Додека власта се надева на успешен референдум, опозицијата си го чува ставот само за себе, а социјалните мрежи се онлајн митинг како за пред избори, само малкумина го отвораат прашањето што со Македонија ако пропадне Договорот со Грција, а со него и влезот во ЕУ и НАТО. Дали ќе остане истата работа да ја туркаат некои идни генерации, но под потешки услови, дали Унијата и Алијансата ќе се повлечат чекор назад, па ќе се отвори простор за руската опција или пак, Македонија ќе остане во вакуум простор кој ќе значи изолација?
Аналитичарите велат дека се во игра сите опции, иако евроатлантските интеграции и понатаму остануваат стратешка определба за Македонија.
Албанско-косовски фактор
Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, изјави дека ако референдумотот не успее, последици ќе има за цел регион, бидејќи пак се на маса опции за поделба на Косово, со што, според него, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, кој би можел пак да го постави прашањето за границите на Македонија.
„Ако не успееме комплетно да го верификуваме овој договор, тогаш ќе бидат стопирани преговорите со НАТО. Алтернативата ќе биде во некое идно време да продолжиме да преговараме, бидејќи стратешките цели се тие, ЕУ и НАТО, за нас нема друга добра алтернатива, но тоа ќе биде задача на некоја идна генерација македонски политичари“, вели Пендаровски.
Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии вели дека со отфрлање на договорот ќе дојде период на ново очајување и време на авторитарни режими.
„Ако одлучиме дека нема да го прифатиме Договорот, тогаш треба да бидеме подготвени за уште посилно влијание на либерални и авторитарни режими во државата, за засилување на пропагандата која што ја има и е веќе видлива и во овој момент и треба да бидеме подготвени да западнеме во нов процес на очајување кој може да нè одведе во сосема непосакувана насока на движење. Меѓу другото она што треба да бидеме насочени сега е дека Македонија никогаш повеќе нема да има симпатии во меѓународната заедница и нема да има разбирање за Македонија и за спорот со Грција“, вели Стојковски.
Како еден од ефектите од пропаѓањето на Преспанскиот договор се споменува и активирањето на албанскиот фактор, што го образложува Исмет Рамадани, политички аналитичар и надворешен советник на премиерот Зоран Заев. Тој неодамна изјави дека „ако не успее овој договор и ако ги загубиме сите шанси за НАТО и ЕУ, тогаш не може да се гарантира за коректноста на Албанците и дека ако не успееме да влеземе во НАТО и ЕУ може да се случи еден крстопат, нешто друго што нема врска со демократски и евроатлански процеси. Тој во неколку прилики јавно ги повика организациите и партиите кои се за бојкот на референдумот, да кажат што ќе се случи со Македонија ако пропадне се што до сега е направено.
Широка врата за руската политика
Дел од експертите велат дека пропаѓањето на целиот овој процес може да биде отворање широка врата за руското влијание кое и сега, пред референдумот, како и претходно, е многу силно.
„Би биле наивни ако не размислуваме и не сме загрижени за руското влијание во регионот. Погледнете што се случи во Црна Гора, обид за атентат, обид за пуч. Ова се сериозни грижи. Ова сте го виделе веќе во Скопје. Сведоци сме на руски напори да се создадат големи проблеми“, вели Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет на САД.
Ако договорот пропадне во Македонија, велат дел од експертите, Грција веднаш ќе се откаже од него, што многу веројатно, ќе доведе до избори во Грција, каде опозицијата би однела победа со картата дека договорот што го направил Алексис Ципрас е предавнички, затоа што со него се признаваат македонски народ и македонски јазик. По такво сценарио, идните македонски преговарачи нема да добијат исти услови како сега.
Ќе има ли навистина економски бенефит?
Наспроти нападите, одбраната на настојувањата да успее целиот овој процес се убедувањата, првенствено од владините функционери, кои пред јавноста излегуваат со ставови дека со договорот се заштитени македонски народ и македонски јазик, а придобивките од членството во НАТО и во ЕУ се движат од безбедноста на државата, па се до раздвижување на бизнисот со странски и домашни инвестиции, што ќе води до економски бенефит и финансиски импликации.