Достапни линкови

Судењето за насилството во Собранието одложено


„Тврдокорните“ на протест пред Кривичниот суд
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00

„Тврдокорните“ на протест пред Кривичниот суд

Во скопскиот Кривичен суд денеска беше одложено првото рочиште за деветтемина обвинети за насилствата во македонското Собрание што се случија на 27 април. Судењето е одложено за 23 мај поради неприсуство на еден од обвинетите кој требаше да биде донесен од домашен притвор. Пред судот во поддршка на обвинетите протестираа тврдокорните.

Судењето за насилството во Собранието кое се случи на 27 април беше одложено поради отсуство на еден од обвинетите, кој се наоѓа во домашен притвор. Девет лица се обвинети, а околу дваесетина оштетени во случајот. Обвинетите се товарат за учество во толпа која спречува службено лице во извршување на неговата службена должност.

На рочиштето не беше присутен Ангеле Зафировски, познат во јавноста како Бате Геле, бидејќи полициската станица во Карпош не била известена дека тој треба да биде донесен во судот. На Зафировски и на уште еден од обвинетите им беше изречена мерка куќен притвор, додека други двајца од обвинетите се наоѓаат во притвор во истражен затвор. За останатите обвинети има мерки на претпазливост. Судењето кое се одвиваше во тесна просторија во која немаше место за сите обвинети, оштетени, адвокати и новинари е одложено за 23 мај.

Во поддршка на обвинетите пред судот беа собрани припадници на здружението „Тврдокорни“. Тие обвинетите ги пречекаа со аплауз и со извици на поддршка, додека на оштетените им упатија закани. Пред судот тврдокорните истакнаа и голем транспарент на кој беше испишана познатата изрека на Методија Андонов Ченто: „Верував во сè, не не дека моите ќе ми судат за Македонија“. Меѓу нив можеа да се забележат и лица кои беа во Собранието и во прес-салата каде беа нападнати пратениците и новинарите.

Претседателот Ѓорге Иванов вчера предложи амнестија за оние кои се обвинети за насилствата во Собранието, бидејќи, како што рече, потребно е помирување меѓу народот.

„Ние во 2001 година имавме воен конфликт, па најдовме начин за помирување. Доколку сакаат новите пратеници, новиот состав на Собранието, да покажат акт на добра волја, на помирување, нека го направат тоа што беше направено после конфликтот во 2001. Тогаш знаевме дека Собранието амнестираше воени злосторници и зошто сега да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпата и емоции“, рече Иванов.

Според адвокатите од одбраната за делото за кое се товарат, обвинетите може да добијат од три месеци до три години казна затвор. За насилствата во Собранието осомничени се 30-тина лица од кои на поголем дел им се изречени мерки на претпазливост, на дел куќен притвор, а двајца од нив, односно татко и син, се во притвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Обвинителството соопшти и дека делата на осомничените може да бидат преквалификувани доколку има нови докази во случајот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG