Достапни линкови

Џафери го презеде кабинетот на собранискиот спикер


Џафери седна во претседателскиот кабинет во Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:29 0:00

Џафери седна во претседателскиот кабинет во Собрание

Новоизбраниот собраниски спикер Талат Џафери седна на новото работно место. Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар беше негов прв гостин. Од собраниските служби велат дека работат на изготвување на потребните документи, со цел нормализација на работата на Парламентот.

Новоизбраниот собраниски спикер Талат Џафери денеска го презема кабинетот од неговиот претходник Трајко Вељаноски. Прв гостин на Џафери му беше амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. Со тоа и официјално Џафери започна да ја извршува функцијата. Иако вчера му беше првиот работен ден, тој не влезе во кабинетот, бидејќи Вељаноски имаше средба со пратениците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На новинарите денеска им беше дозволено да влезат и да го снимаат Џафери на неговото работно место.

Од собраниските служби ни изјавија дека сега е најважно оти бил предаден кабинетот на новоизбраниот спикер и додаваат дека работат на изготвување на сите потребни документи.

„Тој заедно со членовите на својот кабинет и со собраниските служби работи на сите оние формално-административни работи, кои мора да бидат направени за нормално функционирање и вршење на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Инаку самиот чин на примопредавање беше извршен најнормално како што доликува на принципите на парламентаризмот“, соопштија од одделението за односи со јавност при Собранието.

За средбата со Жбогар од таму информираат дека амбасадорот му честитал на Џафери и притоа истакнал дека со тоа Собранието и Македонија продолжуваат со процесот на целосна интеграција во евроатлантските структури.

Џафери истакнал дека ќе работи на јакнење на демократските процеси и целосно остварување на принципите на парламентарната демократија во функционирањето на Собранието како законодавен дом. Тој изразил очекување и дека брзо ќе биде формирана влада.

По преземањето на кабинетот останува собраниските служби да изготват правен документ во кој ќе биде наведено дека Џафери е новиот претседател и потоа документот да биде испратен и објавен во Службен весник, вели поранешниот спикер Стојан Андов.

„Треба да се изработи правен акт, одлука дека е избран претседател. Тоа треба службите во Собранието по правило да го направат, иако слушам дека тие бојкотираат. Потоа останува одлуката да ја испратат до Службен весник и да бараат да се објави. Не може да не се објави во Службен весник, ако испратат документ“, вели Андов.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска со истиот став, дека Џафери е избран на нелегален начин за претседател на Собранието на Република Македонија.

„Го знаете Деловникот, го знаете и Уставот, знаете на кој начин и дали на законски начин е избран Џафери. Флагрантно кршење и на Деловник и на Устав и за законот“, изјави на денешната прес- конференција Драган Данев од ВМРО ДПМНЕ.

На прашањето дека цела меѓународна заедница го признала изборот на Џафери и зошто тие го оспоруваат тој го повтори истиот одговор.

Од СДСМ посочуваат дека сега е работа на собраниските служби да ги завршат понатамошните процедури со кои и официјално Џафери ќе може да го испрати писмото до претседателот Ѓорге Иванов, со кое ќе го информира дека е формирано парламентарно мнозинство, на кое тој ќе треба да му го даде мандатот за состав на нова влада.

Од ДУИ, за натамошни прашања поврзани со активностите на Џафери, упатуваат до неговиот кабинет, бидејќи, како што велат, неговата функција сега е натпартиска.

На прашањето до ВМРО-ДПМНЕ што сега ќе преземе партијата откако Џафери го презема кабинетот, бидејќи не го признаваат неговиот избор, засега без одговор.

Џафери ги почнал процедурите, ВМРО ДПМНЕ не го признава
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Вчера Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието изјави дека Џафери е нелегитимно, неуставно и нелегално избран на функцијата. Според него, со неговиот избор бил направен преседан и била прегазена процедурата на правото и демократијата.

Артан Груби од ДУИ, пак, порача дека се надева оти од ВМРО-ДПМНЕ нема да има опструкции во процедурите и дека никој нема да врши кривично дело, односно ќе се постапува во согласност со законот и ќе се почитува парламентарното мнозинство во Собранието.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG