Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ со став за референдумот во наредните недели


Архивска фотографија-Лидерска средба на претседателите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ и на Беса
Архивска фотографија-Лидерска средба на претседателите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ и на Беса

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ставот дали ќе повикаат на бојкот или на гласање против на референдумот ќе го кажеле во наредните неколку недели. Од владата пак, велат дека активностите поврзани со кампањата ќе ги интензивираат по завршувањето на екот на годишните одмори.

Референдумското прашање, формата на референдумот и датумот на одржувањето – 30 септември, се познати веќе една седмица, но се уште нема дефинирани ставови од претседателот Ѓорге Иванов и од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали ќе ги повикаат граѓаните да гласаат против или да го бојкотираат референдумот.

Од досега изнесените ставови на шефот на државата и шефот на опозициската партија јасно е дека тие не се согласуваат со Договорот со Грција и со формулираното референдумско прашање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и други партиски претставници, досега неколкупати на новинарските прашања како ќе се позиционираат на референдумот одговараа дека не сакаат да зборуваат хипотетички оти не било прецизирано прашањето и тоа какво ќе биде изјаснувањето, консултативно или обврзувачко.

Сега, од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека СДСМ се однесувале непринципиелно и со договорот и со референдумското прашање и не ги консултирале.

“ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија која своите чекори внимателно ги влече и анализира водејќи се од интересот на граѓаните и во периодот што следи, во наредните неколку недели, ќе расправа за ова прашање и ќе се консултира со граѓаните и членовите, партиските органи и тела, по што ќе биде известена јавноста” велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат и дека нивните тимови кои ги посетувале граѓани во рамки на работното лето се консултирале и за ова прашање.

И од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов засега не прецизираат каков ќе биде неговиот повик до граѓаните. Од досегашните негови јавни настапи, вклучително и оној 2 август на Мечкин камен, јасно е дека тој е против Договорот со Грција, смета дека е лош и не го прифаќа. Од кабинетот на Иванов не одговорија на прашањето на Радио Слободна Европа поврзано со неговиот став за референдумот.

Голема кампања засега нема ниту од Владата, од пратениците од владејачкото мнозинство, ниту од Собранието кое според законот за референдум е и овластен предлагач. На социјалните мрежи е концентрирана размената на пораките на двата спротиставени табора, за гласање за и за бојкот на референдумот. Премиерот, министрите и други граѓани на социјалните мрежи споделуваат делови од десетте факти за договорот кои владата ги има објавено на нивната интернет страница.

Преку нив тие порачуваат дека “договорот е за македонската иднина, дека македонскиот идентитет и јазик се заштитени, дека државјанството е македонско, а химната, грбот и знамето не се менуваат”. Сепак позасилена кампања и надвор од социјалните мрежи од Владата најавуваат кон крајот на месецов.

“Владата секојдневно ги информира граѓаните за содржината на договорот и за политиките поврзани со стратегиските определби на Република Македонија. Активностите поврзани со кампањата за референдумот ќе се интензивираат преку различни канали веднаш по завршувањето на екот на годишните одмори”, велат од Владата.

Ова значи дека тие би имале околу еден месец за објаснување на своите позиции поврзани со референдумското прашање “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Кампањата е почната од денот на објавувањето на одлуката за референдумот во Службен весник, а завршува 48 часа пред гласањето.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG