Достапни линкови

КАБАДАЈАС со моменти на радост на албумот „Од понеделник“


„Од понеделник...“ е насловен вториот албум на скопското трио КАБАДАЈАС, што како издание на продукциската куќа 3Гонга се појави деновиве и чија концертна промоција е закажана за среда, 2 мај, во 21 часот, во скопскиот клуб Станица 26.

По цели шест години од деби објавата „IV“, КАБАДАЈАС еве ги со следбеникот, со албумот насловен како „Од понеделник...“. И, ако на „IV“ Џоле Максимовски, Дино Милосављевиќ, Зоран Костадиновски и Горан Бојчевски на виделина ја извадија својата потреба мудро да ги вкрстат евидентното свирачко искуство и стремежот за експеримент на едно широко поле, од етно звуците, преку џезот, фанкот, та дури и на моменти со класичната музика, актуелниот албум е дефинитивно една многу поразлична приказна. Порелаксирана, ако милувате.

„Од понеделник...“ не само што неминовно ги содржи сите постулати на кои е настанат неговиот претходник, искреноста, енергијата, умешноста, посветеноста, туку е и показ за тоа како сето тоа може да ја има неопходната нитка на неодолива допадливост. Станува збор за албум што освојува на прва топка, ви се пика под кожа и неминовно ве тера што почесто да му се навраќате. Да го дегустирате во било која прилика – рано наутро со првото утринско кафе, како фон на мрзливото попладне или длабоко во осамата на ноќта. И, така одново и одново.

Не е тоа стилски правена плоча – да им се бендиса на оние што слушаат џез, или можеби поп или нешто помеѓу и така со ред. Ниту нејзината инстантна допадливост подразбира лигавост. Напротив. Овде, басистот Максимовски, тапанарот Милосављевиќ и гитаристот Костадиновски, без кларинетистот Бојчевски кој живее и твори во Словенија, сопственото видување на нештата потпрено на искуствата (АЛШАР, АРХАНГЕЛ, АНАСТАСИЈА, СЕ, МОЗАИК, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, Кирил Џајковски, ТЕМПЕРА, листата е предолга) го искористиле да создадат музика која веројатно милуваат и самите да ја слушаат. Притоа, потпирајќи се на исправното размислување за отвореност на концептот на делување, се опкружиле со бројни пријатели ( пејачките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска, Павле Васиљевиќ – клавир и програмирање) кои, секој со сопствениот сензибилитет и од свој агол, им помогнале во финалната реализација на овие 30-на минути музика. Музики кои отвораат бројни порти, го бараат ритамот на животот во секого од нас и цртаат насмевки на лицата. Просто и едноставно.

Притоа независно дали свири воведната „Понекогаш во 6“, „Скопиљ“, хит баладата „Летаме“ (одлична изведба на Јовановска Трајкоска), „Зима“ или нивната верзија на македонската џез-рок класика „Средба“ од групата ПАСКВЕЛИЈА чиј автор е исклучителниот џез пијанист Драгиша Солдатовиќ Лабиш, а овде умно насловена како „Втора средба“ или можеби завршната „New Doze“ во која во фокусот е мајсторијата на еден од најзначајните светски басисти Тони Левин, кого патем неодамна го видовме и чувме во Скопје.

Едноставно ова е музика во која не само што одекнува ехото на препонатливоста од некои историски музички времиња и жанрови, туку, што е поважно, таа заведува со ритамот на сегашноста. Го има обичноста, пулсот и ритамот на времево во кое живееме. А, тоа верувајте не е малку.

А, сторијата, пак, раскажана од „кабадаите“ го вели следново. Џоле Максимовски, како мадиумски најистурен во бендот, знае да каже дека оваа група всушност „испаднала како жива материја“.

