Достапни линкови

Младиот дизајнер Таби Азири актуелен со два популарни плакати


Таби Азири, македонски уметник и графички дизајнер, со постерот за Скопскиот џез фестивал 2012.
Таби Азири, македонски уметник и графички дизајнер, со постерот за Скопскиот џез фестивал 2012.

Младиот уметник Таби Азири е автор или учествувал во креирањето на идејното решение за два плакати кои во моментов се во центарот на интересирањето на културната јавност во земјава – оној на 31 Скопски џез фестивал и на филмот Трето полувреме на Дарко Митревски, македонскиот кандидат за Оскар.

Со само 22 години, Таби Азири на голема врата влегува во светот на дизајнот, во светот на уметноста. Тој, иако сè уште е студент по графички дизајн при Тетовскиот државен универзитет, како творец и дел од тимот на „Идеја плус“, има потпишано идејни решенија кои го одвојуваат по неговиот авторски ракопис и јасно ставаат на знаење дека станува збор уметник пред кого е светла иднина.
Мојот плакат за годинашниот Скопски џез фестивал, согласно востановената традиција, е еден минималистички плакат и претставува три педали од клавирот. Педалот за „одржување“ е притиснат. Самиот акт на пијаното ги одржува активните жици во вибрирање исто како што Фестивалот го одржува духот на џезот во Скопје во последните 31 година.
Таби Азири, графички дизајнер.

Азири е автор на повеќе корици на книги („Метаморфозис“ на Франц Кафка, „Поеми“ на Силвија Плат и на Чарлс Буковски, „Ден на кафеаните“ на Исмаил Кадаре...), насловни страници на магазини( „Инди“) и се разбира на плакати од кои посебно ги издвојуваме оној за Првиот фестивал на албански филм во Македонија, за „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и конечно за актуелниот „Скопски џез фестивал“.
Таби Азири, македонски уметник и графички дизајнер и постерот за филмот Трето полувреме на режисерот Дарко Митревски.
Таби Азири, македонски уметник и графички дизајнер и постерот за филмот Трето полувреме на режисерот Дарко Митревски.

Говорејќи за ова негово идејно решение, Таби вели дека тоа, како впрочем и на сите дизајнери во земјава, му било животната желба, бидејќи станува збор за голем фестивал кој веќе си има изградено свој специфичен визуелен имиџ во светот.

„Мојот плакат за годинашниот Скопски џез фестивал, согласно востановената традиција, е еден минималистички плакат и претставува три педали од клавирот. Педалот за „одржување“ е притиснат. Самиот акт на пијаното ги одржува активните жици во вибрирање исто како што Фестивалот го одржува духот на џезот во Скопје во последните 31 година.“
Црпевме инспирација од плакатите создавани во времето на силната пропаганда на есесовците. Станува збор за еден плакат кој е многу контроверзен, па дури и во некои земји дури и забранет, затоа што го комунициравме знакот на свастиката.
Таби Азири, графички дизајнер.

Азири објаснува дека кога твори, инспирацијата ја бара во музиката или филмот, а во случајов истакнува дека многу слушал класичен џез и некои од годинашните учесници на манифестацијата, како Шкотите „Хиден оркестра“, кои патем го освоиле со енергијата, емоциите и атмосферата во нивниот звук.

Од друга страна, за плакатот на „Трето полувреме“, кој поради употребените симболи ја покачи температурата во јавноста, младиот уметник потенцира дека со колегите го креирале таков каков што е, сакајќи да го доловат духот на времето во кое се одвиваат опишаните настани во филмот.

„Црпевме инспирација од плакатите создавани во времето на силната пропаганда на есесовците. Станува збор за еден плакат кој е многу контроверзен, па дури и во некои земји дури и забранет, затоа што го комунициравме знакот на свастиката.“

Азири уште од средношколските денови се занимава и со фотографија и досега има реализирано три самостојни изложби. Забележува дека секогаш кога има слободно време посега по фотоапаратот бидејќи во сопствените дизајни секогаш се труди да ја вметне фотографијата и така да ги имплементира тие две свои преокупации. Неговата последна серија на слики е врзана за родниот град Гостивар.

„Една од последните сесии што ги работам се вика „Мојата земја во моите чевли – околу Полог“. Сум живеел во Гостивар, роден сум таму и навлечен сум на сите тие клишеа и стереотипи што постојат таму. Сега живеам во Скопје и на некој свој начин ми недостига сето тоа и затоа создадов една колекција на фотографии каде што комуницирам со тие елементи од мојот град.“

Кон ова само уште информацијата дека Азири има работено и постери за театарски претстави, автор е и на една поширока кампања за женските права, неговите идејни решенија се објавени во најголемиот косовски дневен весник „Коха диторе“ и добитник е на третата награда на Меѓународниот студентски натпревар за плакат на тема екологија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG