Македонските граѓани на референдумот ќе избираат меѓу иднина и изолација, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на заедничката прес-конференција со врховниот командант на НАТО силите за Европа и командант на американските сили во Европа, генерал Куртис Скапароти во касарната Илинден во Скопје.
Скапароти, кој е во посета на Македонија, денеска проследи мала показна воена вежба од македонските војници.
Шекеринска рече дека Македонија е цврсто решена во еден брз и интензивен процес да стане 30 членка на НАТО.
„Како Влада, како Министерство за одбрана правиме сè за да обезбедиме непречено одвивање на овој процес и успешен резултат. Еден од тие клучни чекори ќе биде референдумот на 30 септември. На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија“, рече Шекеринска.
Таа рече дека членството во НАТО носи безбедност, стабилност и сигурност, ги охрабрува странските инвеститори и носи повеќе и подобро платени работни места.
Шеќеринска изјави дека е зголемен македонскиот контингент во Авганистан, а до крајот на годината уште ќе се зголеми.
Генералот Куртис Скапароти рече дека на показната вежба забележал дека АРМ ги користи НАТО стандардите и процедурата и изрази задоволство од тоа што го видел.
Тој исто така рече дека Македонија ќе има корист од членството во НАТО.
„Земјите кои ѝ се приклучиле на Алијансата успеале да ја зајакнат својата демократија, да ја унапредат безбедноста и да го направат животот на нивните граѓани посигурен“, рече Скапароти.
Тој посочи дека со нетрпение очекува Македонија да стане 30 членка на НАТО.
Скапароти рече дека НАТО високо го цени придонесот на македонските војници во Авганистан. Тој рече дека е постигнат голем напредок на патот кон НАТО и оти Алијансата ќе даде поддршка за преостанатата работа.