Дваесет дена по крвавите настани во Собранието, за десетици луѓе е отворена истрага за учество во толпа, двајца се во притвор за обид за убиство, фластерите и преврските на лицата на пратениците се уште сведочат на нападите, а најповредениот пратеник Зијадин Села по престојот во болницата во Тетово, најави дека ќе го продолжи лекувањето во странство.
Речиси 30 луѓе се осомничени за учество во толпа, кој за потешко, кој за полесно кривично дело, за поголемиот дел од нив се изречени мерки за претпазливост, а само за неколкумина имаше притвор.
Утре се очекува деветмина од осомничените за насилствата во Собранието да бидат изведени пред Суд. Обвинителството ги товари за учество во топла. Пратениците од парламентарното мнозинство, како и дел експерти, сметаат дека делото треба да се преквалификува во потешко дело.
Од здружението „Тврдокорни“ повикуваат на собир пред Основниот суд Скопје 1, со цел, како што велат, да им дадат поддршка на оние кои ќе бидат изведени пред Суд со обвиненија поради настаните во Собранието на 27 април.
Денеска пред Обвинителството исказ даде новиот претседател на Собранието Талат Џафери. Насилствата во законодавниот дом уследија по неговиот избор кога граѓаните кои протестираа на протестот во организација на „За заедничка Македонија“, насилно влегоа во Собранието и нападнаа пратеници и други присутно во Собранието. Во насилствата беа нападнати и повредени и новинари.
„Тие што насилно влегоа во Собранието, повеќето од нив беа со намера физички да ги загрозат животите на пратениците, новинарите и сите кои беа присутни во тоа време во Собранието. Сметам дека од мојот исказ ќе се извлече соодветен заклучок за формулирање на кривично-правниот настан и соодветно да се преземат мерки кон учесниците, имајќи предвид дека дел од пратениците придонеле, со отворање на вратите да се влезе внатре во Собранието, а дел од припадниците на МВР со неделување се учесници во кривично-правниот настан“, рече претседателот на Собрание, Џафери по исказот во Обвинителство.
Во меѓувреме денеска од движењето „ За заедничка Македонија“ поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако на 12 мај даде исказ во Обвинителството за настаните на 27 април во Собранието, рече дека шест пратеници на ВМРО ДПМНЕ учествувале директно или индиректно во настаните и насилството во Собрание. Заев вели дека двајца пратеници ја отворила вратата на собраниската зграда, а четворица давале директни патокази како да се оди до прес салата каде што беа пратеници од парламентарното мнозинство.
„Денеска сум во Јавното обвинителство како оштетена страна, еден од тие кои беа под директен напад од толпа народ, издвоена група која имаше намера да направи убиство и тоа беше очигледно со добар план и умисла. Дадов исказ пред јавниот обвинител, ги кажав сите детали кои ги имам во сеќавањето по оние повеќе од 2 и пол часа тероризирање што се случија во прес салата на Собранието на Република Македонија“, рече Заев.
Камерата на Радио Слободна Европа сведочеше на нападите врз пратеничката Радмила Шеќеринска, која е и заменик-претседател на СДСМ. Таа прво доби удар по глава со ставив, а потоа повозрасен човек ја влечеше за коса.
„Пораката која сакам и денеска да ја упатам до Јавното обвинителство на Република Македонија е дека е неприфатливо кога група на насилници напаѓаат на нашиот живот, здравје, егзистенција, не само како пратеници, пред се како граѓани на оваа држава. Кога не напаѓаат со тешки предмети, кога не напаѓаат со цел да не убијат, не може единственото дело за кое ќе се процесуираат, да биде Учество во толпа“, изјави Шеќеринска, откако даде исказ во Обвинителството.
Нивниот сопартиец, Оливер Спасовски, кој во техничката влада за спроведување избори ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи, по посетата на Обвинителството побара да се утврди и командната одговорност во МВР. Пред Обвинителството искази даваа и други пратеници од СДСМ.
Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, повика Обвинителството да не подлегнува на притисоци и да го истурка случајот до крај, а осомничените од толпата да ја добијат заслужената казна.
Пратеникот Зијадин Села од коалицијата „Алијанса за Албанците“ заврши со најтешки повреди и неколку денови помина во болница. Тој ќе патува и во странство на понатамошно лекување, по што ќе се врати на политичката сцена.
На двајца од напаѓачите на Села, татко и син, им е одреден притвор од 30 дена. Тие се осомничени за обид за убиство.
Во ОЈО беа повикани и двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.