Крвавите сцени од четвртокот во Собранието се уште предизвикуваат вознемиреност во јавноста, но мора да се случи национално, меѓуетничко, партиско помирување, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Подготвен сум да пружам рака секому, вели тој.
„Јас сум православен христијанин, верник, и најголемото простување во мојата вера, а верувам тоа е така и во муслиманската и во католичката, е да му се прости на непријателот. Ние имаме политички непријател, други немаме. Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на суд и ќе си понесе одговорност, но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување ако сакаме да соработуваме“, вели Заев.
И за политичкиот аналитичар Џељаљ Незири понесувањето одговорност е главен услов за помирување. Ако не се случи тоа, ако не се одговора за случувањата во четвртокот, наместо помирување ќе се генерираат нови инциденти, смета тој.
„Ако работите продолжат да се одвиваат на ваков начин, ќе се продлабочат поделбите во општеството, а инцидентите како тие во Собранието ќе станат секојдневие“, вели Незири.
Во однос, пак, на формирањето влада Заев е уверен дека успешен ќе бил неговиот мандат како премиер ако не дозволел да има, како што вели, нови причини за блокади и ако соработуваат со опозицијата. Сепак вели дека се надева на реформи внатре во ВМРО-ДПМНЕ и инсистира дека амнестија немало да има за никого.
„Тоа не може никој да го гарантира, се се знае, нема повеќе тајни во Македонија. Ако беше за амнестија, тајни преговарања и договорања, досега ќе заборавевме на политичката криза, ќе се сменеше власта, ама ќе ја немавме правдата и правната држава. Заради тоа се случи веројатно и насилството, оти некој е исплашен од одговорноста“, вели Заев.
Во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела, Заев зборува и за првите мерки на идната влада, за реформите во правосудството, прашањето за името, стратегиската поставеност на Македонија.