идната година или нешто потоа во годините што доаѓаат да израснат во носители на случувањата на главната програма, вели Поповски.

Сашо Поповски
Сашо Поповски

Професорот не се сомнева дека „Џез фабрика“ ќе расне и дека Фестивалот ќе стане дел од секојдневието на Битола. Во прилог на тоа, како што вели, одат најавите од неколку амбасади во земјава (Полска, САД, Бугарија) кои би помогнале во реализација на патувањата на групите и артистите од својата земја да настапат на оваа манифестација која има амбиции во наредната 2019 година да се одвива во времетраење од цела една недела.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG