Собраниските служби информираат дека го испратиле писмото на претседателот на Собранието Талат Џафери, во кое тој го информира претседателот Иванов дека е конституирано парламентарно мнозинство. И лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со високи претставници на ОБСЕ денеска потврди дека писмото во кое е наведено дека е оформено парламентарното мнозинство вчера било испратено до претседателот Ѓорге Иванов, но се уште не знае дали е примено од неговиот кабинет.
Со ова почнува да тече рокот за доделување на мандатот за состав на новата Влада. Откако Иванов ќе го добие писмото треба да поминат 10 дена за тој да се изјасни. Од Кабинетот на претседателот Иванов, кој по средбата со американскиот претставник Хојт Ји напиша писмо дека ќе бара дополнителни докази дека ќе се зачува унитарноста на државата, нема информации дали го добиле писмото од Талат Џафери.
Заев денеска истакна дека откако ќе почне процедурата од 10 дена за формирање на влада е подготвен да има средба со Иванов и заедно со коалициските партнери, како што рече, уште еднаш да ја гарантираат унитарноста на Македонија и се останато што предизвикува загриженост кај шефот на државата.
Според поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, Иванов не може да одолговлекува со неразумни оправдувања и мора да ја исполни уставната обврска и да го додели мандатот за формирање влада. Тој наведува дека и заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Ји го потсетил Иванов дека Македонија и САД имаат декларација за стратешко партнерство во која во една од точките пишува дека САД го гарантираат суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарноста на Македонија
„Јас не знам кој треба да му даде поголема гаранција дека ќе се зачува унитарниот карактер на Македонија. Гаранција е програмата на владата, дополнително од она што го имаме од САД, во која апсолутно никаде не постои заложба за федерализација и кантонизација..., така што овој чин е само формален. Претседателот на Собранието е веќе избран, Службен весник еве ќе го објави“, изјави Петковски.
Во меѓувреме од Службен весник информираа дека е доставено барање за објавување на Одлуката за избор на претседател на Собранието и оти таа ќе биде објавена во почетокот на наредната недела во првиот број на Службен весник. До ова доаѓа откако парламентарното мнозинство со 67 потписи заверени во собраниската архива вчера пратија допис до Службен весник од кој било побарано да се објави одлуката за избор на Талат Џафери.
Петковски вели дека се можни нови опструкции од опозицијата во Парламентот за формирањето нова влада и по насилството во Парламентот. Но, тој изрази очекување дека дебата за избор на нова влада која треба да трае три дена согласно Деловникот ќе биде спроведена според законите.
„Во уставот јасно стои дека дебатата може да трае максимум три дена. Најголемата опструкција може да трае три дена и ништо повеќе“, вели Петковски.
Инаку новиот претседател на Собранието Талат Џафери денеска пристигна во Брисел во еднодневна посета што е негово прво патување надвор од земјата по стапувањето на функцијата. Џафери во Брисел оди по покана на највисоките претставници на Европската унија.
По средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, Џафери изјави дека не може да свика седница додека трае рокот претседателот Иванов да го додели мандатот за состав на влада.
„Јас сметам дека Иванов ќе рефлектира во однос на обврската во уставниот рок да го даде мандатот. Мислам дека сите извлековме поука од 27 април, особено тие што и дадоа поттик на таквата состојба не би требало да се дојде во ситуација после неколку дена да се повтори и да се направи реприза на она што се случи“, порача Џафери.
За поставувањето на албанското знаме во неговиот кабинет рече дека ги разбира сите реакции. Но, по настаните од 27 април, како што рече, треба сите да разберат дека ни знамето, ни политичките програми на албанскиот партии не влијаат врз политичкиот живот во Македонија, бидејќи тие се во согласност со Уставот и законите и со нив ништо не се загрозува.
Џафери денеска во Брисел се среќава и со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини, со претседателот на ЕП Антонио Тајани, како и со европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.
Како што се наведува во соопштението, на средбите Џафери уште еднаш ќе ја реафирмира определбата на Македонија за полноправно членство во Европската Унија, како и улогата на Парламентот во тие процеси.
Новоизбраниот претседател Талат Џафери од вчера и официјално стапи на функцијата и го презеде кабинетот од Трајко Вељаноски.