Достапни линкови

Наскоро ќе почне да се зборува и за организаторите на инцидентите во Собранието


Архивска фотографија.Во Кривичен суд им се суди на деветтемина обвинети за насилствата во Собрание на 27 април.
Архивска фотографија.Во Кривичен суд им се суди на деветтемина обвинети за насилствата во Собрание на 27 април.

Јавното обвинителство засега гони луѓе само за учество во толпа за насилствата во Собранието, но ќе мора да се позанимава и со организаторите на насилствата.

Вклучувањето на обвинителството за гонење на организиран криминал во истрагата за инцидентите во Собранието значи дека од доказниот материјал веќе се бараат организаторите и помагачите на упадот на 27 април, велат упатените. Веројатно веќе почнува да се осознава дека мора да се оди пообјективно во утврдување на сторителите на кривични дела и кои кривични дела, коментира поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски. Изразувајќи критики дека однесувањето на Основното јавно обвинителство досега било многу проблематично, особено со квалификациите на кривините дела, тој истакнува дека притисок извршиле доказите. Сега се насетуваат само помагачите, но за кусо време ќе почне да се зборува и за организаторите и ќе се преземаат мерки за процесуирање, вели Трпеновски.

„Помагачите се јасно одредени. Тоа се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа и фатени и со сликата. Доказ е дека и на седницата некои од тие пратеници не присуствуваа за гласањето на новата влада. Кога ќе се процесуираат организаторите не може тие да поминат само со учество во толпа. Затоа што ќе се тргне од последицата, а последицата и сега се гледа. Последицата е од крвните деликти, тоа е обидот за убиство кое мора да му се препише и на помагачот односно на тој што ја отвори вратата и другите кривична дела за кои сега само се зборува а тоа е Пуч каде што е нападнат парламентарниот живот во Македонија“, изјави Трпеновски.

Според неговите зборови, ОЈО уште од почетокот не било надлежно за настаните кои се случија во Собранието туку одделението за организиран криминал. Ова одделение постапува кога има поголем број на сторители на кривични дела и се смета дека има поголеми последици и дејствија кои се преземени со поголем интензитет и поголема криминална количина, објаснува поранешниот Јавен обвинител.

По разгледувањето на доказниот материјал обвинителството вчера во соопштението наведе дека утврдило оти постои содејство на неколку осомничени во случувањата во објектот на Собранието и посочи за дејствија кои не може да се препишат само како деликт на маса.

Трпеновски коментира дека веројатно под притисок на доказите кои им се нудат особено од сликите и од видео материјалот ОЈО се уверило дека не се надлежни да постапуваат.

Во изминатиот период во медиумите се појавија нови видео записи од насилството во Собранието, на кои можеше да се види како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им овозможуваат на демонстрантите да влезат во законодавниот дом.

За насилствата во Собранието осомничени се 30-тина лица за учество во толпа, а двајца за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Деветтемина обвинети за насилството во Собранието беа осудени на условни казни за делото за кое се товареа - учество во толпа

Со вклучувањето на одделението за организиран криминал Трпеновски вели дека истрагата почнува да се движи по вистинска насока. Тој дополнува дека со досегашните квалификации кои значеа поблаги казни не може правно да се покријат инцидентите во Собранието и укажува дека станува збор за криминален настан.

Тој истакна дека Одделението за организиран криминал за потешките дела може да изврши влијание врз судовите да бидат пообјективни во изрекувањето на судските пресуди.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG