Меѓу 10 и пол и 13 и пол години затвор добија седумтемина обвинети за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на насилствата во Собранието на 27 април минатата година.
Никола Војминовски беше осуден на 13 години и 6 месеци затвор, Кире Ѓорѓиевски и Александар Јаневски Тошта добија по 13 години затвор, а Андреј Мицов, Коста Делов, Оливер Ошавковски и Николче Димитриевски беа осудени на по 10 години и шест месеци затвор. Тие се осудени дека на Села му нанеле животозагрозувачки повреди.
Јаневски и Војминовски остануваат во домашен притвор, а останатите остануваат во притвор до правосилноста на пресудата.
Осудените беа очигледно незадоволни од висината на казните и најавија жалби.
„Тоа што сум го спасил, тоа ли е дело или тоа што сум од основачите на ВМРО-ДПМНЕ“, кусо прокоментира Јаневски.
Пратеникот Села не беше присутен во судот. Неговиот правен застапник Абедин Абдули рече дека ќе се изјасни дали е задоволен од пресудата откако ќе го прочита образложението. Тој се надева дека на есен ќе има ново обвинение за нападот врз Села за напаѓачите кои биле дополнително идентификувани.
„Процедурата за тие лица коишто беа видени на последната видео снимка е во истражна постапка и очекуваме во септември да имаме ново обвинение зашто кога било покренато обвинението, за тие лица не постоеле докази дека се вклучени во обидот за убиство на Зијадин Села“, рече Абдули.
Седумтемина беа осудени затоа што на 27 април минатата година во Собранието, заедно со други луѓе, со раце, нозе и разни предмети ги нападнале пратениците што биле во прес-салата во Собранието. Јаневски и Војминовски добија повисоки казни затоа што, според судот, кога начекале прилика, го извлекле пратеникот Села од групата пратеници и им го предале на напаѓачите, со што им овозможиле на другите да го тепаат. Нивните дејствија претставуваат услов без кој не се може, односно доколку не го извлечеле од групата на пратеници, тој не би бил изложен на останатите напади, образложи судијката.
Кире Ѓоргиевски е осуден на построга казна затоа што покажал агресивно однесување и силно го удрил Села со нога во глава во момент кога пратеникот веќе не покажувал знаци на живот.
Сите останати учествуваат во тепањето. Андреј Мицов носел фантомка, а Николче Димитриевски капуљача и превез преку лицето.
По тепањето во прес-салата, тие го извлекле Села надвор од просторијата, а потоа го симнале и на приземјето во Собранието каде што продолжиле да го тепаат.
Тежина на делото му дава тоа што насилствата се сторени во Собранието, врз пратеници кои се на своето работно место.
За обидот за убиство на Села првично беа обвинети 10 луѓе, но Сашо Сенков беше ослободен од обвинение, а обвинението за Стојан Павлевски и Цејо Ѓорѓиевски беше преиначено во насилство и откако признаа вина, беа осудени на три, односно една година и два месеци затвор.