„КАБАДАЈАС испадна како група од жива материја. Таа се обликува во зависност од тоа каква идеја ќе ни дојде. Не почна така, меѓутоа така испадна. И, сега гледаме дека е многу интересно бидејќи ние сме доста расфрлани на музички план. Многу работиме и со други бендови, па така кога ќе се собереме многу ни е фино. Едноставно почнуваме да свириме и идеите си доаѓаат сами од себе. Тоа е повторувам една жива материја, едно отворено прашање кое веројатно еден ден ќе не донесе и до поголеми состави, оркестри“, вели тој.

Говорејќи за вештината за еквилибрирање помеѓу џезот и поп звукот, басистот истакнува дека за про-џезерскиот пристап е заслужен гитаристот Зоран Костадиновски, инаку професор на Музичката академија, на отсекот популарени жанрови во Скопје и член на Биг бендот на ЗЏМ, кој „се бави многу подлабоко со тие теми“.

Дека тие стремежи се резултат на дијалогот инициран од него.

„Дино и јас таа игра ја прифативме и се доби некоја интересна фузија. Значи, не беше тоа некоја голема идеја – ајде сега ќе правиме некаков голем џез албум, туку работите така испаднаа. Така испадна. Имавме теми, идеи коишто долго тлееа во нас и влеговме во студио и едноставно ги снимивме и зазвучи на тоа. Ништо не е свесно дали да избегаме од нешто...од пазувите на ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО...или да влеземе во нешто туку сево ова е момент на радост преточен во свирка“, вели Максимовски.

Од друга страна, Максимовски за нивната верзија на композицијата „Средба“ на ПАСКВЕЛИЈА, бендот зад кој своевремено стоеја пијанистот Драгиша Солдатовиќ Лабиш, Кокан Димушевски и Жарко Серафимовски, истакнува дека тоа била песната која му се вртела во глава уште од дете.

„Таа песна ми се мота по глава уште од детство. Од кога е создадена – сега далечната 1983, уште кога бев второ - трето одделение во школо. Знам имаше еден видео спот кадешто се плеткаат момците и си ја пеат песната, имаше интересна тема и си рековме зошто да не ја преработиме. Многу е леплива. И, кога дојде време да се снима ми текна на другарка ми Марија Димитријевиќ која е џез певица и е доста присутна на свирки во клубовите во градов. Таа се согласи да ја отпее и мислам дека верзијата испадна токму како што треба. Направивме само мала корекција во аранжманот, колку да биде наш. Мала промена во хармонијата, а Марија си ја отпеа онака на свој начин. Мораме да се сеќаваме на она што поминало. На некои за жал заборавени, а навистина големи работи. Големи песни. Зошто да не ги извадиме пред интересот на новите љубопитни генерации?“, вели Максимовски.

Конечно, музичарот со дополна дека работејќи на „Од понеделник...“ во студио сфатиле оти албумот треба да го снимаат како да се на сцена, од „прва“, без „шминкање“ и дека потем така треба и да и го претстават на публиката. Затоа со радост ги чекаат концертните настапи – два едноподруго во Скопје, а потем и во градовите низ земјава и во регионот.

„Третиот албум не знаеме каде ќе тргне. Кој пат ќе го земе. Можеби ќе се деси некоја електроника? Сè е отворено. Отворени сме и за соработка со други луѓе. Еве сега на концертот во Станица 26 со нас како четврти член во бендот ќе биде перкусионистот Ратко Даутовски. Него би сакале долго да го имаме крај себе. Луѓе доаѓаат, се оставаат себеси, од тоа се прави нешто ново и така натаму. Инаку во првата половина од мај ќе свириме и на гитарскиот фестивал што го потпишува Дарко Багевски, договорени сме за настап на Кумановски џез фестивал, а промоции ќе имаме и во Прилеп, Битола..

Не е исклучено да не има и на неколку фестивали во регионот, а најважно е тоа што е возможно потпишување договор со еден странски продуцент кој би требало да го објави нашиот нов, трет по ред албум. Значи нема долго да се чека на неговото издавање“ .

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG