Достапни линкови

ЗЏМ со „Денес сѐ е џез“ за Меѓународниот ден на џезот


Плакат за Меѓународниот ден на џезот 2018
Плакат за Меѓународниот ден на џезот 2018

„Денес сѐ е џез“ е насловена манифестацијата со која и годинава Здружението на џез-музичари и слободни уметници ќе го одбележи 30 април - Меѓународниот ден на џезот. На концертот во Македонска филхармонија гости ќе бидат американскиот саксофонист Дон Менза и австрискиот диригент и инструменталист Зиги Фајгл, а како новина е предвидено одржувањето на мини патувачкиот џез караван при што во шест македонски градови концерти ќе одржат исто толку џез состави.

По нецели два месеца од добивањето на високото признание „Георги Божиков“, наградата за најуспешна изведба на македонско дело во изминатата година што ја доделува СОКОМ на Денови на македонска музика, Здружението на џез музичари и слободни уметници на Македонија е исправено пред нов голем предизвик. Тие по втор пат се јавуваат како потписници на манифестацијата со која кај нас ќе биде одбележан 30 април - Меѓународниот ден на џезот.

„Горди сме што некој се сети токму на Здружението на џез музичари, односно на Биг бендот што делува во негови рамки, да му ја додели оваа награда. Тоа секако претставува мотив несмалено да продолжиме со нашата работа. Ние две години се трудиме да концертрираме, да ја едуцираме публиката со некоја нова музика и да се претставиме во најдобро светло колку што можеме затоа што во Оркестарот членуваат едни од најеминентните инструменталисти во земјава и луѓе кои својата професионална наобразба ја стекнале на видни светски музички академии“, вели Гоце Стефковски – првиот човек на ЗЏМ.

Биг бендот на ЗЏМ
Биг бендот на ЗЏМ

Тој појаснува дека ним им претставува слатка обврска организацијата на манифестацијата со која ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот, а која овојпат е насловена како „Денес сѐ е џез“ („Today it’s all about jazz!“). Во рамките на ова одбележување планирани се големиот концерт на Биг бендот на ЗЏМ во Македонска филхармонија со легендарниот американски саксофонист Дон Менза и австрискиот диригент и инструменталист Зиги Фајгл како гости, и настапите на уште два состави кои негуваат различен тип на џез-музика – домашниот ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕКСТЕТ и софискиот МИХАИЛ ЈОСИФОВ КВИНТЕТ.

Севременскиот американски саксофонистот Дон Менза е име кое спојува многу генерации на џез-музичари. Роден во далечната 1936 година, тој долги години работел со пијанистот Стен Кентон, бил член на бендот на големиот Бади Рич, свирел со Елвин Џонс и Луи Белсон. Неговите композиции, меѓу кои „Groovin Hard“ и „Time Check“, се стандарден репертоар во програмите за џез-студии на колеџите и универзитетите ширум светот. Менза ќе биде специјален гостин на ЗЏМ Биг Бендот, и тој во пракса ќе го сподели неговото долгогодишно искуство и знаење, подготвувајќи ги саксофонистите за џез-изведба и импровизација.

Зиги Фајгл е второто значајно име кое ќе го одбележи Меѓународниот ден на џезот кај нас. Македонската публика харизматичниот Австриец го памети по промотивниот настап на Биг-бендот на ЗЏМ на кој тој беше солист и дириент во проектот „ЗЏМ Џез-Оркестарот свири музика на Битлси“ (ZJM Jazz Orchestra plays the Beatles) што се одржа на крајот на ноември 2016 во преполната сала на Македонската опера и балет. Тогаш светски реномираниот диригент и професор на Џез-универзитетот во Грац, едно од најистакнатите имиња кога станува збор за диригирање со биг-бенд состави, патем професор на на музичари како Кирил Кузманов, Иван , Иванов, Трајче Велков, оствари одлична соработка со македонските музичари, а перформансот беше испратен со овации.

„За нас е огромна чест што токму овие луѓе ни дадоа огромна подршка на музички план. Што пројавија желба да дојдат и да настапат во Македонија, во Скопје, со нашиот Оркестар. За жал. Боли една друга работа, што и по скоро три децении независност ние мора да добиеме некое или некакво признание од странци, во случајов тоа се Фајгл и Менза – наши пријатели и соработници. Јас сепак сум повеќе за теоријата дома да почнеме да се препознаваме кој сме и што сме и сами да го препознаваме квалитетот. Не треба да чекаме некој друг да ни го каже тоа. Надвор од нашите граници има системи и многу полесно се препознаваат вистинските вредности“, смета Стефковски.

Гоце Стефковски
Гоце Стефковски

Инаку, во вториот дел од концертот „Денес сѐ е џез“ тој ќе настапи со својот Секстет. Тапанарот, кој патем досега свирел во бендови како АРХАНГЕЛ, ЛЕБ И СОЛ, БОДАН АРСОВСКИ ЕЗГИЈА, ПРОЕКТ ЖЛУСТ, ДНО, со Кирил Џајковски, со своите актуелни музички собеседници ќе го промовираат материјалот од вториот сеуште необјавен албум „Кожув“, каде во звучната слика покрај елементите на класичниот современ џез внесуваат и македонски фолклорни мотиви.

Од друга страна, Михаил Јосифов е истакнат трубач од Бугарија, аранжер и композитор кој во својата кариера има соработувано со многу истакнати имиња од светската џез сцена меѓу кои Мајк Стерн, Дејв Векл, МЕЦОФОРТЕ, ДЕФАЗ, ПИНК МАРТИНИ, Ренди Брекер, Милчо Левиев, Теодосиј Спасов и други. На оваа манифестација Јосифов ќе настапи со својот квинтет.

Михаил Јосифов
Михаил Јосифов

Програмата на ова одбележување на Меѓународ ниот ден на џезот ќе биде збогатена со настап на студентите од Џез катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, и перформанс на џез ансамблите кои функционираат во рамки на Катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност - ФМУ Скопје, како и џез хорот АРТИЗАН.

ЗЏМ Скопје, за овој Меѓународен ден на џезот внесува уште една новина, а тоа е мини патувачкиот џез караван кој ќе се одржи на 26, 27 и 28 април при што шест македонски џез состави ќе настапат во исто толку градови во земјава. Така КАБАДАЈАС ќе свират во Охрид, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ во Велес, ОЛИВЕР ЈОСИФОВСКИ во Битола, ЏЕЗНА во Кавадарци, Тони Китановски во Штип и ТРИЏЕКТ во Прилеп.

„Поучени од искуството од двата досега одржани музички каравани кога со различни оркестри ја поминавме Македонија се решивме на еден ваков чекор. Едноставно сакавме да ја прошириме оваа џез приказна освен во Скопје и во останатите делови од земјата. Да се заложиме онолку колку што е во наша моќ генерално за пожелуваната децентрализација на културата. Да не видат и чујат и онаму кадешто и нема идеални услови за такво нешто. На еден ваков начин да го одбележиме Меѓународниот ден на џезот#, појаснува Стефковски.

Инаку, „Денес сѐ е џез“ е џез е манифестација која минатата година беше организирана за прв пат од страна на Здружението на џез музичари и слободни уметници со цел да се одбележи Меѓународниот ден на џезот. Со првичниот настан кој се случуваше пред платото на МКЦ Скопје и траеше цели 12 часа, ЗЏМ Скопје, се вклучи во мрежата на светски организации кои го одбележуваат овој ден за што има и официјална потврда од страна на Институтот за џез „Телониус Монк“ од САД кој е глобален организатор на овој настан ширум светот. Овој ден кој јубилејно се одбележува од 2011 година е под покровителство на УНЕСКО, и сиве овие години и Македонија го одбележува на соодветен начин.

Меѓународниот ден на џезот ги слави „придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето“. Под ова мото ќе биде одржана и годинашната манифестацијата на 30 април во Македонската филхармонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG