Достапни линкови

За ДИК бројката е реална, но фантомските гласачи повторно се во игра


Архивска фотографија - Државната изборна комисија (ДИК) го достави доверливиот изборен материјал до општинските изборни комитети.
Архивска фотографија - Државната изборна комисија (ДИК) го достави доверливиот изборен материјал до општинските изборни комитети.

Увидот во Избирачкиот список започна вчера, а според ДИК тоа е доволно време за негово расчистување, при што бројката од 1,8 милиони гласачи е реална. Невладините организации кои го следат процесот го тврдат спротивното и на нивна адреса веќе се стигнати поплаки кои ги отвораат старите проблеми.

Увидот во Избирачкиот список за претстојниот референдум закажан за 30 септември е започнат, а од ДИК сметаат дека рокот од 15 дена е доволен за негово прочистување. Граѓаните континуирано имаат можност да вршат увид во Избирачкиот список на веб страната на ДИК, а сега е последна можност за тие да проверат уште еднаш дали се точни нивните податоци, вели во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски. Според него, бројката од околу 1,8 гласачи запишани во Избирачкиот список е реална.

Целата забуна во изминатите години стана веројатно од некои други политички причини. Меѓутоа наша работа на ДИК е да не ја мешаме политиката, затоа што оваа работа водењето на Избирачкиот список е статистичка операција. Вклучени се Завод за статистика и Министерството за внатрешни работи така што од нивните евиденции практично се црпи составот на Избирачкиот список и на граѓаните да им биде појасно право да биде на Избирачкиот список има секој граѓанин којшто наполнил 18 години којшто има важечка лична карта или патна исправа на Република Македонија, а не секој што живее во земјава. Жителите на Република Македонија се утврдуваат по пат на друга операција, попис, а додека правото да бидеш на Избирачки список го стекнуваш исполнувајќи ги овие услови и со тоа јасно се става динстикција меѓу двете работи. Тоа е всушност разликата“, вели Деркоски.

Билјана Јордановска од невладината организација Цивил вели дека веќе добиле десетина пријави за неправилности во Избирачкиот список кои го потврдиле нивното сомневање оти повторно ќе се вратат старите проблеми.

Сите граѓани коишто ги пријавија случаите зборуваат за фантомски гласачи кои повторно се вратиле на нивните адреси, а имаме и еден случај на починато лице коешто се уште се наоѓа на Избирачкиот список. Граѓаните од страна на ДИК наидуваат на истата реакција а тоа е префрлање на топката во МВР за кое сметаат дека е одговорно за исправка на тие податоци. И овој пат на референдумот граѓаните повторно ќе мора да ги поминуваат сите тие институционални лавиринти. За жал не верувам дека ниту ДИК, ниту нејзината соработка со МВР ќе вроди со плод оваа пракса на корегирање на работите да се промени“, вели Јордановска.

Според неа, иако од ДИК најавиле дека можеби ќе има промени во точната бројка на гласачи за разлика од Деркоски таа смета дека бројката не е реална.

Дефинитивно оваа бројка не е реална како што не беа реални и претходните бројки на изборните процеси што и го создадоа вистинскиот хаос во избирачкиот список, а подоцна за време на гласањето знаеме со какви се последици се соочивме“, додава таа.

Јордановска порачува дека мора да се поедностави процесот на прочистување на Избирачкиот список.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG