Достапни линкови

Кампањата не ги предомислува оние „за“ и оние за бојкот на референдумот


Илустрација - За и бојкот на референдум
Илустрација - За и бојкот на референдум

Интензивирањето на кампањата за референдумот се очекува кон крајот на месецов. Во меѓувреме аналитичарите велат дека со јавната пропаганда може да се влијае на оние против и на неопределените, но не и на одлучните да гласаат „за“ или да бојкотираат.

Иако официјално јавната пропаганда за референдумот е почната, таа се уште не е во полн ек. Засега е концентрирана на социјалните мрежи и на повици претежно за излегување и гласање „за“ или за бојкот. Вжештување на политичката сцена за ова прашање се очекува кон крајот на месецов, односно на триесетина дена пред референдумот закажан за 30 септември.

Но, за разлика од изборите, кога партиите во кампањите им ветуваат на гласачите конкретни проекти и достигнувања, ситуацијата со референдумот изгледа поинаква, а гласачите се со поутврдени ставови.

Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, јавната пропаганда нема да смени многу кај групата поддржувачи на договорот кој би гласале „за“.

И во групата што е за бојкот не очекувам дека некој што решил дека ќе бојкотира да го смени својот став, но може да има промени, е тоа зависи од кампањата, кај оние што би излегле да гласаат против. Зависно од кампањата тие може да се приклучат во групата за бојкот”, вели Божиновски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека сепак, кампањата може да смени нешто кај гласачите. Владата ќе треба да објасни кои се придобивките од гласањето за договорот и кои се последиците ако не помине на референдумот, а другата страна ќе игра со емоциите на гласачите, очекува Муслиу.

„Кај гласачите кои имаат јасен став за или против договорот не може да се смени мислење, но има категорија гласачи на кои се уште не им е јасно која би била придобивката или загубата ако референдумот не успее. Мислам дека кампањата ќе се концентрира на нив”, вели Муслиу.

Според неодамна објавена анкета на МЦМС и агенцијата М-проспект околу девет отсто се неопределени. Гласачите на најголемите две партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се пак во линија со партискиот став. 75 отсто од тие на СДСМ се „за“, а 68 отсто од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се „против“.

Божиновски, пак, смета дека одлуката која гласачите ќе ја донесат за референдумот не може да се поистовети со ставовите на двата главни политички опоненти.

„Точно е дека поголем дел од гласачите на СДСМ се „за“, а на ВМРО-ДПМНЕ против, но не може да се поистоветува особено што гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ не ни најавува некоја кампања како да се гласа. Од друга страна на пример и сите партии на етничките Албанци го прифаќаат договорот за името, но тоа не значи дека тие ги прифаќаат политиките на владата на СДСМ и ДУИ”, вели Божиновски.

Аналитичарите велат дека постои разлика меѓу ставовите на гласачите за избори и за референдум. Според некои истражувања и теоријата на јавното мислење, во тек на кампањи за избори мислењето го менуваат три до пет отсто од гласачите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG