Потпишувањето на рамковниот договор беше првиот чекор, а референдумот е следниот чекор за заокружување на иднината на Македонија e заедничката порака на учесниците на панелот на тема „Патот до Брисел преку Охрид“, по повод одбележувањето 17 години од потпишувањето на рамковниот договор.
Премиерот Зоран Заев, кој беше еден од панелистите порача дека она што останува е граѓаните да бидат храбри и обединети и да ја искористат историската шанса за Македонија која ја нуди референдумот.
„Како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и нашите политичари ја извлекоа Македонија од криза, нас сега ни се дава можност да бидеме храбри, да донесеме вистинска одлука за да ја обезбедиме нашата иднина, иднината на нашите деца. Знам дека на 30 септември обединети ќе зачекориме со крената глава кон светлата иднина на Македонија. Сигурен сум и цврсто верувам дека ќе избереме европска Македонија“, порача Заев.
Тој уште еднаш истакна дека со договорот за името се зачувува македонскиот идентитет, јазикот и државјанството. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на панелот истакна дека се уште не донеле одлука дали ќе го повикаат членството да го бојкотира или да излезе на гласање на референдумот.
„Нормално разговараме со стотици граѓани на дневна основа, исто така, да ги консултираме и партиските тела во периодот што следува ќе имаме состанок на Извршниот комитет и на Централниот комитет на партијата така што можеме да кажеме дека во едни вакви историски значајни моменти за Македонија, темелна и исцрпна дебата е неопходна во општеството“, рече Мицкоски.
Мицкоски упати и прашање до Заев за тоа како е зачуван националниот идентитет кога ќе се менуваат имињата на институциите. Според него, најважно е спроведувањето на потребните реформи за поквалитетен живот на граѓаните и само така Македонија ќе се движи напред.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во своето обраќање истакна дека Македонија бара да стане членка на НАТО и ЕУ, бидејќи во нив гледа развој, напредок и сигурна иднина.
„Ние ќе се ангажираме со сите капацитети кои ги имаме нивното на организација ќе го подигнеме на највисоко можно ниво за да се мобилизира и информира секој граѓанин за овој процес да не биде неуспешен“ рече Ахмети.
Евелин Фаркаш, поранешна заменичка на помошникот секретар за одбрана на САД задолжена за Европа и Азија ги повика граѓаните да кажат „да“ на референдумот и порача дека евентуалниот негов неуспех би значел неуспех и за владеење на правото, демократијата и мирот.
„Македонија кажа не на митото и манипулацијата која доаѓа од Русија“, порача таа.
Поранешниот командант на НАТО, генералот Барни Вајт Спунер пак рече дека од големо значење е одлуката која ќе се донесе референдумот со кој треба да се заокружи процесот за иднината на Македонија. Потписниците на рамковниот договор биле поканети, но не беа присутни на панелот.